Што ѝ се случи на текстилната индустрија во Македонија? – Прв дел

4 март 2014

iStock_000012965099Small

Со оглед на тоа дека ова е една од најстарите на територијата на Македонија, нормален след на работите е, при развитокот и растот да мине низ разни историски и економски фази.

Ако погледнеме наназад, Македонија била развиен центар првенствено за производство на волна, потоа памук, а еден краток период и свила. Што поради општествените услови, што поради војните, развојот на овој сектор минува низ разни трансформации, што на моменти резултираат со голем напредок, но некогаш се одразуваат мошне сериозно.

Ако тргнеме од крајот на 19.век, Македонија била територија со бројни мали градови со развиена трговија, особено занаетчиство.

Воведувањето и понатамошното развивање на текстилната индустрија во Македонија било главно предизвикано од потребите на отоманската војска за разни видови облека и униформи. Друга причина за појавување на текстилниот сектор било задоволувањето на потребите на граѓаните од урбаните области.

Првите текстилни претпријатија биле основани во 1880-тите во селата во битолскиот регион, а нивната основна дејност била произведување на волнени производи. Мал број памучни производи биле изработувани во занаетчиските работилници. Бидејќи Битола, во тоа време позната како Манастир, бил значаен економски и културен центар во европскиот дел на Турција, развојот на текстилот во овој регион бил логичен.

Пазар на облека во Битола во Отомански период Пазар на облека и материјали во Битола во Отомански период

Иако во тоа време сопствениците и директорите на текстилна индустрија располагале со капитал, кој го вложувале во оваа гранка, што се покажало и како мошне исплатливо, сепак воениот период, односно Балканските војни и Првата светска војна ќе влијаат врз оваа индустрија во друга насока.

Една од првите текстилни фирми на територијата на Република Македонија била текстилната и трикотажната фабрика во село Дихово. Фабриката била изградена во 1883 година и била една од најголемите текстилни индустрии во европскиот дел на Отоманската империја. Главното производство биле волнени производи со модерни производни процеси, а она што исто така било поволно е што се користела домашна волна. Сепак, за да произведат високо квалитетни производи, тие увезувале и волна од Англија.  Финалните производи пак, се продавале во повеќето големи градови во регионот – Битола, Солун, Скопје, Истанбул, Измир, Драч.Располагала со голем број машини  - 461, од кои 10 автоматски машини за штофови, 200 машини стар систем за штофови, 200 машини (чаркови) за плетење гајтан, четири чешли за чешлање волна, две парни преси за шајак. Фабриката била затворена во 1915 година, бидејќи бугарската војска ја зела механизацијата во Сливен и Габрово во Бугарија.

Кон крајот на 19-от век и почетокот на 20-тиот век постоеле уште десет текстилни работилници. За жал сите биле затворени и уништени во текот на Првата светска војна. Покрај волнените производи се произведувале и памучни. Сепак, овој сектор во овој период не можел да се развие многу поради големата конкуренција од европските производители на памук.

Втор негативен фактор за развојот на производството на памук била слабата куповна моќ на македонското население.   Сепак, во периодот помеѓу 1933 година и 1949 година индустријата за производство на памук, доживеала пораст.

textile

Но, освен памук и волна, на територијата на Македонија се произведувала и свила. Модерното производство на свила почнало кон крајот на 19 век. Главните центри за свилени кожурци биле регионите на Гевгелија, Дојран, Струмица и Радовиш. Првата фабрика за обработка на свилени кожурци била основана во 1894 година во Гевгелија, а била сопственост на султан Хамид. Механизацијата била донесена од Италија и поставена од италијански експерти. Во тоа време работниците работеле по 12 до 14 часа на ден и вкупно работеле 180 работници, сите од Гевгелија. Меѓу нив имало и жени. Фабриката била затворена кон крајот на Балканските војни во 1912 година, а уништена за време на Првата светска војна.

Генерално, оваа војна остава големи и сериозни последици за свиларството кај нас.

Семејството од Струмица познато по производство на свила Семејството Туфекчиеви од Струмица што се занимавало со производство на свила

Во периодот од 1918 до 1949 година имало 16 фирми кои произведувале текстил, а основани на територијата на Република Македонија. Во почетокот на Втората светска војна работеле само 12 фирми.

-Фабрика за производство на штофови и гајтани на Стерјо Пикулис во Магарево, Битолско

-Фабрика за производство на гајтани на Петар Лекиќ во Тетово

-Претпријатие за обработка на памук и волна „Глигор Стаменов“, основано во Струмица

-Битолска текстилна индустрија била една од првите трикотажни претпријатија основана во 1927 година. Сета механизација била нова, набавена од Германија, освен машините за шиење кои биле набавени од САД

-Фабрика за производство на трико „Дијамант“ од Скопје – основана во 1927 година

-Текстилна индустрија на генералното трговско акционерско друштво од Скопје, изградена во 1931 година.

-Фабрика за памучни ткаенини, Скопје, основана во 1933 година

-Индустриско претпријатие за производство на вреќи, сламарици и други текстилни ткаенини од јута

-Фабрика за производство на чорапи „Шар“, Скопје, основана во 1936 година.

-Текстилна индустрија Вардар“ Скопје, основана во 1937 година во индустриската зона на патот Скопје-Куманово.

-Текстилната индустрија „Тубиленд“, Скопје основана кон крајот на 1937 година

-Работилница за производство на свилени и памучни платна, Битола – која до 1937 година била примитивна работилница за производство на текстил

-Текстилна и позаментериска фабрика од Скопје основана 1931 година како текстилна работилница

-Ткајачка работилница „Југ“ од Скопје, основана во 1939 година со 18 машини

-Фабрика за одмотување на свила од Гевгелија основана во 1938 година

-Текстилна индустрија „Армаган“ од Скопје, основана во 1940 година.

Според ова, компаниите во македонскиот текстилен сектор се занимавале со одмотување на свила, ткаење на штоф од памук, волна и вештачка свила, трикотажа и др. Најзначајните индустриски објекти биле ткајачниците за памучни производи, а  единственото претпријатие кое поседувало предилница за  обработка на волна и памук се наоѓало во Струмица.

Доцното појавување на текстилната индустрија во меѓувоениот период се должел на недостаток на капитал, индустриска енергија, квалификувани работници.

14_7

Во овој период текстилната индустрија го заземала четвртото место по инвестиции, после прехрамбената, дистрибуцијата на електрична енергија и тутунската индустрија. Во 1939 година македонскиот текстилен сектор вработувал 434 лица, односно 5 % од вработените во индустријата.

Македонската индустрија минала низ период на постојан пораст во меѓувоениот период. Производството се зголемило во втората половина на овој период.

Почнувајќи од 1990-тата, започнало остро опаѓање на оваа индустрија. Намалувањето било мало во производството на конфекција, но позначително во текстилниот сектор. Опаѓањето во секторот на конфекциското производство траело до 1996 година, стабилизирајќи се во следните години до 2000-та. Во исто време , опаѓањето на производството на текстил и платна било континуирано.

Втор дел: Состојбата после Втората светска војна, периодот за време на СФРЈ како и после нејзиното распаѓање

*дел од податоците се искористени од студијата на Центарот за истражување и креирање политики, „Историјата на македонската текстилна индустрија со фокус на Штип“, 2005, Скопје

*www.staroskopje.vestel.com.mk

*Стопанска комора на Македонија

Објавено:
4 март 2014
Категорија: 
Стории