Приказни од градот: Мојот личен стил е одраз на мојата бунтовност

15 ноември 2018

Младата македонска дизајнерка Стефанија Насеска Попадинец е нашата нова соговорничка во рубриката „Приказни од градот". Во разговорот со неа отворивме различни теми на кои таа ни ги образложи нејзините лични видувања. Почнавме со уличната мода каде како естетика таа го категоризира нејзиниот личен стил, продолживме со нејзиниот работен ангажман во Америка за брендот Hottie and Lord, a не го изоставивме ниту Инстаграм како една од најпопуларните социјални платформи што Стефанија го користи како електронски личен дневник.

Колку твојата естетика како дизајнер се рефлектира во твојот личен стил?

-Една од првите работи кои ни ги кажаа за време на студиите на Accademia Italiana беше и тоа, својот личен стил да го оградиме од нашите дизајни. Јас повеќе милувам да кажам дека и во двете го внесувам сопствениот карактер меѓутоа различно модно го преведувам. Кога се работи за личниот стил комбинирам туѓи парчиња и се раководам по уличната мода ширум светот која на моменти преминува во 'camp' што на светската модна сцена е еден од главните модни трендови оваа сезона. Додека моите дизајни се направени како дел од правецот на ангажирана мода. Тука сум многу посмирена во однос на линија, крој, меѓутоа секое е парче е со многу силна порака модно преведена.

Што го карактеризира твојот имиџ?

-Уличната мода е главна карактеристика врз која се потпирам додека го градам сопствениот имиџ. Комбинирам класични со спортски или секојдневни парчиња ги декорирам со модни додатоци и добивам несекојдневни модни комбинации. Оваа сезона како што спомнав погоре главен моден тренд е уличната мода а поистчаните дизајнери веќе го диктираат 'camp' стилот кој за многумина е неприфатлив, а за мојата естетика сосем соодветен и екстравагантен. Во случаите кога естетски го применувам кампот не сум сфатена од пошироката публика, но тоа воопшто не ме обесхрабрува зошто знам дека за некоја сезона тие истите би се воодушевувале и би го вметнале во сопствениот стил. Бариерата која постои е тоа дека грото од луѓето се навикнати на некоја друга естетика. Јас уживам да рушам бариери па често ќе ме гледате во такви изданија. Бунтовноста како карактерна особина ја поседувам и ја имплементирам во своите дизајни и во стилизирање на персоналниот стил, но и на двете места е употребена на различен начин.

Кој аспект од уметноста има најголемо влијание во креирањето на твојата стилска перцепција?

-Како творец на применета уметност не можам да оддвојам само една. Сметам дека една личност е комплетна кога има познавање од се, а особено тоа важи за уметниците. Еден уметник се смета за целосен доколку неговото творештво е базирано врз добро потковано знаење и инфлуентност од сите уметности. Музика, мода, филм, историја на уметност, литература и уште многу други имаат оставено свој посебен печат во оформувањето на 'јас' како уметник.

Која модна декада најмногу те фасцинира и зошто?

-За време на студиите детално ги проучувавме и анлизиравме модните декади. Секоја од нив има свои карактеристики и свои убавини. Никогаш не би можела да издвојам една и да ја потенцирам. Инспирација пронаоѓам во секоја од нив, кроеви, стилови, линија, чистина, кога така модно ги анализираш работите секогаш навлегуваш подлабоко и сфаќаш дека и клучните модни трендови во било која декада влечат подлабоки корени од минатото. Јас буквално можам и сакам инспиративно да ги обработувам сите модни декади.

Кои улици ја имаат најавтентичната улична мода според тебе?

-Прво би започнала од она што мене ми е блиско и уличките по кои уживам да шетам. По скопските улички во Дебар Маало може да се забележат доста урбани ликови со веќе изграден стил. Особено драги ми се дневните изгледи со цела таа лежерност и урбаност која ја нудат често пати потсеќаат на уличната мода во светските метрополи. Исто така блиску до нас, а многу далеку естетски од нас во позитивна конотација, можам да ги издвојам уличките во центарот на Солун. Тие пак нудат една сосем поинаква естетика која е многу поблиска со светската модна сцена одколку оваа кај нас. По овие солунски улички можат да се забележи страшно добар уличен стил на многу од локалците. Едноставно уживање е да се седи и да се пие кафе опкружен од урбани момци и девојки. Неодамна го посетив Лисабон и пријатно се изненадив од уличната мода што ја понуди градот. Иако се уште стојам на ставот дека поладниот период од годината нуди повеќе креативност, топлиот Лисабон навистина неочекувано ме изненади со тоа што го понуди. Од светските метрополи би ги издвоила Њујорк, Лондон, Токио за улична мода и покрај тоа што сметам дека секој град има своја автентична слика и перцепција за мода.

