Рига, Варшава и Букурешт: Новите предвесници на модата!

28 октомври 2013

Заборавете на модата од Бруклин, направете место за Букурешт – сега, некои од најдобрите продавници може да ги најдете единствено во европските земји.

Два пати годишно, најпознатите купувачи, уредници на модни списанија и блогери од целиот свет се дел од модните ревии во Њујорк, Лондон, Милано и Париз како едни од најпознатите модни градови. Но, што е со другите градови низ светот?

Дали источноевропските земји би можеле некогаш да добијат шанса на списокот за висока мода?

Хосе Невес, основач на онлајн продавницата Фарфеч, смета дека тие дефинитивно го заслужуваат тоа. Тој додава дека веќе некое време ги набљудува овие градови и смета дека имаат огромен потенцијал.

„Многу одамна знаев дека Романија, Полска и Русија имаат огромен број на многу добри продавници. Тоа го знаев од самиот факт што сопствениците се облекуваат неверојатно, разговараат на многу посебен и шармантен начин и имаат одлично чувство за мода, па токму затоа ги пративме нашите луѓе таму“, вели Невес.

Она за што Невес говори, се потврдува и со податоците на последните истражувања што покажуваат дека европскиот пазар во следните пет години ќе порасне за 9.3 проценти.

Бугарија, Чешката Република, Полска, Романија и Словачка, се земјите за кои се типува дека ќе станат едни од новите жаришта на модата. Со оглед на тоа што секоја од нив зад себе веќе има неколку успешни модни недели, голема е веројатноста дека модата ќе биде оставена во рацете на младите и успешни дизајнери.

Хосе Невес вели дека ваквите земји како на пример Полска, имаат огромни растечки пазари, сосема здрави економии со луѓе кои постојано патуваат и се гладни за нови работи и трендови од остатокот на светот. Она што дополнително ја олеснува работата се луѓето од тие земји кои имаат неверојатен стил.

Во продолжение, од Букурешт па се до Варшава, запознајте ги сопствениците на некои од продавниците во овие делови на Европа кои со неверојатна брзина стануваат дел од глобалниот моден свет.

Entrance, Букурешт

Кока Котеану, сопственичката на оваа авангардна продавница во Букурешт, отворена во 2009 година, ќе каже дека истата е место каде се спојуваат минатото и иднината. Својата продавница таа ја опишува како еден вид луксуз од подземјето.

„Ние немавме буквално ништо со модата пред да ја отвориме оваа продавница, па сега секогаш се обидуваме да најдеме парчиња што ни одговараат на стилот и вкусот“, вели Кока, во чија продавница може да се најде облека од Јохји Јамамото и Рик Овенс. Таа појаснува дека многу често во нејзината продавница можат да се најдат и парчиња од млади дизајнери, односно пред се, од дизајнери кои имаат да раскажат убава приказна.

Викторија 46, Букурешт

„Ние секогаш мора да имаме нешто ново кај нас“, вели Дороти Константин, сопственичка на една од најпознатите продавници Викторија 46, во Букурешт. Таа заедно со нејзината партнерка Андреа Алтај го започнале овој бизнис во 2007 година, и оттогаш работат на постојано подобрување и проширување на истиот.

Во неверојатно луксузната продавница на два ката може да се најдат парчиња од некои од најпознатите светски модни брендови како Диор, Ланвин и Сен Лоран.

Concept Store, Рига

По студиите во Њујорк и животот во Париз, дизајнерката на чевли Дана Скараин решила да отвори своја сопствена продавница во главниот град на Латвија, Рига.

„И ја презентирав идејата на мојата мајка и таа едноставно беше одушевена. По моето студирање и животот во странство, тоа ми се чинеше како вистинска идеја“, вели Дана.

Во нејзината продавница можат да се најдат некои од најдобрите светски брендови како Gareth Pugh, Рик Овенс, Викторија Бекам, а во последно време и колекциите на Азедин Алаја.

„Тимот на Алаја беше воодушевен од тоа што сакаме нивните колекции да ги презентираме на овие простори“, вели Дана, додавајќи дека сепак колекциите на Бекам предизвикуваат најголемо внимание.

Uzerai, Варшава

„Луксузот не секогаш е еднаков на убавина, но убавината е секогаш луксуз“, е мотото на продавницата за накит Uzerai во Варшава, каде може да се најдат и интересни модни парчиња.

„Тука може да се пронајдат љубителите на сите стилови, од оној на Мишел Обама, па се до оној на Ријана“, вели Пјотр Валасек, сопственикот на продавницата. Истата е многу позната во Варшава, а постои како семејна продавница години наназад.

„Можеби ние сме мала продавница, но имаме некои навистина луди клиенти! Ние веќе сме познати по храброста и желбите на нашите клиенти да купуваат работи од кај нас само за богатство“, вели Валасек.

Објавено:
28 октомври 2013
Категорија: 
Стории