Сторија: Има ли македонската жена препознатлив моден идентитет?

30 мај 2013

Никола Булески, Ана Несторовска и Росица Мршиќ говорат за тоа како нашата жена се снаоѓа во модата, која е најголемиот нејзин недостаток и каде е таа во однос на европската жена.

Порано, моден идентитет на македонската жена се перцепирал само преку носиите. Но, со одминувањето на годините, нашата жена со големо љубопитство и желба почнува да ги следи новите трендови. Во 30-тите години на минатиот век, македонската жена почнува да носи европски модели (најчесто од Франција, Австрија, Белград), внесувајќи елементи од националните обележја, везови и слично. Како што се менува времето, се менува и модата, и нашата жена. Таа отсекогаш покажувала моден потенцијал, но дали доволно го искористувала?

Ако Французинките ги препознаваме по лежерниот и шик моден израз, Италијанките по одличните модерни комбинации, се поставува прашањето по што е препознатлива Македонката? Несомнено е дека ја следи модата, но според луѓето кои ја следат и директно учествуваат во формирањето на модната сцена кај нас, модниот идентитет на нашата жена не е доволно изразен.

Дизајнерот Никола Булески, потенцира дека модниот идентитет оди рака под рака со личниот. Тој не се купува.

- Идентитет се гради со градењето на личноста (personality). Како што се развива една личност низ животот, образованието, општествените и социјалните структури, така се развива и модниот идентитет. Во овие години кога се изгубени најмногу од моралните и животните вредности, не можам да го видам вистинскиот идентитет на македонската жена. Сметам дека онаа достоинствена, горда и истрајна Македонка треба да си го врати местото во општеството, а со тоа ќе си дојде и модниот идентитет- смета Никола.

Тој додава дека македонската жена го  изгубила својот моден идентитет талкајќи по трговските центри, купувајќи без идеја работи допадливи за око и достапни на буџетот.

- Важно е да се биде свесен за сопствените квалитети и недостатоци, како и тоа облеката да е во служба на личноста, а не личноста во служба на облеката – потенцира креаторот.

Неговиот став го дели и модната новинарка и уредничка во „Дневник“, Ана Несторовска.

- И навидум наједноставниот стил е комплексен спој од многу нешта. Стилот не го дефинира купување на трендовско фустанче избрано од каталог, шик-панталони симнати од излог или  кошула како на нашиот идол. Нашиот стил го оформуваат музиката што ја слушаме, филмовите и сериите што ги гледаме, друштвото и местата во кои се движиме, нашата професија... Стилот е начинот на кој ги комбинираме парчиња и умешност да го носите на наш начин. Сè додека облеката ја носиме ние, а не таа нас, нашиот моден идентитет не е загрозен. Важно е да ја избегнеме униформираноста и шаблоните и да најдеме една модна нишка што континуирано ќе се провлекува во нашиот изглед,  без разлика на сезоната или на актуелните трендови – објаснува Несторовска, која воедно е и авторка на модниот блог Skopje Street Style.

Младата дизајнерка Росица Мршиќ смета дека незадоволтелната дефинираност на модниот идентитет кај нас е резултат и на преголемата тенденција стилот кој го практикуваме да биде прифатен од пошироката јавност, како и недостатокот на традиција на негување личен белег.

- Иако македонската жена во целост е најчесто добро негувана и дополнета со комфорно елегантен избор на гардероба, тоа не значи дека е секогаш вистинската формула за градење на сопствениот моден идентитет. Според мое видување, модниот идентитет се гради кога поединецот ќе го пронајде стилот и изгледот што може да го износи, без разлика на која модна категорија ќе припаѓа и се очекува да биде општо прифатен – вели Мршиќ.

Она по што Несторовска ја препознава нашата жена е желбата секогаш да биде дотерана.

- Дури и да нема многу пари, време или модно знаење, македонската жена отсекогаш сакала да е дотерана и забележана. Препознатлива е по тенденцијата да биде секогаш женствена и убава на око, без разлика на емотивната и социјалната состојба – вели Ана.

Иако сака да ја следи и да ѝ се приближи на европската модна жена, нашата сепак заостанува неколку чекори, а главната причина за тоа е недостатокот на креативна смелост.

-Иако навидум наликува на европската, на нашата жена ѝ недостасува одважност во градењето на модниот имиџ. Таа знае што е добро и квалитетно, но нема храброст да влезе во она што нејзините пријателки Европејки едноставно го уживаат – вели Булески.

За тоа како ги доживуваме останатите жени од Европа, според Нестороска влијаат и традицијата, културното–уметничкото наследство на одредената земја, темпераменотот. Но, не може да се исклучи ниту економската состојба и степенот на модната освестеност.

