Соња и Франка Граждани

Приказни од градот: Експериментирајте секој ден!

13 јули 2018

Соња и Франка Граждани се ултра стилски сестри, вљубенички во модата, патувањата и уникатните парчиња. Како што самите ќе кажат, повеќе се браќа отколку сестри, но и двете дефинитивно зрачат со женственост и позитивна мисла која денеска е единствен излез од секојдневното сивило. Соња студира медицина, додека Франка е заљубена во машинството, за што скоро ќе добие и диплома. Во слободно време, Соња е модел, а Франка едукатор на мали дечиња за Лего коцки. Ние имавме можност да поминеме едно забавно претпладне со нив, направивме неколку кул фотографии, а тие уште еднаш ни докажаа дека се супер урбани девојки кои на сите нѝ порачуваат да експериментираме секој ден!

-Kои се најинтересните спомени од детството што прво ви доаѓаат на ум?

Соња: Се сеќавам дека еднаш најдов многу мала мачка и ја земав и ја донесов дома, ја викавме Гато (од грчкиот збор). Тое е првото и единствено животно што сме го чувале дома.

Франка: Прво што ми доаѓа на памет е групата што ја имавме со моите братучеди, со кои мислевме дека сме шпиуни. Тоа беше само наша група – шпиуните Граждани. Имавме и воки – токи и ги шпиуниравме сите, дури и баба ми ѝ и дедо мѝ. Можеа да не најдат во секое ќоше со тетратки каде пишувавме кој што прави, па после споделувавме.

-Какви деца бевте?

Соња: Јас бев многу мирна и тивка. Сосема спротивно од сестра ми.

Франка: Јас не бев (се смее). Постојано трчав, се бунтував, им бегав...

-Отсекогаш ли бевте заљубени во стилските комбинации?

Соња: Тоа повеќе почна од Франка, таа секогаш земаше облека од сите по дома, од мајка ми, од татко ми, дедо ми...Секогаш земаше нивни кошули, капи...Но сепак, најголемо влијание имавме од мајка ми. Таа секогаш имаше посебен стил, елегантен и многу ни влијаеше. Земавме нејзина облека и сè уште земаме.

Франка: Јас од кога памтам, знам дека земав облека од татко ми и братучедите. Ги стегав со ремен за да бидат помали, земав очила од мајка ми, постојано ги кршев, но секогаш експериментирав.

-Си позајмувавте ли облека?

Соња: Да, цело време. Нормално, со тоа оди и карање (се смее), особено од страна на Франка. Си позајмуваме, но се договараме да не се сликаме, за да не знаат дека јас ја носам нејзината облека или обратно. Може да си земаме облека една од друга, но да не се сликаме.

Франка: Или не смее да се појави со моја облека на место каде јас излегувам, бидејќи луѓето ќе знаат дека е моја.

-Опишете го стилот на Вашата сестра...

Соња: Можам да кажам дека стилот на Франка е бунтовен, слободен, без правила, што и текнува, облака, а и стои добро. На пример, денеска носи спортски топ и кошула од татко ми, а изгледа супер. Многу ризикува и секогаш и успева, затоа што може да го носи.

Франка: Каков што е карактерот на Соња, таков и е стилот. Помирен, нема мнгоу бои, нема многу парчиња, но затоа убаво го носи. Јас не се препознавам во таква облека. Носи помалку накит и помалку шминка.

-Која повеќе знаеше да чува тајни?

Соња: Ние отсекогаш сме биле многу отворени. За разлика од другите сестри, ние не сме се прегрнувале многу, ние сме повеќе како браќа (се смее). Имаме специјален однос, се гушкаме само за родендени и нова година. Од друга страна сме многу отворени. Ние знаеме кога нешто не треба да се каже, не треба да се потсетуваме.

-Кој е најдобриот совет што го добивте од вашите родители?

Франка: Татко ми има една добра изрека: „There’s always place on the top“... Колку и да нема шанси, прилики или паркинг место, пробајте да најдете. Важно е да не се откажуваш.

-Ако можете да се запознаете со било која личност во светот, која би била таа?

Соња: Мора да се живи? (се смее). Со Никола Тесла.

Франка: Со Елон Маск. И со Вирџил Абло, дизајнерот на Off White. Покрај дизајнер, тој е и инженер и има луди идеи со кои прави „бум“ низ светот.

-Што најмногу се плашевте да и кажете на вашата сестра? (за момче, оценка...)

Соња: Дека се поправила (се смее). Можеби некогаш ми било незгодно да ѝ кажам за некое момче, но никогаш не ми било страв. Сепак, најстрашно било да ѝ кажам дека качила килограми или дека сум уништила нешто од облеката.

-Како би ја опишале вашата сестра во неколку зборови?

Соња: Многу е слободна, самостојна, не размислува многу за другите што ќе мислат, ретко прашува за мислење и секогаш ги следи желбите и соништата. Многу е креативна, неверојатно и сите ние и денес учиме од неа.

Франка: Соња е многу мирна, бавна и таа прави тоа што ќе и текне, можеби прашува за совет, но пак ќе го направи она што го смислила. Јас сум подраматична, многу погласна. Никогаш не се кара, не крева паника, за разлика од мене.

-Совет за младите девојчиња од вашата генерација...

Дотерајте се без разлика каде одите, облекувајте се како се чувствувате, без разлика што можеби приликата не е таква. Не ги следете слепо трендовите, автоматски не се издвојуваш и никој нема да те забележи. Експериментирајте максимално! Ако не сте носеле одамна некоја маица, облечете ја таа денеска. Што и да носите, треба да знаете како да го носите и да се чувствувате убаво пред сè, дури и да се тоа обична маичка и фармерки.

Објавено:
13 јули 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
778 пати