Сè за љубовта на принцот Хари и Меган Маркл

28 ноември 2017

Реакциите од веста за свршувачката на принцот Хари и актерката Меган Маркл не стивнуваат.

Токму затоа ние решивме сите информации да ги обединиме во еден текст, кој следи во продолжение:

 

За прстенот:

-Прстенот со кој Хари ја запроси Меган го дизајнирал лично тој. Свадбата ќе биде на пролет, по доаѓањето на свет на третото дете на Кејт и Вилијам.

 

За љубовта:

Двојката освен што мораше јавно да ја соопшти веста, се појави и во првото заедничко интервју, а ексклузивата ја имаше „Би-Би-Си“. Во 20-минутниот разговор, Хари и Меган зборуваа за својата љубов, како се запознале на „состанок на слепо“ и за тоа како изгледала свршувачката.

-Не ме остави дури ниту да завршам. Веднаш рече: „Може ли да кажам да?“. Се прегрнавме. Го носев прстенот и ја прашав, „Може ли да ти го дадам прстенот?“. Беше убав момент. Бевме само ние двајца, откри Хари.

Остатокот од приказната погледнете го во видеото:

 

Ретроспектива:

Мај 2016 – Се запознаваат благодарение на заеднички пријател, кој намерно ги споил. Средбата се одвивала во Торонто, каде Меган ја снимала серијата „Suits“, а Хари бил дел од „Invictus Games 2017“.

Лето кон есен 2016 – во овој период се случува запознавањето со родителите. Меган го запознава Хари со мајка си. Како пренесуваат медиумите, Меган пак, го запознала принцот Чарлс во септември, а два месеца подоцна и принцот Вилијам.

Ноември 2016 – ПР службата на принцот Хари ја потврдува нивната врска.  После бројните претпоставки, папараци кои постојано ја следат Меган и таблоидите, Хари одлучи да стави крај на „прогонството“ и тоа со јавно соопштение преку Твитер профилот на Кенсингтонската палата, замолувајќи ја јавноста да ја почитуваат приватноста на неговата девојка Меган Маркл. Воедно, тоа е првиот пат кога тој јавно ја нарекува „своја девојка“.

Декември 2016 – И покрај тоа што веќе сите знаеја дека се заедно, ретко кој можеше да ги види како двојка и така сè до декември 2016 година. Папараците ги „фатија“ на релација Лондон-Торонто (како што и се одвиваше врската). Меган носеше и ѓердан со негови и нејзини иницијали, што беше уште една потврда за љубовта.

Март 2017 – За работата да стане уште поофицијална, Хари одлучува Меган да биде неговата партнерка на свадбата на најдобриот пријател во Јамајка. Два месеца подоцна, таа се појави и на свадбата на Пипа Мидлтон, како девојка на Хари.

Септември 2017 – Првото јавно појавување како двојка се случува на „Invictus Games“. Истиот месец, Меган го дава и првото интервју во кое зборува за љубовта со Хари, а ексклузивата ја има „Венити Фер“. „Ние двајца среќни и вљубени луѓе“, изјави актерката тогаш. Во тоа време почнаа и гласините дека Маркл ќе ја напушти серијата „Suits“ со која и се прослави.

Октомври 2017 -  Меган ја запознава кралицата Елизабета и тоа на најбритански можен начин – на чај.

Ноември 2017 – По благословот добиен од кралицата за време на прославата од 70-годишнината од бракот со принцот Филип, Хари кон почетокот на месецов ја запроси Меган Маркл.

Пролет 2018 – тоа е периодот кога се очекува раѓањето на третото дете на Кејт и Вилијам, но и уште една кралска свадба, за која многумина сметаат дека нема да биде воопшто слична со онаа на братот на Хари.

 

Капутот на Меган:

По објавувањето на свршувачката и првите официјални фотографии во градината на Кенсингтонската палата, сите се обидуваа да дознаат што носи Меган Меркл, односно од каде. Како пренесуваат британските медиуми, капутот што актерката го носи е од канадскиот бренд „Line the Label“ и е распродаден за само неколку часа. Побарувачката по ова парче вредно 450 фунти била толку голема што во еден момент сајтот не бил во функција. Ефектот што го предизвика Меган, како што тоа сè уште ѝ оди од рака и на Кејт Мидлтон, оди до таму што и моделите слични на него биле веднаш распродадени. Зелениот фустан што актерката го носеше под капутот е од брендот „P.A.R.O.S.H.“ е исто така распродаден. Чевлите се пак од еден од омилените брендови на Кејт Мидлтон – „Aquazzura.

 

Принцезата Меган?

Иако ќе биде сопруга на принцот Хари, до името на актерката сепак нема да стои титулата “принцеза“. Според сегашниот официјалниот чин на Хари, Меган ќе биде наречена Нејзиното височество Принцезата Хенри од Велс. Сепак, многу е веројатно дека Меган, како и Кејт, ќе биде Војвотка. Ако кралицата по стапувањето во брак одлучи на Хари да му ја даде аристократската титула, тогаш Меган ќе биде Војвотката од Сасекс.

 

Црната принцеза

Веста за свршувачката на Хари и Меган посебно ги израдува Афроамериканците. Не е тајна дека Маркл има афроамерикански корени, па ваквото „мешање“ во кралското семејство за многумина е вистински преседан! Во контекст на тоа, Меган веќе почнаа да ја нарекуваат и “црната принцеза“. Имено, таткото на Меган е со ирско-холандско потекло, а мајка ѝ е Афроамериканка.

Инаку, Меган е средното име на актерката, а нејзиното прво име е Рејчл. На Нортвестер универзитетот во 2003 година се здоби со две дипломи и тоа за меѓународни односи и актерство. Нејзиниот брат во една пригода изјави дека образованието го платила благодарение на тоа што татко ѝ бил добитник на лото (години претходно). Инаку, малку е познато дека додека се пробивала во светот на филмот, Меган хонорарно се занимавала и со калиграфија, пишувала покани за венчавки и честитки од различен тип. 

 

фото извор: popsugar.com; 

извор: popsugar.com; mirror.co.uk; vanityfair.com;

Објавено:
28 ноември 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.058 пати