Вимблдон и контроверзната мода на теренот

4 јули 2016

Вимблдон е тениски турнир кој секогаш привлекува внимание и тоа од неколку причини. Првин, поради квалитетниот тенис на трева, а второ поради модата, особено онаа на теренот.

Покрај подлогата на трева, Вимблдон е препознатлив и по белиот дрес-код на натпреварувачите.

Годинашниот турнир започна со мала контроверзија околу фустанчињата на дел од тенисерките. Имено, ако говориме за трендовите и ако се прашува „Најк“, тогаш плисираните здолништа се апсолутен хит.

Лисицки

 

 

Убави се да, но дали се удобни? Германката Сабине Лисицки, една од оние за чиј изглед на Вимблдон се грижи „Најк“, во првото коло наместо во гореспоменатото фустанче, се појави во плисирано здолниште и маица, со образложение дека „не се чувствува пријатно кога е толку многу откриена и толку многу работи се гледаат“.

Слично искуство имала и Ребека Петерсон од Шведска:

Петерсон

-Кога сервирав, фустанот надоаѓаше од сите страни. Генерално, навистина е едноставен, но се разлетува насекаде и тоа го прави непрактичен – ќе каже тенисерката.

Всушност, должината на фустанот е нешто што ги мачела повеќето тенисерки. Кога го добиле фустанот и требале да го пробаат, сите помислиле дека е прилично краток, но сепак имале доверба во „Најк“.

Како пренесуваат странските медиуми, непосредно пред почетокот на турнирот, на тенисерките им стасало СМС известување: „Од голема важност“. Од брендот побарале да им ги пратат фустанчињата, за да се доработат.

Луси Сафарова во најновиот модел на„ Најк“

„Мораме да направиме мали измени на фустанот во склад со правилата на Вимблдон. Ќе можете ли ве молиме да ги донесете во „Најк Вимблдон“ куќата?“, гласи пораката.

Ваквата постапка за многумина е голем минус на ваков бренд. Сепак, од службата за односи со јавност на „Најк“  истапија со соопштение во кое ги наведуваат причините за таквата постапка:

„На шпекулациите дека сме ја откажале серијата, сакаме да потенцираме дека тоа не е точно и дека често се случува специјално изработуваните парчиња да бидат коригирани, сѐ додека не бидат сосема готови за спортистите. Имаме многу блиска соработка со нашите спортисти и сакаме да им овозможиме продукт што ќе им помогне во играта и ќе направи да се чувствуваат добро на теренот“.

Сепак, има и такви на кои овој нов модел од „Најк“ им е совршен. Една од нив е и Јужин Бушар.

Јужин Бушар

-Мене ми се допаѓа. Не можам да коментирам во името на некој друг. „Најк“ секогаш изненадува со некој кул и модерен дизајн. Да, дефинитивно фустанот е краток, но такви се сите мои фустани и немам проблем со тоа – изјави неодамна тенисерката за британските медиуми.

Ако се прашувате каков е ставот на Серена Вилијамс, таа воопшто и не ја ни носи оваа креација. Тенисерката ја имаше можноста да избере сосема друг модел, кој е специјално изработен за неа. Естетиката на нејзиниот е блиска до тој што го имаат другите тенисерки – плисираното здолниште е присутно, а горниот дел е без ракави и со полуролка.

Серена Вилијамс

-Сметам дека е завршена добра работа. Во оваа креација и изгледам и играм добро. А тоа е и нашето заедничко мото – изјави Серена.

За разлика од неа, сестра ѝ Венус, одлучи да носи дизајн од својата линија „EleVen“.

Венус Вилијамс

Каролин Возњацки и Гарбиње Мусгуруса пак, на годинешниот „Вимблдон“ носат кул и модерни креации од дизајнерката „Стела Мекартни“ во соработка со „Адидас“. Дизајнот вклучува ласерски сечена мрежеста ткаенина во зони каде е потребно „телото да дише“, како и со вклучена технологија со која се регулира температурата на играчите.

Каролине Вонзњацки

Но, контроверзиите околу модните моменти на „Вимблдон“ не се ништо ново. Уште во 1919 година Французинката Сузан Лонглен, која воедно и беше победничката таа година, успеа да предизвика изненадување кај сите, појавувајќи се во маица со куси ракави и плисирано здолниште со должина до под колена.

Сузан Лонглен

Во 1949 година, Гертруд Моран ги „крена веѓите“ на целата британска јавност, покажувајќи ја долната облека под здолништето. Сите сметаа дека Моран со ова повикува на „грев и вулгарност во тенисот“, па целиот „Англиски клуб“ беше загрижен како на тоа ќе реагира кралското семејство.

Гертруд Моран

Меѓу контроверзните модни моменти на „Вимблдон“ беше и тесното и кусо фустанче на Сју Баркер од 1976 година. Освен силуетата, многумина зборуваа и за цветниот принт со кој беше украсено, кој за многумина беше навреда и кон играчите и турнирот, но со текот на времето, сите се навикнаа на нејзиниот „рискантен“ стил.

