Селена Гомез: Другарка ми ми даде бубрег!

14 септември 2017

Познатата пејачка Селена Гомез преку социјалните мрежи откри дека летово имала трансплантација на бубрег, а сè со цел да ја победи долгогодишната болест Лупус.

Донор на бубрегот била нејзината најдобра другарка, Франсиа Раиса, која ја нарекува и своја сестра.

„Благословена сум. Те сакам многу“, ја изрази својата благодарност Селена преку социјалните мрежи.

Покрај пораката, таа сподели и фотографија од неа и Раиса, како лежат една до друга во болнички кревети, држејќи се за раце. Селена сподели уште две фотографии, на кои се гледа белегот од операцијата.

„Свесна сум дека моите обожаватели забележаа дека изминатово лето повеќе го „прележав“ и се прашуваа зошто не ја промовирам новата музика, на која бев екстремно горда. Дознав дека треба да одам на трансплантација на бубрег како последица на Лупус и морав да закрепнам. Морав тоа да го направам за да имам добро здравје. Навистина се радувам што можам ова да го споделам со вас, како и што тоа ќе го правам во иднина, како што и секогаш сакав. И на крајот, не постојат зборови со кои можам да ѝ заблагодарам на мојата прекрасна пријателка, Франсиа Раиса. Таа ми го даде најголемиот подарок и жртва, со тоа што донираше бубрег за мене. Навистина сум благословена. Те сакам многу сестро. Лупусот продолжува да биде неразбран и потценет, но направен е прогрес“, гласи целата објава на Инстаграм, надополнета со линк од Lupus Research Alliance, со што ги охрабрува следбениците да се информираат за нејзината состојба.

Инаку, Франсиа е 29-годишен модел и актерка од Лос Анџелес, ќерка на радио водителот Ренан Коељо. Со Селена пријателки од 2008 година.

Селена првпат проговори јавно за борбата со автоимуната болест во 2016 година, по што беше спречена и да ја одржи закажаната турнеја.

Во 2013 година пак ја откажа „Старс Денс“ турата, за да може да се подвргне на хемотерапија, поради хроничните воспалителни проблеми со дишењето. За ова искуство јавно проговори две години подоцна, во интервју на „Билборд“. Потоа следеше откажувањето на турнеите низ Азија и Австралија, по што излезе во јавноста и приказната за лупусот, паралелно со оние дека се дрогира.

„Многу силно посакував да кажам: „Дечки, немате поим. Јас сум на хемотерапија. Вие сте глупави! Се оттргнав од сè, сè додека повторно немав самодоверба и не се чувствував удобно“, изјави тогаш за „Билборд“.

Објавено:
14 септември 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.962 пати