Револуцијата на женскиот смокинг

12 декември 2013

Во време кога волуменозните здолништа и широките блузи и кошули се на врвот на листата омилени парчиња на многу девојки, убаво би било да се навратиме малку наназад кон модната историја и да бидеме гламурозни дами барем за миг.

Сега е одлично време да се подновите со еден смокинг во кој ќе изгледате навистина женствено и кој дефинитивно ќе ја истакне вашата фигура. Кога говориме за женските смокинзи, мора да се навратиме на нивните почетоци уште во 1966 година, кога единствениот Ив Сен Лоран го создаде оној совршениот!

Оттогаш женскиот смокинг не изгуби ниту малку од својата вредност и сексапил и до денеска остана едно од најпосакуваните парчиња во модниот свет. Со најразлични модификации низ годините, смокингот доживеа вистинска револуција.

1. Оригиналот

Бјанка Џегер не го заслужи епитетот „стилска икона“ поради тоа што се облeкуваше лошо. Таа беше вистински репрезент на добриот стил и подвижна реклама за неверојатниот женски смокинг.

2. Згодните девојки

За да носите ваков костим дефинитивно треба да го поседувате вистинското тело. Мора да признаеме дека на овие холивудски дами, смокингот им прилега и повеќе од совршено.

3. Основен модел

Правилото при избор на женски смокинг е тоа дека секогаш треба да се одлучите за оној основниот модел на класични панталони и палто, што секогаш е полн погодок. Модифицираните смокинзи со најразлични детали не се добар избор доколку сакате да оставите впечаток на елегантна дама.

4. Еволуцијата

Основниот модел на смокингот низ годините отиде неколку нивоа погоре. Кај девојките можевме да видиме различни модификации како палто од смокинг без ракави, смокинг како фустан и што уште не.

5. Смокинг фустан

Слободно може да кажеме дека вистинската претставничка на смокинг фустанот беше Ријана, која можеби и на најдобар начин знаеше да го носи истиот.

6. Некогаш и сега

Познатиот смокинг претрпе многу измени од оној на Ив Сен Лоран па се до денеска – од волуменозниот што можевме да го видиме кај Кетрин Денев па се до оној разголениот на Мајли Сајрус или Шерил Кол.

7. Шармантниот бел смокинг

Да признаеме, белата боја дефинитивно е една од најубавите. Доколку и вие сте обожавател на истата, таа може да биде совршен избор за вашиот новогодишен смокинг.

8. Лежерниот...

Доколку сте љубител на полежерен стил, палтото од смокингот комбинирајте го со широка кошула и темни фармерки. Супер за вашите дневни комбинации.

9. Луксузен и кадифен

Кадифениот смокинг секогаш е добар избор за елегантни настани, секако доколку сте љубител на ваквиот материјал.

10. Модни додатоци

Со оглед на тоа што смокингот треба да е највпечатливото парче на вас, останатите детали како чевли, чанта и накит задолжително нека бидат едноставни.

Објавено:
12 декември 2013
Категорија: 
Стории