Што ги очекува идните студенти по моден дизајн во Македонија?

13 септември 2013

FashionShowLarge

Ова е период кога идните студенти се запишуваат на факултет и одлучуваат за својата иднина. Fashionel овој пат одлучи да ве информира за она што го нудат  Универзитетите кај нас, а се однесуваат на модното образование.

Веруваме дека овој текст ќе им помогне и на оние што веќе се одлучиле да станат модни дизајнери како и на оние кои сè уште размислуваат или имаат желба во иднина да се запишат на некој од модните смерови.

Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“, Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како и Факултетот за Дизајн и мултимедија на приватниот Универзитет ФОН, односно за применета уметност на Европски се местата каде што можете да се едуцирате за модниот дизајн и останатите смерови поврзани со тоа.

Во продолжение ќе имате можност да прочитате што секој од овие факултети нуди, каков е интересот на студентите низ годините и што советуваат искусните професори.

 

Технолошко-металуршки факултет – Скопје

ТМФ 1 од завршната ревија на студентите по моден дизајн на ТМФ

Модната дизајнерка и професорка Лидија Георгиева вели дека интересот за катедрата за моден дизајн во изминативе години континуирано расте.

- Во изминатите 10тина години модниот дизајн и дизајнот генерално сè повеќе го привлекуваат вниманието на новите генерации. Тоа е пред сè светски тренд, веќе и школите за мода се брендови сами по себе. Најголемите отвораат ограноци низ сите модни центри, а особена експанзија имаат на Азискиот континент. Следствено на овие тенденции и во Македонија се јавува видливо зголемен интерес за дизајнерските дисциплини. Кај нас на ТМФ откога ја поставивме новата програма која го вклучува и дизајнот, интересот е неспоредливо поголем, а тоа се гледа и според бројот на запишани студенти.

За она што го очекува еден иден студент на овој факултет, Лидија вели дека зависи од многу фактори:

-Според мене најважно е преку подготовка за владеење со креативните техники да се стекне добра основа. Исто така, потребно е постојано збогатување на визуелната култура, тоа го стимулира истражувањето и градењето на составен стил, а секако задолжително е и познавање на историја на уметноста,. Сето тоа е можно во добра школа за дизајн, но многу зависи и од ангажманот на самиот студент. Успехот е поврзан со многу работа, без разлика дали постои талент или не, секако ќе мора да се работи. Мојот пристап кон работата со студентот е да го оценувам сработеното, а не талентот, тоа постојано им го повторувам. Имав можност во Париз да соработувам со професионалци кои благодарение на тоа што имаа огромна желба за работа и амбиција, иако немаа многу талент, сепак беа успешни – вели Георгиева.

Во рамки на успешноста, таа ја истакнува и важноста на односот теорија-пракса.

- Тоа што го нудат добрите модни школи е максимална подготовка за реалниот свет, преку владеење со креативните методи, но ниедна школа не може да ви всади пробивност, амбиција или талент. Односот теорија-пракса може да функционира само доколку сте подготвени да учите во текот на целиот живот и доколку сте наоружани со самодоверба наместо со самобендисаност. Исто така за квалитетот на работната биографија не е само важно дека сте учеле, многу е важно потоа кај кого и во која модна куќа сте продолжиле да учите. Како и да е, ретко кој самоук дизајнер денес може да успее, освен ако нема многу богати инвеститори, кои се подготвени да инвестираат по било која цена. Школата е многу важна, незаобиколна етапа, но таа треба да се сфати само како добра основа и подготовка за реалниот свет, сè останато се учи на терен. Сметам дека ова важи за сите професии, не само за модата и верувам дека професионалците од било која област ке се согласат.

од завршната ревија на студентите по моден дизајн на ТМФ од завршната ревија на студентите по моден дизајн на ТМФ

На прашањето пак, колку студентите по завршувањето на студиите имаат можност да работат во струка и колку Македонија нуди можност за тоа, Лидија е оптимистична.

-Секако дека има можности. Јас секогаш велам да се проба, па макар и да се мали шансите. Но, за да нуди Македонија можности треба и ние самите да ги истражиме и развиеме, а не само да чекаме работите да ни се сервираат на тацна. Неодамна престојував во Белград, тоа е само 5 часа пат со автомобил далеку од нас, но таму имав задоволство да сретнам една проактивна сцена, која не стои. Концепт-продавници, галерии, мали и големи продавници, цела постава независни дизајнери, и сите со свој посебен печат, за разлика од клонираните локални псевдо стилови. Како и да е, ние сме млада земја, се сè прави од почеток, како да не постоело ништо порано. Модната сцена е во развој, доаѓаат нови генерации кои се надевам ќе допринесат во подигање на нивото, а со тоа и на квалитетот- вели дизајнерката.

