Приказни од градот: Секојдневно се запознавам себеси

4 јули 2018

Неодамна во градскиот парк во Скопје, присуствувавме на една неконвенционална инсталација со која беше промовирана една нова, свежа, градска, урбана приказна – ОХ како збир на креативни енергии и револуционерни идеи. Таму се запознавме со Моника Павловска @mpvsk, дел од тимот на ОХ, студентка на ентериерен дизајн, која обожава да работи на полето на визуелната уметност и меѓу другото обожава гумени бомбони и паста. Индивидуализмот кај неа силно е изразен преку нејзиниот автентичен имиџ, што како тема се надоврза на нашиот муабет. Ве запознаваме со Моника во разговорот во продолжение:

Моника како ти се најде во приказната на OX и каква е идејата на целиот концепт?

-Многу спонтано. Излегов со Илија на пијачка, првично состанокот се однесуваше на друг проект, но го спомна ОХ, па така до крајот на состанокот не зборувавме за ништо друго освен за ОХ. Од тогаш, еве се уште зборуваме само за тоа. :) ОХ е збир на креативни енергии и револуционерни идеи. Она што излегува на 4ти јули (дроп на првата колекција) и она што е предвидено да се случува во наредниот период, како и самиот настан за отворањето, многу подобро ќе опишат за што поточно станува збор.

Стартувавте со неконвенционална инсталација – перформанс во парк. Кои се првите импресии?

-Па скромно кажано, тоа е првиот настан со таков концепт на овие простори.
Герила пристап за промовирање на настан, без медиумска покриеност и ПР, постери за настанот кои беа соработки на Илија со неколку истакнати македонски уметници (постери во прилог со имиња од артистите кои соработуваа), 8 промо видеа на кои работевме јас и Илија, за да реализираме перформанс за лансирање на бренд во парк, кој имаше посетеност од над 450 луѓе и импресии и коментари што беше прекрасно да се слушнат. Како дел од настанот, како и тоа што ќе се случува во иднина, се вклучени и едни прекрасни, млади луѓе кои придонесоа тоа да изгледа така како што изгледа (ѕирнете ОХ на инстаграм и фејсбук за да се запознаете со нив). Irie Scratch и Gloomie се погрижија целиот настан да грува перфектно. Јас лично сум задоволна од она што се случи и пренетрпелива за она што ќе се случува.

Бунтовниот дух во музиката, литературата, модата – генерално во уметноста, во најмала рака произведува шареноликост на секое општествено ниво. Колку твојата генерација носи бунтовен дух во име на шаренилото?

- Искрено, не би можела да зборувам во името на целата моја генерација, но факт е дека ако ништо друго, дел од мојата генерација носи силен бунт со себе. Би акцентирала на тоа дека покрај целиот општествен пресинг низ кој проаѓаме како деца кои се судираат со целиот хаос на новиот милениум – мрачната страна на технологијата, војните, финансиските кризи, глобалното ниско ниво на совест и уште милион морничави случувања кои наместо да ги надраснеме со еволуцијата, ние стануваме се подобри во лошото, на глобално ниво, поминавме и низ средношколски и студенски протести кои оставија белег во нас засекогаш и меѓу другото тоа се искуства кои остануваат. Јас познавам и прекрасни луѓе од мојата генерација. Луѓе што го носат бунтот со себе.

Меѓудругото, бунтовноста честопати се изразува и преку личниот имиџ. Индивидуализмот кај тебе е јасно дефиниран. Што има најголем импакт врз твојата индивидуалност?

- Па секојдневно се запознавам себе си. Се надевам дека никогаш нема да бидам дефинирана, затоа што секогаш има простор за промени и растење. Многу бев мала кога научив да фоткам. Искрено не знам колку мала. Цело време фоткав. Во 4-то на екскурзија моите ми дадоа апарат, кој го скршив. Во 7-мо си купив сама. Така почна...

Околу тоа што има најголем импакт врз мојата естетика, не би можела да издвојам конкретна форма на изразување, некако сите аспекти: и фотографија и музика и филм и применета уметност и дизајн се спојуваат во она што сакам да го правам.

Не сакаме да поставуваме рамки во кои би подвлекувале дефиниции, но постои ли некое твое лично објаснување како би го категоризирала својот стил?

-Болд. МПВСК Болд. :)
Се почна од тоа што сум слаба и почнав да носам многу широка облека за да не изгледам толку слабо.
Подоцна му навлегов посериозно :)
Начинот на облекување е мојот омилен начин на изразување. Импактот од интернетот и околината, прикажан на мој начин со мој спектар на бои,текстури и форми – ова е најблиску до дефиниција за мојот стил.

Not your basic fashion blog. - Bleachedblck. Туку каков?

-BleachedBlck е обид да се започне блог што нема да се поистоветува со стандардните модни блогови во нашата земја. Го започнавме со Јована пред помалку од една година како концепт кој ќе содржи видеа и фотографии. Држиме до тоа креираме стриктно визуелни содржини, бидејќи живееме во време каде што не секој има доволно време да чита огромни текстови, па содржините ги претопуваме во две минутни видеа.

Кој е твојот омилен графит од скопските ѕидови?
-Не би можела да издвојам еден, два, три, но има графити низ градов кои "ми полнат очи".
Сте ги ѕирнале новите графити во ГТЦ? Прекрасно.

Кои се твоите ТОП 3 омилени културни настани на кои си присуствувала?
- Концертот на Gorilaz во Будимпешта
- Lemolо во МКЦ
- ОХ во Парк

Обележја од различни модни декади што те импресионираат...?
-Koкo Шанел од 20тите години на минатиот век, Platform heels од 70тите, кежуал, широки и минималистички парчиња од 90тите и треши комбинации од 2000тите.
(ова последново, до некаде) 

 

Објавено:
4 јули 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
889 пати