Теа Клинчарова Стојевска

Приказни од градот: Добри фармерки би носела и до крајот на животот

15 мај 2018

Овој прекрасен вторник решивме да ви раскажеме една градска приказнa. Неодамна, вниманието нѝ го привлече една интересна девојка со шармантни комбинации кои умее да ги носи на единствен начин. Знаевме дека дефинитивно треба да ве запознаеме со неа и сакавме таа да ја раскаже својата стилска градска приказна. Од разговорот со Теа Клинчарова Стојевска, дознавме дека таа е заљубена во модата, во уметноста, во фасадите, во Барселона, во ќерката Миа... На интервјуто со нас дојде во шармантна бела кошула, стилски фармерки и црвени чизмички кои е тешко да не ги забележите. Дека обожава модни додатоци нѝ покажа и со турбанот и впечатливите обетки кои одлично ѝ прилегаа. Разговорот го започнавме со стилските правила до кои таа се придржува, а кои знаевме дека ги има веднаш штом се запознавме.

„Мојот стил е дефинитивно спортска елеганција, често сум во фармерки, патики, многу модни додатоци, сакам да носам спортски маички и секако, белата кошула која е нешто што мора да го имате“.

Ќе каже дека од дома не излегува без маскара, очила за сонце, лабело и телефон без кој денеска и не се може.

За тоа колку деловниот стил кореспондира со нејзиниот приватен и колку може и таму да ја покаже креативноста при правењето комбинации, Теа вели:

„Имав среќа да не постои некој дрес код таму каде што работам, па можам да се облекувам онака како што сакам. Сепак, што и да облечам, и да е некоја деловна комбинација, гледам да има мој белег. Модните додатоци за глава во последно време ми се вистински хит, па секогаш гледам да вклопам нешто во секојдневните комбинации“.

Не сака слепо да ги следи трендовите, но сепак, тие се нешто што некогаш не може да се заобиколи. Нејзиниот стил, настрана трендовите, го опишува како спортски, кежуал и кул.

Не можевме, а да не ја прашаме дали постои некоја инспирација кога се комбинациите и стилот во прашање.

„Моментално во Турција има две девојки кои се другарки и кои имаат супер бренд. Многу ми се допаѓаат и постојано ги следам. Гледам дека и вие често ја објавувате, но и мене особено ми се допаѓа и принцезата Дина, иако за жал, на Инстаграм не објавува фотографии од себе, туку од модни икони кои ѝ се допаѓаат. Морам да ја споменам и дизајнерката Јоана Ортиз која има кул парчиња и многу романтичен стил кој ми се допаѓа. Токму на нејзината страна сосема случајно ја пронајдов мојата венчаница, која ја смислив сама, па можам да кажам дека некако ни се поклопуваат стиловите, односно сè што сакам, таа го има креирано“, вели Теа.

Иако често можеме да ја видиме во патики и удобни чевли, сака да носи стилски потпетици, па сосема соодветно, на прашањето чиј плакар сака да го преземе на еден ден, вели на Сара Џесика Паркер.

Настрана познатите модни центри, како најстилски градови таа ги издвојува Истанбул, Загреб и сите скандинавски, каде што вели има многу модерни девојки кои секогаш си прават комбинации за себе, без да се грижат дали некој ќе ги фотографира.

Како што споменавме, заљубена е во Барселона, иако има посебна врска со Италија.

„Студирав италијански јазик и книжевност и имам посебна врска со Италија, но Барселона ја обожавам. Ги сакам сите градови, секаде има посебна култура и уметност, убави фасади, бидејќи јас сум заљубена во фасади, бидејќи токму тоа и го работам. Секој град е посебен и ја почитувам секоја култура“.

Добрите фармерки ги издвојува како парче што би го носела до крајот на животот, но белата кошула, црната ролка и црните потпетици се нешто што секоја девојка, секогаш треба да го има во плакарот.

Како нешто што ќе владее ова лето, таа ги издвојува карнерите кои повторно се хит.

„Гледам дека повторно ќе се носат карнери и блузички на едно рамо. Иако повеќе сакам сандали и добри еспадрили, доста модерни ова лето се папучите, кои иако се доста интересни, некако не ме влечат. Задолжителни се добрата сламена чанта, шапката, очила за сонце и секако, фактор 50 – ка“.

Она што во последно време најмногу ѝ го задржува вниманието и на што целосно е посветена, е нејзината ќерка Миа, која скоро полни една година. Иако си рекла дека нема да ја малтретира и да ја дотерува постојано, не може да ѝ одолее.

„Си реков дека нема да ја малтретирам и ја облекувам во претежно памучни работи, затоа што сакам спортски стил и сакам таа да е слободна. Некогаш не издржувам (се смее). Сакам да ѝ го пренесам овој стил што го имам кој ми е пренесен од мајка ми, бидејќи таа секогаш се дотерувала и сум ја гледала и сакам и на Миа да ѝ го пренесам тоа. Ѝ врзувам турбанчиња, сите се чудат што не ги вади, но ги сака. Навистина ми е мерак да ѝ правам комбинации“.

Сосема за крај, таа порачува дека она што е вистински важно кога станува збор за стилот е дека без разлика што и да носите, треба да се чувствувате пријатно во истото, бидејќи ако не е така, сите ќе забележат. 

Објавено:
15 мај 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.160 пати