Високата мода и Македонија

3 јули 2013

„Висока мода се луксузните креации на познатите дизајнери; Тоа се модели направени од скапи материјали; Не сум сигурна дека точно знам што е висока мода, не би можела да одговорам“, се само дел од одговорите на младите скопјанки на прашањето дали знаат што е висока мода.

За разлика од пред неколку години, модната сцена во Македонија почна да се придвижува, а граѓаните сѐ повеќе покажуваат интерес и за домашната сцена и за странската, младите сѐ повеќе ги следат светските трендови.

Сепак, дизајнерот Ненад Секирарски смета дека кај нас работите не се нарекуваат со вистинско име, со што на луѓето не им се презентираат работите на вистински начин.

- Мора да се потенцира дека, рачната, долгорочна изработка на моделот, квалитетната рачна изработка, не подразбираат секогаш и висока мода. Во наши услови, луѓето некако сами сакаат да се прогласуваат за нешто, па сметам дека работите кај нас се извулгаризирани кога е високата мода во прашање – изјави Секирарски.

Тој додава дека иако некои термини убаво звучат, не се соодветни за да се употребуваат.

-Сакам работите да се нарекуваат со вистинско име, но не за да се исмејува некој, туку за да се создаде ред. Јас не се доживувам како некој што работи висока мода. Тоа убаво звучи и е една амбиција која можеби од оваа гледна точка е долгорочно недостижна, но во Македонија, никој нема право да се нарече дизајнер или изработувач на висока мода. Тоа е нешто што ѝ припаѓа само на Франција, на одреден круг дизајнери таму. Во Италија има алта мода, и дајте да оставиме тоа да го работат тие луѓе таму, а ние да создаваме нешто што пред сѐ ќе се вика македонска мода, па потоа да дојдеме до степен, дел од македонската мода да биде профилирана кон нешто што е поуметнички, повисоко и поквалитетно гледано  – вели дизајнерот.

Ненад Секирарски Ненад Секирарски

Дизајнерката Лидија Георгиева вели дека публиката кај нас не е доволно запознаена со вистинското значење на терминот.

- Најголем дел од публиката не знае, но многу пострашно е тоа што имиња од нашата сцена во ембрионална состојба претендираат на такво нешто и со тоа го стимулираат општото непознавање. Сето тоа претпоставувам е меѓу другото, со комерцијални цели, но верувајте, не постојат теоретски шанси било кој во Македонија или блиската околина да го поседува знаењето и вештината што постојат како културно наследство и традиција во куќите на Висока мода.
Како и да е, едно е сигурно: постојано се грижам тие што се во моја околина тоа да го знаат, така се гради култура – објаснува Лидија.

Лидија Георгиева Лидија Георгиева

Нејзиното мислење го дели и професорката Јана Чупоска.

-Couture e француски збор што се однесува на изработка на облека за висока мода. Треба да се најде соодветен термин. Не може ние кај нас некој што се занимава со тоа да го нарекуваме кутуриер.  Работите мора да се одвојат. Ние овде немаме заштита на работа на висока мода. Кај нас има обиди и се работи по сенс, спонтаност – смета Чупоска.

Таа додава дека високата мода бара ексклузивност во материјали- технички лица што ќе ги создадат. И едуциран моден дизајнер.

- Секој денес може да си отвори дуќан, но тие се со друга намена.  Луѓето бараат заработка, и тоа е во ред, но не може секој да се нарече моден дизајнер. Кај нас работите секогаш се импровизираат. Исто така, во нашите медиуми модата е ставена во делот за забава. Така, сѐ додека така ја третираме, немаме никакво поместување. Но, кај нас луѓето не ги разбираат работите, и уште повеќе, не им е важно, си велат „можам и јас да станам дизајнер“. Тоа е таа невидлива граница што прави проблем.  Мора да се  направи разлика и меѓу публиката која знае да препознае кој вложил знаење во креациите. Колку некој знае се гледа по неговата работа. Не мора ништо тој да каже – објаснува Чупоска.

Тања Кокев Тања Кокев

Тања Кокев пак, смета дека по дефиниција нема висока мода кај нас, но не би требале да ја занемариме и другата страна од приказната.

