Славиме три години Fashionel!

18 април 2016

Денеска сме роденденци! Дуваме три свеќички на роденденската торта на Fashionel. Замислуваме заеднички желби: фините нешта да ни го обојат сивилото, интелектуалците и талентираните уметници да ни бидат главните медиумски ѕвезди, културата и уметноста да ги продаваат насловните страници, да создаваме публика со став -новинари со остро перо, што почесто да се гледаме на промоции на книги, на концерти и театарски претстави, а топ тема секогаш да ни бидат модата и модните дизајнери што ќе нѐ потсетуваат на суштината што го прави животот убав.

До тогаш, бескомпромисно ќе ги поддржуваме основните етички и морални новинарски начела, ќе пишуваме за да едуцираме и информираме наместо да се претопиме во едноличноста на борбата за рејтинг, и со тоа активно ќе придонесуваме нашите заеднички желби да се остваруваат!

А изминативе три години се „алиби" на нашите заложби. Македонската модна сцена доби медиум што ѝ е исклучително посветен, дизајнерите добија простор да ја промовираат својата работа, креативците уште помоќен глас за нивната порака да биде пренесена до широката јавност, а ние создадовме многу нови пријателства, раскажавме приказни за кои вреди да се слушне, направивме фотографии со кои мемориравме спомени...

Изминативе три години имавме 9.129.353 посети, 2.724.600 посетители и 17.905.948 прегледани страници. Нека ни се множат!

Ваши Fashionel-ци

 

Објавено:
18 април 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
472 пати