Топ 5 најинспиративни модни блогови

13 мај 2013

 

Покрај класичните форми преку кои стручните лица ја креираат јавната модна свест, сега токму благодарение на новиот демократски медиум, блоговите се многу популарен начин на моделирање и насочување на модните текови. Во продолжение издвојуваме дел од највлијателните интернационални модни блогови кои секојдневно нè инспирираат со нивниот инвентивен пристап. Тие го изменија лицето на блогосферата и поставија нови стандарди во правилата на игра.

 

Блогот на Ана Дело Русо 

Anna Dello Russo  

Култната уредничка и креативен консултант во јапонскиот Vogue го прифати предизвикот да ѝ се обрати на својата публика преку блогосферата со цел да ѝ го доближи тоа што се случува позади сцената во модниот свет. „За мене блогирањето е начин како наједноставно да се стапи во контакт со помладата генерација, со публиката која генерациски е помлада од мене. Формата на мојот блог не е далеку од тинејџерски дневник, но неговата суштина е многу подлабока. Кога работам со моите асистенти секогаш им кажувам дека убавината е насекаде околу нас, но дека поентата е во тоа како ќе ја концепираш”, вели Русо во објаснувањето на визијата за својот блог.

annadellorusso.com

 

Facehunter на Иван Родиќ

 

Face hunter

Основачот на блогот, Иван Родиќ, е поранешен маркетинг консултант. Неговиот блог е еден од првите кој го стави фокусот на уличната мода. Врз основа на ова, тој издаде неколку книги, направи изложби со своите фотографии, креираше рекламни кампањи и режираше модни филмови. Редовно ги посетува светските модни недели, а во 2010 година беше гостин на Моден Викенд Скопје. „Кога се преселив од Швајцарија во Париз, открив еден нов свет: модата. Пријателите ме носеа на разни забави и модни настани. Бев многу возбуден поради средбите со познатите и сакав тоа чувство да го споделам со другите. Ги фотографирав луѓето кои го привлекуваа вниманието на моето око, кои комбинираа елеганција и креативност. Го почитувам индивидуалниот уникатен стил особено кога е комбиниран со необични локации. Сите знаат за Париз и Милано, но за мене повредно е кога ќе направам фотографии во Хелсинки или Сантијаго.”, зборува Родиќ за својот креативен пристап во погледот кон модниот свет.

facehunter.blogspot.com

 

Блог за стилот на повозрасните 

Advanced style

Ари Сет Коен ја започнал својата кариера како фриленс-фотограф и писател во Њујорк. Во минатата година година ја издаде книгата именувана исто како и блогот, „Advanced style“, а во процедура е и документарен филм со истата тематика. „За мене отекогаш биле интересни луѓето со големи животни стории и уникатен личен стил. Фокусот на тематиките кои ги обработувам е на мажи и жени над 60 години, демографски честопати игнорирани од модните медиуми. Трикот е да се остане блиску до својата визија”.

advancedstyle.blogspot.com

 

Hyperbeast на Кевин Ма 

Hypebeast

Кевин Ма живее во Хонг Конг и порано работел во финансискиот сектор. Но, во 2005 година тој го лансира својот блог Hypebeast како форум на кој ќе може да пишува за својата најголема љубов, патиките и уличниот стил. „Започнав со блогирање бидејќи сакав да најдам начин како да останам блиску до работите кои ме инспирираат. Мојата пасија очигледно ја прифати и еден поширок круг на луѓе кои ме следат, а тоа ме мотивира постојано да го надоградувам мојот блог. Најдобрата работа во однос на блогирањето е тоа што може да те прочита кој било од која било точка на светот, инспирацијата и уживањето се бесплатни и слободно може да се споделат со другите луѓе”.

hypebeast.com

 

Во кралството на стилот 

Kingdom of style

Мишел Хесвел и Мари Томпсон пред шест години го основаа блогот kingdom of style, кој е еден од водечките модни интернет платформи во Шкотска. „Блогот не само што се покажа како одличен проект, туку е идеален простор за нашата заедничка пасија. Блогот е интернет екстензија на нашиот приватен живот во кој ние бескрајно зборуваме за облека и стил. ”

kingdomofstyle.typepad.co.uk

 

 

 

 

 

 

Објавено:
13 мај 2013
Категорија: 
Стории