-Кај нас нема ниту еден дизајнер што е член на Chambre Syndical, а исто така ниту еден дизајнер не продал фустан по цена од 30.000 евра и не ги прошетал своите колекции на ревиите за висока мода во Париз. Така, ако ја следиме оваа дефииниција, во Македонија нема висока мода. Немаме ниту Skopje couture week. Но, од друга страна, високата мода не е само членство во споменатиот синдикат. Суштината е рачната изработка и кроењето по мерка. Исто така, максимална посветеност на клиентот и задоволување на секоја негова желба. Во тој контекст, со оглед на тоа колку вложуваме во нашите фустани, секако дека станува збор за висока мода – објаснува Кокев, која во називот на своето ателје го има токму терминот couture.

Таа додава дека неа ја плени посветеноста на еден модел, како и неговата лимитираност. Според неа, во Македонија има висока мода гледано од аспект колку се вложува во парчињата, но нема кога станува збор за наплатата.

-Покрај споменатите причини couture до Кокев стои и поради тоа што мојата куќа започнува и со линијата ready-to-wear, па ќе се знае дека работиме во два сектора и couture и ready to wear – најавува Кокев.

Антонија Ристовска Антонија Ристовска

И Антонија Ристoвска смета дека луѓето кај нас немаат доволно познавања за тоа што е висока мода.

-На луѓето основното поимање на овој термин е дека  тоа е луксузна облека, нешто што го гледаат на Оскарите или последните Haute Couture колекции на врвните светски креатори. Сепак мислам дека познавањето на високата мода е на ниво кое соодветствува со нашата модна сцена, која се уште е во нејзините млади години. Кога ќе се спомене Висока мода за многумина асоцијација е Џон Галијано и неговите раскошни креации. За сите нас тој е врвен виртуоз кој нѐ водел далеку од реалноста, во светот на бајките. Но времињата се менуваат и наметнуваат соодветно отсликување на општествените прилики. Рецесијата што се случува во светот го има своето влијание врз големите модни куќи. Така, можевме да ја видиме крајно функционалната и минималистичка колекцијата на Раф Симонс за Диор што на прв поглед не изгледа како составена од креации од високата мода, или колекцијата на Карл Лагерфелд за Шанел. Но, тој едноставен стил во исто време подразбира, и тоа како добар крој и внимателна изработка, доведени до совршенство, но во исто време стил кој е омилен на клиентелата од високото друштво, која во најголем дел ја консумира високата мода. Можеби ова е нова ера во високата мода – смета Антонија.

Џон Галијано Џон Галијано

Уште едно ателје што го содржи couture во својот назив е ателјето на Мила Кадриу.

-Самиот термин висока мода подразбира креирање на ексклузивна облека што пред сѐ се прави по мерка на клиентото од најквалитетни материјали и со изработка која честопати се изведува рачно. Ова е начинот на кој тежнеам да работам во ателјето, па токму затоа и се одлучив да го ставам терминот во називот. Сметам дека во Македонија има почеток на високата мода, таа постои и се развива. За жал, нема настани каде би се презентирала и носела. Кај нас haute couture  фустаните се бараат за свадби, а помалку за други настани. Недостасува  презентација на високата мода од страна на нашите ѕвезди. Затоа, за сега презентацијата се врши само на модни ревии и едиторијали – потенцира Кадриу.

Мила Кадриу Мила Кадриу

Од друга страна пак, модната новинарка Снежана Богдановска, смета дека Македонија сѐ уште не е подготвена да го користи тој термин.

-Ако се има предвид што е сѐ потребно за овој жанр, терминот Висока мода или Haute Couture во домашен контекст станува утописки  а неговата употреба како квалификатив парадоксална и смешна. Она што во локални рамки се продуцира, на модно неедуцираните им се пласира многу често со ваква етикета , е во најдобар случај нешто што може да се нарече Висок лукзуз , но е далеку од вистинската суштина на терминот. Јасно е и зошто . И покрај тоа што не ретко се случува да се користи навистина вредна рачна работа, тоа сепак не е ни оддалеку достатно за заслужување на репутацијата. Критериумите се повеке од јасни и прецизни. Да не зборуваме за тоа дека тешко некој од домашните консументи би се воодушевил од рачно изработен раб или подвив. Напротив, би помислил дека изработувачот нема машина за шиење – објаснува Сани.