Како го доживуваш Инстаграм, како личен стилски дневник, функционален социјален медиум, платформа за промоција...?

-Инстаграмот е се по малку од горенаведеното. Јас веќе долго време работам и следам се преку Инстаграм. Често пати знам да искоментирам за заклучените профили на поголем дел од македонците. Инстаграмот е отворен социјален медиум за промоција. Сите светски ѕвезди имаат отворени профили преку кои се обидуваат да се поблиску до своите фанови, притоа покажувајќи ги своите вистински лица, а не онакви лажни како што предходно ни беа прикажувани од жолтиот печат. Може да се каже дека е еден вид на електронски личен дневник на кој сервираме се она што сакаме да им прикажеме на следбеници од нашето секојдневие и приватност. За жал кај нас се уште не е доволно добро сфатен и разработен.

Еден период имаше работен ангажман и во Америка. Со какво искуство се врати од таму и ти наметна ли нови амбиции тамошната работна динамика?

-Точно така, од мај 2016та до мај 2017та живеев и работев во Америка за ново лансираниот бренд на американскиот пазар Hottie and Lord. Денес се уште работам за нив, но мојот сегашен ангажман не бара физичко присуство, па можам да сум тука до блиските, а работата да не трпи никакви загуби. Америка беше и ќе остане едно огромно искуство за мене, што на приватно поле, што на бизнис план. Американскиот пазар е огромен и само тој што не сака да успее, нема да успее, на останатите на сите кои работат и вложуваат труд им е загарантиран успех. Како дизајнер на Hottie and Lord во САД бев за лансирањето на брендот, негова промоција и отворањто на првата продавница, денес за краток временски период H+L има две продавници во Атланта и Лос Анџелес и неколку концепт продавници со кои соработуваме во Њујорк, Вашингтон и Лондон. Брендот полека, но сигурно се шири, а мене ми овозможува работа од дома. Можам да се пофалам со повеќе соработки со печатени и онлајн модни списанија во Лос Анџелес како и со соработките со холивудските ѕвезди. Мој дизајн под етикетата на H+L го носеле Оливиа Палермо, Бека Тоби, Кортни Кардашијан, Рене Винтерспун, Џенифер Билс, Лил Мама, Алисон Холкер и уште многу други. Соработката со H+L продолжува. Многу работи научив како функционираат во модниот свет кога се во прашање големите ѕверки, и се тоа денес ми ја олеснува работата. Македонската модна сцена е далеку од успешна приказна, среќа што постојат голем број ентузијасти кои упорно се трудат да ја кренат на сигурни нозе.

Денеска носиш предимензиониран жолт дуксер, што и како боја и како модно парче е тенденција. Има ли некоја посебна приказна зад твојот денешен аутфит?

-Приказни има позади секој мој аутфут, но овој, поточно тие со CLVSESOCIETY ми се посебно драги. Се работи за спонтана соработка меѓу мене, мојот другар Бојан Чунде и грчкиот бренд @clvsesociety. CLVSE е многу млад но успешен моден бренд за уличен стил на грчкиот пазар, поточно во Солун. Зад него стои еден млад визионер кој смело чекори напред и освојува нови територии. Така започна и нашата соработка, идејата е CLVSE да се прошири и тука нудејќи урбани квалитетни парчиња облека. За негова промоција како бренд амбасадори сме задолжени јас и Бојан и приказната успешно се развива. Секое парче е изработено со внимание и љубов од квалитетни материјали, притоа неексплоатирајќи го работничкиот труд. Бренд кој смеат да го носат само урабани ликови со веќе изграден стил.

Проект/соработка во најава...

-Периодов сум ангажирана на неколку проекти кои пробувам да ги изменаџирам. Заедно со моите драги колеги Милена Атанасова и Никола Каракашов го основавме И? моден бренд под кој ќе твориме тројцата и ќе се стремиме кон освојување на нови пазари и достигнување на нови цели. Посебно ми е драго што сите сме различни по сензибилитет и стил и секој од нас ќе се труди да остане свој, а сепак ќе бидеме споени. За понатамошните планови на И? и се околу него може да се разговара во некое друго интервју зошто позади нас има долга и добра приказна. Поради работните обврски за Hottie and Lord и работата како менаџер на бутик Ивери тука во Скопје, подолг период паузирав со сопствениот бренд. Можеби за скоро би се појавила со нешто ново зошто чувствувам реална дразба и потреба да реализирам нешто креативно во мој стил. Ништо не ветувам освен тоа дека Вие како медиум и Вашите читатели и следбеници ќе бидете благовремено известени за секој мој понатамошен чекор на поле мода.

Објавено:
15 ноември 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
897 пати