Прочитајте како се создаваше првиот парфем со македонски дизајнерски потпис

20 август 2013

По примерот на светските модни куќи и познати личности, сега и Македонија може да се пофали со првиот парфем потпишан од македонски моден дизајнер. Пред неколку дена преку медиумите дознавте дека дизајнерката Тања Кокев наскоро ќе го лансира парфемот кој го носи името „Актрес, а заштитно лице на истиот е нашата позната актерка Јелена Јованаова. Fashioel  во продолжение прв  ви открива како изгледа постерот и амбалажата на парфемот, како и конкретни детали околу тоа како  течеше идејата и  реализацијата , преку одговорите на дизајнерката Тања како и дизајнерката на формулата на парфемот Марија Аслимоска.

 

Веќе не толку ретко можеме да прочитаме дека македонските дизајнери имаат успешна соработка надвор од земјата, на прашањето дали беше тешко да се создаде еден парфем во Франција, Кокев вели дека ако се сака се се може, битна е само желбата и да знаеш колку бараш а колку очекуваш.

-Еднаш ме прашаа, како можеш еден ист парфем да го користиш со години? Реков, ќе го сменам тогаш кога ќе направам свој. И така се почна, идејата стана инспирација, инспирацијата реализација и се случи „Actress by Kokev“. Светот е отворен за секого, без разлика дали живееш во Македонија или Франција. Треба само да знаеш што правиш и да донесеш реална проценка. Не ми беше тешко, зашто според мене со малку труд може да се стапи во контакт со речиси секој човек на планетата, вели Кокев. Таа додава дека подготовките на формулата за парфемот траеле околу шест месеци, барајќи ја оригиналната нота што не потсетува на ниедна друга.

-Со дизајнерката на формулата на „Актрес“, Марија Аслимоска, успеавме да направиме формула која ќе биде уникатна и произведена во Франција и тоа на исто ниво со сите светски парфеми, по сите стандарди. Процесот беше долг и многу скап , но се исплатеше, сега го имам парфемот со кој искрено се гордеам, дополнува Тања.

И откога се најави новиот парфем, сега следува и негова промоција и продажба  која ќе се случи многу набрзо, но еве и колку ќе може да си го дозволи македонската жена.

- Промоцијата ја планираме за втората половина на месец септември и веднаш наредниот ден во продажба. Би сакала „Актрес“ да се продава низ сите парфимерии ширум земјава, имаме најави и за надвор, но се во свое време. Иако станува збор за француски парфем, направен по стандардите на скапите парфеми, сепак мојот ќе има пониска цена од нив, а бидејќи е нов на пазарот логично е да има цена прилагодена на нашите услови, вели Тања.

Меѓу поинтересните соработки на Тања е и онаа со младата дизајнерка на формули за парфеми, Марија Аслимоска која подетално ни објасни кои се всушност таканаречените луѓе „Носеви“ и како таа станала дел од нив.

-Да се биде " Nose"- (НОС) прво е потребна силна љубов кон парфемите, меѓутоа и добро развиено сетило за мирис, одлична меморија и секако соодветнa едукација. Јас имав голема чест да бидам избрана во една од двете единствени школи во светот за изучување на овaa уметност, а тоа е Grasse Institute of Parfumery во Франција, каде што секоја година примаат од целиот свет само 12 ученици. Тоа беше голем предизвик, ама сонот беше уште поголем за мене. Јас сум првата Македонка која ја има посетувано оваа школа и сум многу горда, кога на завршната церемонија ја одбележаа Македонија на нивната официјална мапа како земја каде што сега постои едуциран парфимер и уживам кога можам да бидам амбасадор на нашата мала земја, објаснува Марија, таа додава дека соработката за создавањето на „Актрес“ течелa многу лесно, зашто имала целосно одврзани раце до комплетната реализација.

-Идејата беше да мириса на actress-глумица. Така јас, пред да ја започнам работата во лабораторија, се прашував, како со својата палета да раскажам, Што е глумица? За мене, глумиците се жени што првенствено зрачат со талент, внатрешна и надворешна убавина, интрига, пленат со страсна и дива размазена страна, тие зрачат со самодоверба и имаат нешто во себе што е блиску до магија. Впрочем, можат во секунда да те маѓепсаaт. Кога се смеат, целиот свет изгледа како да се смее со нив. Ете така, јас се обидов да го раскажам сето ова во мојот парфем.Мандарината и бергамот на почеток во големи количини се идеални ноти, кои ја развеселуваат целата композиција. Тие се насмевката на Actress.

Нотите на Розев бибер, се следни кои се појавуваат во композицијата и за мене претставуваат ефект на блесок-отсјај на дијаманти. Тој е нејзиниот накит.

Во срцето на парфемот заедно се играат Циктус и Ружа со трња. Циктусот е тука за да ја претстави нејзината самодоверба. Ружата намерно ја направив да биде со трња, за да ја опише нејзината убавина, но и нејзината дива страна. Сето ова го поврзав со Толу балсам, кој има природно слатка нота која наликува на мед, помешан со цимет, кој ја претставува нејзината позитивна страна, на која никој неможе да остане рамнодушен, изјавува Марија.

Парфемот  не е единствениот чекор кон остварувањето на аспирациите на Тања, наскоро клиентите на ателје Кокев ќе може да нарачаат и фустани изработени од италијански материјали потпишани од Валентино и Унгаро. Тие објавуваат каталози од материјалите кои се достапни во ограничен број, а фабриката во Италија што ги произведува испорачува материјали за повеќе европски производители на познати брендови. Секоја ткаенина се произведува во ограничено количество а Кокев ја има можноста да создава креации токму од овие материјали со потпис.

-Без разлика што станува збор за толку реномирани компании, верувајте дека тие се лесно достапни. Луѓето надвор многу работат, не се ѕвезди и иако сме „мали“ за нив имаат голема почит. Треба да е јасно дека само во Македонија владее синдромот на глумење достапност, тоа во Европа а уште помалку во Америка го нема,така што соработката се случи на тој начин што јас ја презентирав мојата работа во Италија, тие ја бендисаа и ми ги дадоа каталозите на Валентино и Унгаро што беше најава за старт на соработка. Тоа беше скап чекор кој придонесува Кокев да го заслужи епитетот модна куќа, а на клиентите овие ексклузивни креации ќе им бидат достапни по објавувањето на мојата колекција есен зима 2013/14, вели Тања.

Тука не застанува дизајнерскиот подвиг, Кокев во својата агенда наскоро ќе дополни и колекција венчаници и тоалети за 2014, како и прва ready to wear колекција.

Наскоро.. на Fashionel  ќе го читате и целосното интервју со единствениот македонски парфимер, Марија Аслимоска.

 

 

Објавено:
20 август 2013
Категорија: 
Стории