Таа додава дека од она што досега сме го виделе како понуда, можеби најблиску допрел Никола Ефтимов со своите уметнички, рачно лиени корсети-експеримент кој сигурно заслужува внимание и пошироко од локалните рамки.

-Во однос на тоа дали домашниот простор е почестен со вакви скапоцени парчиња, тешко е да се каже. Ако се суди според прикажаното на локалните престижни настани каде би било претпоставена појава на ваков екслузивитет досега не се препознал ваков исчекор, иако според сознанијата неколкумина навистина би можеле да си се почестат со таква привилегија. Засега веројатно се задоволни само со луксузното Pret –a- porter – смета новинарката.

Георгиева пак вели дека според  францускиот закон, Висока мода е правно заштитена апелација, која одговара на одреден број критериуми, кои се однесуваат на количината на рачна изработка, бројот на уникатни парчиња направени по мерка или бројот на вработени во атељеата на куќите.

- Бидејки дел од мојата кариера го поминав работејки во луксузни куќи кои ја имаа оваа апелација, ќе си дозволам да додадам нешто што не може да се напише во закон, но е многу поблиску до вистината: Висока мода (исто како и дизајнерска мода) е пред се STATE OF MIND, односно комплексна комбинација од состојба на умот, духот и стекнатата визуелна култура, како и култура на живеење – вели Лидија.
Таа додава дека пред неколку месеци, честа за апелацијата Вискоа мода ја доби куќата Мартин Марџела, која досега презентираше во официјалниот календар како поканет гостин, а одсега ќе биде полноправен член.

Мартин Марџела Мартин Марџела

-Не ми е познато дека некоја од Македонските фирми или модни куќи е член на оваа институција, ниту пак дека со било каков ангажман, заслуга или знаење ја добил истата. Смешно е да се дебатира на таа тема, особено што ретко која од куќите со седиште вон територијата на Франција ја има оваа висока чест- смета дизајнерката.

Но, професорката Јана Чупоска фрла едно сосема ново светло врз релацијата висока мода и Македонија. Според неа, ние имаме висока мода, но не сме свесни за тоа.

-Кај нас првиот обид за couture  е македонската народна носија. Жените од 18, 19 век се типичен пример за висока мода. Тоа што ние немаме однос кон тоа, тоа е наш комплекс – вели професорката.

Таа додава дека ние сме секогаш импресионирани, фрапирани, позитивно изненадени од секаква туѓа историја, која е за почит, особено во делот на модата, меѓутоа, изработката на македонскиот народен костум, независно дали е машки, женски или детски е комплетна рачна изработка и сосема соодветствува на она што е суштината на високата мода.

-Да тргнеме од материјалот, првин тој се прави. Жените  ја предат волната, потоа таа се бои, ја ткаат за на крајот да создадат ремек дело. Тие жени, домаќинки кои според мене се дизајнери од светски калибар, за висока мода, не се тотално непознати. Сведоштво за тоа се и бројните музеи ширум светот – изјави Чупоска.

Како пример за тоа го посочува и Музејот на човекот во Париз, во кој се наоѓаат нашите носии, а Французите се воодушевуваат на тоа.

-Ние малку ја банализираме таа тема од повеќе фактори, оти народната носија кај нас, за жал претрпува една форма за современ редизајн, кој што е крајно кич. Луѓето веќе немаат однос кон тоа, не ги познаваат вистинските вредности – објаснува Јана.

Нејзиниот став е дека високата мода во Македонија постоела и денес постои преку фолклорната облека што била креирана и дизајнирана, но сепак тимски работена. Но, според неа, изработката на овие парчиња не се ограничува само на облеката, туку и додатоците – накит, пафти, изработени од кујунџии што врвно си ја завршиле работата.

-Денеска  е невозможно да најдете такви мајстори, не постојат, изумрени се тие занаети. Има техники на ткаење што  се ремек дело во однос на иновацијата на модниот дизајн. Постои моделарска форма што е класича модна, во форма на А линија, силуета често застапена во модниот дизајн. Постои широк ракав, трапезоидна силуета, која што е основа за сите други декорации. И секој реон си има своја специфика , сопствен идентитет- престки  за на глава, елеци, рачни везови, што се ремек дело во однос на рачни техники – објаснува Чупоска.

