Вака во Мексико се слави 15 – тиот роденден!

24 март 2015

Доколку досега не сте успеале да погледнете како во Мексико се слави исклучително важниот за нив, 15 – ти роденден, ние денеска ви пренесуваме неколку интересни фотографии од нивната мини свадба.

И ако тука лимузини можеме да видиме единствено за матури кај некои од друштвата што вистински сакаат да се покажат, или пак за помпезни свадби и прослави, во Мексико истите се секојдневие.

Серијата фасцинантни фотографии што доаѓаат директно од улиците на градот Монтереј во Мексико, го покажуваат неверојатниот тренд на луксузни и богати забави за 15 – тиот роденден на тамошните деца.

Според латиноамериканската традиција, токму 15 – тиот роденден е исклучително важен за децата, бидејќи тогаш конкретно девојчињата, преминуваат во жени.

Младата Софија е само една од многуте тинејџерки кои својот роденден го прославуваат не во една, туку во повеќе луксузни и сјајни лимузини со кои се возат до крајната дестинација каде ги очекува вистинска забава.

Облечени во раскошни и исклучително скапи тоалети во јаки бои, заедно со нивните другарчиња тие се возат низ градот и се забавуваат во лимузините, додека не пристигнат до помпезните локации каде ги чекаат бројни роднини и пријатели и каде се случува вистинска свадба.

Ваквите забави станаа секојдневие во Мексико каде родителите трошат огромни суми на пари за на своите деца да им ги исполнат сите хирови поврзани со оваа забава која мора да биде за паметење.

Покрај нивните родители, тие бараат и различни спонзори да им помогнат во финансирање на забавата која секогаш мора да е подобра од онаа на другите.

Покрај девојчињата, и нивните мали партнери мора да бидат исклучително координирани со нив, секогаш одбирајќи костим со детали во боја како нивните раскошни фустани.

Буквално сѐ што е поврзано со оваа прослава единствено поминува под мотото: Што поголемо, тоа подобро! Таков е случајот и со тортата и со локацијата и со сѐ останато. Дел од трендот на ваквите забави е и претходното најмување кореограф кој ги учи на некои нови чекори, особено во делот кога девојчето ќе се појави во салата и кога треба да остави најголем впечаток.

Во однос на оваа традиција на помпезно славење на 15 – тиот роденден, не се знае што е подобро. Години наназад, пред девојчињата да наполнеле 15 години, нивните мајки по цели денови ги учеле како да готват, да чистат, како да чуваат деца, по што се очекувало некој да ги земе нивните вредни ќерки.

Се претпоставува дека оваа традиција поврзана со важноста и моментите околу 15 – тиот роденден, потекнува од културата на Ацтеките.

Објавено:
24 март 2015
Категорија: 
Стории