-Како што одите појужно на Стариот континет, така ќе наидете на подотерани и понакитени жени. Ако во Скандинавските земји жените имаат едноставен, рафиниран и андроген изглед, како што се доближувате до Балканот се зголемува обемот на деталите, накитот, се засилуваат нијансите на боите... Македонската жена е некаде на полпат, меѓу стилот што го наметнуваат новите модни движења од Запад и желбата за китење и дотерување што доаѓа од Истокот. Таа е модно освестена, но треба да биде похрабра! – потенцира Ана.

И Мршиќ проблемот го гледа во непреземањето моден ризик.

-За разлика од европските жени кои се бележат со индивидуалност и слобода во негувањето на личен стил, македонските жени се придржуваат до сигурната формула за негување стереотипен и умерен изглед, а оние доволно храбри умеат одлично да го наградуваат сопствениот моден идентитет со пионерски чекори.

Таа додава дека врз тоа влијае и понудата на пазарот во Македонија, но и македонската модна сцена, за која вели има хомоген моден израз.

-Модата која е присутна на македонските улици е неретко поврзана со тековните модни трендови кои се наметнати од high-street брендовите присутни на домашниот и соседните пазари. Немањето индивидуалност во градење на сопствен стил во Македонија, ниту понуда од “cutting edge” и автентични брендови и дизајнерски имиња, создаде сценена која има хомоген и монотон моден израз, без многу значајни напредни визии за поставување поинакви, односно похрабри дизајнерски решенија – објаснува дизајнерката.

Модната блогерка Ана, смета пак, дека на домашната модна сцена нештата почнаа да се менуваат. Ако досега изговорот се наоѓаше во оскудната понуда на дизајерски уникати, или пак колекции од познати брендови, веќе простор за изговор нема.

- Во меѓувреме на нашата модна сцена се појави една нова генерација на млади, школувани дизајнери, која ги раздвижи случувањата и поттикна градење на нов, автентичен моден идентитет кај нас. Тука се и повеќето светски модни франшизи кои ја проширија понудата, а се прават и редовни шопинг-тури за поволни цени во соседните земји....  Секоја жена не треба да го гради/потврдува својот стил гледајќи што носат другите жени и да копира, туку да се труди да изгради свој личен уникатен имиџ. Впрочем така се станува трендсетер – објаснува новинарката.

Булески пак, иако не е задоволен од тоа како стојат работите во моментов и смета дека нашата жена ја чека уште пат за да ја стаса европската, сепак смета дека надеж и потенцијал има.Не само што има жени што се еднакви на европските, туку има и такви што имаат и поуникатен моден идентитет.

Уште еден плус за македонската жена е тоа што таа се наоѓа во фаза на модна револуција и еволуција, бидејќи и самата модна сцена се наоѓа во истата фаза.

- Револуцијата ја гледам во сите уникатни модерни,  но и ретро-стилови што отскокнуваат на нашите улици. А еволуцијата може да се забележи во видливиот развојотот на уличната мода и на кежуал-изгледот последниве неколку години. Ако порано најмногу внимание вложуваа во свечениот и бизнис-изгледот, сега со иста енергија му се посветуваат и на својот секојдневен изглед – истакнува блогреката.

На прашањето пак, како таа ја замислува модерната македонска жена, Ана вели:

-Слободна, информирана, самосвесна и љубопитна! Тоа значи: ослободена од притисокот да се биде во тренд по секоја цена. Редовно да се информира какви се модите идеи и предлози на домашните и странските дизајнери,  на магазините, блоговите, интернет-страниците, за да направи разлика меѓу иновативните и шаблонските креации. Да биде самосвесна за својата појава и за тоа кои форми, бои, и кроеви ѝ одговараат. За моден развој и за кристализирање на еден стил потребна е нескротлива љубопитност. Девојката, т.е жената,  без разлика на возраста, секогаш треба да пробува нови нешта во модата и постојано да го освежува својот стил, макар и со најмал детаљ. Модата е авантура која не треба да ни биде наметната, туку самите треба да ја искусиме - објаснува новинарката.

На крајот, она што ја мачи македонската жена не е (само) идентитетот. Таа е доволно освестена за да го дооформи и на површина да исплива скриената креативност. Но, на тој пат ја спречуваат не помалку важни фактори како економската состојба, социјалната, недостатокот на храброст и можеби информираност. Сепак, без оглед на сѐ, таа веќе не стои во место, туку одлучи да чекори по патот на креативноста.

 

 

Објавено:
30 мај 2013
Категорија: 
Стории