Кога е македонската модна сцена во прашање, во поблиското минато и сегашноста, Јана вели дека има неколку обиди на дизајнери што успешно го прават тоа, да го вклопат фолклорот и модерното и да направат нешто уникатно. Како пример ги посочува Александар Ношпал, Никола Ефтимов, Никола Булески, Лира Грабул.

И на крајот, постои ли некој што воопшто би можел да носи висока мода кај нас?

Диор пролет 2012

Сани ја пренесува ситуацијата на светската сцена.

- Денес само неколку стотини жени ширум светот купуваат Haute Couture . Иако вреди за сумата која се плаќа тоа е сепак недостижно за поголемиот број на смртници.Цената на еден фустан од “Висока мода” се движи од 16000 до 30 000 долари. Гламурозниот фустан може да достигне цена и до 100 000 долари.

Јана вели дека тоа зависи од економската ситуација на државата. Таа ја посочува и „Систина“, како проект што бил најблиску до она што го нарекуваме висока мода.

-Според мене единствен бренд, кој за жал, траеше кратко, а ја третираше навистина високата мода, беше Систина. Имаше мисија да работи исклучиво висока мода. Но, пропадна бидејќи овде нема пазар за тоа. Кој ќе го купи тоа? Тие се потрудија да донесат скапи материјали од  Италија, кои реткост беа тука. Но, тоа веднаш замре, бидејќи немаше финансиска исплатливост. Таму работеа Ношпал, Секирарски, Даниела Андонова, дизајнери кои имаа искуство  и се трудеа на достоинствен начин да функционираат како бренд за висока мода. Сѐ друго е импровизација или обид кој уште е рано да се стави во категорија. Тоа е ризикот што го наметнува високата мода, но ако не сте подготвени на тоа, тогаш не се нарекувајте така. А ако разговараме за креативноста како потенцијал, тогаш да. Македонија е креативно подрачје, има луѓе кои и тек како би го работеле, но се соочени со нешто што се вика пари – вели Јана.

Иако беше дел од овој проект, Секирарски не се согласува дека изработувале висока мода.

-Ние создававме prêt-a-porte de lux. Огромна школа за тоа што сме и како сме. Да сфатиме што значи да се занимваш серозно со мода во Македонија. Можете да отидете во Париз и да ги видите материјалите две сезони однапред, да направите избор за адекватна колекција за времето, да не се оптеретувате од тоа што ќе се најде на интернет, туку да ги добивате информација од прва рака. Тоа е голем процес – потенцира дизајнерот.

Но, тој смета дека во Македонија има потенцијал кога се конзументите во прашање.

-Кај нас постоело граѓанско општество, многу порано. За жал, многу често не сме свесни за корените. Сметаме дека сѐ почнува од нас, но не е така. Мораме да бидеме свесни дека граѓанството постоело, и луѓето оделе и во Париз да купуваат облека, има луѓе што сакале да ги следат трендовите, да се облекуваат убаво. Така, ние сме нација која има потреба за убавото, а тоа се отсликува, како во облеката, така и во сѐ што нѐ опкружува – изјави Секирарски.

Антонија смета дека финасиската состојба го ограничува потенцијалот на консументи.

-Според моите сознанија во Македонија постоеле врвни мајстори во изработката на облека по мерка но претежно тоа било еден вид пренесување на новините од големите модни метрополи Париз, Милано... Модна куќа која работела висока мода во Македонија не постоела. Со оглед дека креациите од Високата мода се исклучително скапоцени неопходни се и консументи на истата. Кај нас, македонските дизајнери што работиме во Македонија, постои желба  и  се создаваат оригинални и луксузни парчиња облека, се користат и скапи материјали, рачни доработки, а секако треба да ја имаме и клиентелата која би платила сако од 2.000евра, или фустан од 15.000 евра, 50.000 евра па и многу, многу повеке – вели Ристовска.

Џенифер Лоренс во Диор Џенифер Лоренс во Диор

Сепак, таа како и Кадриу, потенцираат на тоа дека во последниве години многу повеќе се зборува за македонска мода, повеќе од кога било. Македонките сакаат да бидат „ин“ и не штедат да го постигнат тоа и покрај фактот дека свадбите и слични свечености се единствените каде се нарачуваат луксузни фустани.

Објавено:
3 јули 2013
Категорија: 
Стории