Свечените аутфити на познатите остануваат само на закачалка!

29 април 2013

Јавните личности се оние кои секогаш се во центарот на вниманието на настани од официјален карактер, а гардеробата е печатот кој тие ќе го остават за коментар на медиумите и останатите луѓе. Во Македонија има се помалку настани од јавен карактер на кои важат некои дрес- код правила за гламурозна облека. Дел од познатите сметаат дека негостигаат настани на кои би можеле да ја покажат својата елеганција и гламур а други пак, мислат дека кој како се чувствува треба така и да се облече, без оглед на тоа каде и со кого се наоѓа. На последната „Златна Бубамара“ во Универзална сала,  јавната фела гордо чекореше во своите скоцкани свечени комбинации, позираа пред нашиот објектив, но, се изјаснија и за тоа дека сакаат почесто да се чувствуваат отмено во својот стајлинг, но ретко имаат таква можност.

-  Кај нас за жал нема поводи за да се носи нешто такво, па затоа мора да се препушитиме на одредени мигови кои сами ќе ги создадеме, вели актерката и градоначалничка Билјана Беличанец-Алексиќ. Таа вели дека негостигот од ваков тип на настани, го компензира со необичните костими кои ги носи на сцена.

- Со оглед на мојта професија како актер сум имала можност на сцена да носам раскошни фустани, барокни и навистина е престиж за секоја жена. Секогаш се трудам сама да му дадам печат на својот стајлинг и го носам она како што се чувствувам одвнатре, сум експериментирала многу, сум била може да речам и дрско-храбра во однос на облекувањето, сум правела некои комбинации кои можеби и не се вообичаени во модната индустрија, но, јас сум тој тип,духот одвнатре говори однадвор, вели Билјана.

И пејачката Викторија Лоба вели дека има малку настани каде може да облече свечена тоалета иако повеќе преферира да носи спортска облека.

- Не сакам да ностам свечени тоалети, најубаво ми е во тренерки или пижами, во последно време речиси цел ден го поминувам во спортска облека, поради ангажманот во „Танцот со ѕвездите“, па затоа носам само хеланки, маичка, тренерки и патики. Но сепак, сакам на вакви манифестации поради тоа што се ретки, да облечам нешто свечено. Секогаш гледам фустанот да ми одговара на мојот лик па и не мора да се чувствувам толку гламурозно, вели убавата Русинка.

Водителката пак Ирена Спировска секоја недела има можност на емисијата „Еден бакнеж“на себе да има гламурозни тоалети,таа објаснува дека освен „Виенскиот бал“ и нема некој настан каде би можела да се чувствува како вистинска балска дама.

- За жал кај нас во Македонија речиси нема манифестации кои дозволуваат гламурозен стајлинг. „Виенскиот бал“ е едниствениот настан каде може да се облече раскошна свечена тоалета. Позитивната страна ја гледам во тоа што изминатиот период се повеќе македонските јавни личности ги актуелизираат македонските модни дизајнери, кои ете за тој мал број манифестации знаат да изработат преубави тоалети со кои ќе се промовираат и тие, а оние што ги ност тие модели да се чувствуваат сензуално и грациозно, вели Ирена.

Отменит и гламурозен стајлинг секако не важи само за понежниот пол. За Мики Црнокрак кој на „Златна Бубамара“ се појави облечен во спортска варијанта, свечените манифестации и не се репер за посебен стајлинг.

-За овој настан и не е потребен некој дрес код и секој треба да си дојде облечен во она што најдобро се чувствува. Така да кога зборуваме за ваков тип на манифестации, јас лично би дошол во фармерки и патики, но ете барем малку визуелно да се даде до знаење дека е некаква свеченост. Се зависи од местото и времето а од година во година македонските јавни личности па и останатите гости во салата знаат добро да се облечат, објаснува Мики.

Кога веќе важи она дека секој треба да се облече како се чувствува, тогаш во границите на дозволено сите можеме да го облечеме она во кое се чувствуваме префинето.

Објавено:
29 април 2013
Категорија: 
Стории