Совет: Ако имате креативен потенцијал, а не го искористите и развиете од било која причина, што и да работит наместо тоа, секогаш ќе сакате да се вратите од почеток на тоа што навистина сте го сакале. Бидете вредни, љубопитни, верувајте во себе, во своите инстинкти и тие најсигурно ќе ве водат кон целта.

Технолошко-техничкиот факултет  - Штип

fashiondesignschools1

За состојбата на овој факултети и можностите на модните смерови говори Маја Кикириткова.

На штипскиот факултет постојат два смера, текстилно инженерство и текстил, дизајн и менаџмент, каде студентите можат да се стекнат со знаење и пракса од областа на модата.

-Како што од година во година се става сè поголем акцент на модата во Македонија, така и младите во Македонија се одлучуваат да го продолжат своето образование во оваа насока. Конкретно на Технолошко- техничкиот факултет, на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, секоја година е сè поголем интересот на млади за студирање на некој од насоките. Знаејќи дека во Македонија има дефицит од текстилен кадар (инженери), па поради ова, идните дипломирани студенти ќе имаат можност да работа во некоја од текстилните фабрики. Штип е град на модата, има многу текстилни фабрики, па нашите студенти после завршувањето на нивните студии имаат голема можност за вработување – истакнува Маја.

Таа потенцира дека овој факултет нуди интересна програма, модни перформанси, достапност на кадарот во секое време, а исто така, знаењето што студентите ќе го стекнат, имаат можност и практично да го насочат.

- На нашиот факултет има три насоки, од којшто два се поврзани со текстил, „Текстил, дизајн и менаџмент“ и „Текстилно инженерство“. Овие две насоки се тесно поврзани. Првиот насока му овозможува на студентот да се запознае со основите на дизајнот, како да создаде своја модна линија, како да ја управува и на крај да ја менаџира. Со еден збор јас би го нарекла „Од идеја, до реализација и продажба“. Втората насока е малку повеќе технолошки ориентирана, па овде студентите се соочуваат со технологија, изработка на облека, контрола на квалитет... Многу вложуваме во нашите студенти. Праксата е неизбежен дел од нивното студирање. Студентите земаат учество во многу проекти, а со тоа нивната пракса уште повеќе се надополнува.

Судејќи од досегашните дипломирани студенти, многу е мал бројот на невработени наши студенти. Нашинот факултет има и втор циклус на студии, а во тек е акредитацијата  и за трет циклус на студии. Секој сам одлучува за својата иднина и сам го гради патот на својот успех, вели Кикириткова.

Факултет за применети уметности  (приватен Европски универзитет) – Скопје

Европски 1

Деканот на факултетот Јана Манева Чупоска, која е воедно и шеф на катедрата за моден дизајн, вели дека интересот за модниот дизајн опаѓа, а причината ја гледа во развојот на индустриското и текстилно производство кај нас.

-Не многу студенти откако ќе ја земат дипломата имаат можност да отворат модни ателјеа бидејќи за тоа се потребни многу пари,  а од друга страна немаме компании текстилни што изработуваат сопствен производ. Најчесто се работи за надворешен пазар, така што нема многу можности за работа.

Од друга страна, има интерес за модниот дизајн од друг аспект, оној интердисциплинарен. Тука повеќе се замешани модна фотографија, илустртација... Не мора да значи дека оној што сака да се занимава со мода мора да се определи само за создавање колекции. Модата е широк поим, има многу системи и гранки... тука е и модниот маркетинг, така што сè зависи од интересот на студентот – вели Чупоска

Сите студенти што низ годините се запишале на овој факултет, вклучувајќи ги оние од оваа година, имаат точна претстава во што се впуштаат. Сепак, на прашањето што го очекува еден студент по моден дизајн на овој факултет, Јана објаснува:

-Ние сме прв факултет што отвори приватен сектор на образование за применети уметности, а оваа година се запишува осмата генерација студенти. Студентите нас нè препознаваат по честите излагања на модните недели во Скопје,  така што веќе имаме еден бренд образовен. Студентските ревии се достапни и на јутјуб, кадарот е достапен и може да се видат сите информации. Нашата традиција на постоење е наша предност иако тоа е и тешко.

Тешко е, затоа што ова е време на една неправедна борба на приватното образование со дисперзирани студии на државните универзитети кои што отворија многу факултети и се рефлектираат врз приватните. Но, тоа е друга тема на која што имам многу да говорам.

Многу факултети државните направија прилагодувања дека таму се занимаваат со моден дизајн а не е така. Но, од друга страна, секој сака да добие студент. Но, ние имаме  факултет за применети уметности во чии рамки е и катедрата за моден дизајн, а претходно немаше. Порано тоа беше во рамки на ликовната академија како изборен предмет или технолошкиот факултет, но тоа се факултети со друга дејност. Со сета почит кон тие институции, впрочем и  јас сум излезена од нив.