Сју Баркер

На оваа тема не може да се зборува без да се спомене тесниот комбинезон на Ен Вајт од 1985 година.

-Немав поим дека тоа што го носам ќе предизвика контроверзност. Тоа не беше моја намера.

Кога нејзиниот меч против Пем Шривер беше одложен, Ен беше замолена да облече нешто друго за следниот ден. Обврзана да го направи тоа, Ен го изгуби и мечот.

Ен Вајт

Иако овој текст го посветивме на тенисерките и модата, сепак и дел од тенисерите се виновни за револуцијата на ова поле. Така, на пример, во 2009 година, Роџер Федерер се појави во јакна во „милитари“ стил и златна машка торба за опрема.

Роџер Федерер

Кога сме кај боите, дрес кодот за Вимблдон датира уште од 1800-тата, кога тенисот се играл на друштвени собири. Со оглед на тоа дека дамките од пот биле многу видливи на облеката во боја, за разлика од парчињата во бело, оваа станува доминантно кога е тениската игра во Британија во прашање.

Вимблдон е познат како строг турнир кога се работи за дрес-кодот. Тој се држи до традицијата и покрај тоа што US Open уште од 1972 година дозволува облека во боја. Според правилата на овој турнир, сè што надминува еден сантиметар боја што би можело да влијае врз вниманието на гледачот, не е примерно за теренот. 

спорните патики на Федерер

За ова сведочи и фактот што во 2013 година, Роџер Федерер мораше да ги смени патиките со портокалов ѓон. Тенисерот го направи тоа, но подоцна прокоментира за медиумите дека ваквата одлука е премногу строга.

Но, да се вратиме на тенисерките. Во 2007 година Татијана Головин го сврте вниманието со црвените „боксерки“, за кои изјави дека ѝ ја зголемуваат самодовербата.

-Велат дека црвената е боја која кажува дека си силен, самоуверен и јас сум среќна со мојот избор – изјави тогаш тенисерката.

И „Англискиот клуб“ се огласи по тоа прашање, велејќи дека панталончињата се дозволени бидејќи не се гледаат под работ на здолништето.

Во 2008-та пак, во центарот на вниманието беше Марија Шарапова, која на турнирот се појави во куси бели панталончиња и кошула. Тоа беше првпат тенисерка да се облече така.

Марија Шарапова

Но, на нејзината противничка и сограѓанска Ала Кудриавтсева не ѝ се допадна:

-Ми беше задоволство да играм против неа, секако и да победам, но не ми се допадна нејзиниот изглед.

Истата 2008 година, Серена Вилијамс ги изненади сите појавувајќи се на теренот во бел мантил.

Серена Вилијамс

-Живеам на Флорида и веројатно имам повеќе мантили и палта од било кој друг. Едноставно ми се допаѓаат и ги купувам, иако тоа не соодветствува со моментот дека живеам на Флорида.

Ништо помалку впечатлива не беше ниту Венус Вилијамс две години подоцна, кога се појави во фустанче инспирирано од Тина Тарнер. Со здолниште од карнери и срцевиден израз на деколтето, многумина прокоментираа дека Венус е облечена како за вечерно излегување, а не за Вимблдон, но на Вилијамс едноставно фустанот ѝ се допаѓаше.

Венус Вилијамс

Дека останува доследна на својот уникатен стил покажа и следната година, кога се појави во кус комбинезон со патент во предниот дел.

Венус Вилијамс

Но, тоа веројатно не беше ништо во споредба со комбинацијата на Бетани Матек Сандс. Таа се појави во панталончиња и бомбер јакна на која беа закачени тениски топчиња и тоа преполовени. Ова нејзино појавување беше доволно за да ја прогласат за „Тениската Лејди Гага“.

Бетани Матек Сандс

Без разлика на тоа какви се вашите ставови за тоа како треба еден тенисер или тенисерка да изгледа на теренот, несомнено е дека модата е голем дел од тениските натпревари, особено во поново време.

-Добрата облека ги поттикнува играчите, нивната аура. Понекогаш тоа ги чини поен или два, но понекогаш и тоа е тенис. Ако играчите се чувствуваат добро, тогаш и ќе играат добро – вели Џејмс Роуз, тениски инструктор.

Во модерната игра, моќта на спонзорствата е од исклучителна важност. Ана Курникова не стана највисоко платената тенисерка благодарение на нејзините способности на теренот, туку и на спонзорствата. Брендовите соработуваат блиско со играчите и ја развиваат нивната опрема така, да ги направи среќни и да се чувствуваат добро. Но, не само поради тоа. Потоа овие парчиња ќе се продадат значително побрзо, а се идеални и за подобрување на техничките иновации кога се материјалот и кројот во прашање.

Сѐ е тоа бизнис и сѐ е тоа тенис.

Објавено:
4 јули 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.830 пати