Европски 2 Од последниот FWSK

Драго ми е што голем број студенти денес се препознатливи на модната сцена кај нас. За таа цел би ги спомнала Роберт Ивановски, Мелани Димитровска, Ведрана Панева и многу други.

Она на што особено се става акцент на овој факултет е практичната настава.

-Нашата програма се состои од 90 проценти практични предмети. Конкретно на катедрата за моден дизајн, има предмети од цртачки  - правење на скица, истражување, изработка на модна илустрација изработка на техничка скица,изработка на основен крој, кој што подразбира практичен дел, има техники на шиње т.е реализација на модел, до создавање на колекција, како краен резултат.

Во рамки на изработката на колекција, имаме обврска студентите да изработат една книга или book. Во кој ќе се види целосното истражување, од почетокот како тема, до самиот клиент и презентирање на пазарот, до анализа на цени, каде би се продавале производите, контактирање на македонските брендови, нивна анализа до презентација – не само визуелен момент, туку и начин на говорење навикка за говорењеи сл.

Во рамки на ова имаат и задолжителни предмети како што е фотографија, која што подразбира потреба за фотографирање, модна фотографија, цртачки и сликарски предмети како предуслов – вели професорката.

Таа истакнува дека особено се води сметка за двата аспекти на едукација.

-Прво, еден студент мора да владее историја и теорија. Мора да биде едуциран од таа страна, а потоа се става засилен акцент на практичниот дел. Тие две работи се мошне важни и не одат едно без друго. Сакаме студентите да бидат млади идни интелектуалци, кои што си ја знаат својата работа, а не само занаетчии што по цел ден ќе седат на машина и ништо друго не знаат да прават. Сакаме да мислат и да направат систем на истражување, кој за сопствениот моден идентитет е број еден.  Ако не ги научиме дека мора да истражуваат во делот на различни теории од повеќе области, тогаш не сме направиле ништо. Важен е и капацитетот на студентот, но тоа е една генерална форма на едукација по која сме препознатливи. И кај дизајнерите постои дилема дали треба да доминира едната или другата страна од гореспоменатите, но јас сметам дека и двете се подеднакво важни. Многу потенцирам на едуциран дизајнер, а тој се забележува веднаш и по многу параметри – изјави Јана.

Факултет за дизајн и мултимедија  (приватен факултет ФОН) – Скопје

Fashion Design

На овој факултет постојат три насоки и тоа за графички дизајн, моден дизајн и дизајн-мултимедија.

Структурата на студиската програма е дизајнирана по концептот на методата – од општи кон специјализирани содржини.

На почетокот се изучуваат предмети кои на студентот му овозможуваат да ги прошири и продлабочи општите знаења кои даваат основа за експерименти и истражувања во понатамошните студии. На факултетот се воспоставени општи,специјалистички и мастер студии по пример на најдобрите високошколски установи во светот според Болоњската декларација и ЕКТС системот.

На студиската програма Моден дизајн, се образуваат модни дизајнери, како творци на едни од нај атрактивните видови производи – модни производи.

Благодарение на модниот дизајн, функционалноста, естетиката и ергономичноста, предметите за облекување достигнаа високо ниво, според што модата е поставена во најатрактивните области на дизајнот. Во целиот свет студиите на модниот дизајн претставуваат посебен предизвик, како што е и на овој факултет. Студиската програма е од таква структура, што студентите ги оспособува за дизајнирање на нова мода која има исклучително економско, социолошко, естетско и психолошко влијание на луѓето.

Студиите на модниот дизајн опфаќаат дизајнирање на сите видови облека, текстил и дизајнирање елементи на убавина и стил (фризура,шминка,накит и слично).Примената на сметачите се провлекува низ наставните содржини, што е важно својство на студиите на оваа студиска програма. Актуелноста и севременоста на модата, како и голем број на фирми кои изработуваат модни производи,обезбедуваат реални можности за вработување на модните дизајнери.

На студентите им е достапен квалитетен кадар, и можност за втор и трет циклус студии. По завршувањето на факултетот, студентот се здобива со диплома – дипломиран моден дизајнер.

Сите дополнителни информации, потребна литература, предмети, наставен кадар, програма и слично, можете да ги најдете и на веб страниците на факултетите.

Темата за модното образование во Македонија е мошне широка, а ние и понатаму ќе ја обработуваме, со овој текст опфативме само еден сегмент, за кој се надеваме дека ќе им биде од помош на идните модни дизајнери или текстилни инженери.

Објавено:
13 септември 2013
Категорија: 
Стории