Вистината за телото после раѓањето

20 јули 2017

Несомнено дека бременоста и раѓањето ја менуваат жената на секое ниво. Она за што најмногу  и најчесто се зборува е соочувањето со „новото“ тело. И додека за време на бременоста, сите размислуваат за убавите страни, многу често по породувањето настапуваат фрустрацијата и намалувањето на љубовта кон себе поради новиот изглед, кој не е онаков каков што сме замислувале.

Неколку жени од Британија одлучија да им помогнат на останатите и да го разбијат митот што славните личности го наметнуваат.

Тие основаа движење насловено „mum bod“, каде целта е отворено да се зборува за сите „недостатоци“ што ги носи мајчинството во физичка смисла, дека е сосема во ред да не изгледате совршено, а најмногу од сè, дека тоа не значи дека не сте убави како претходно.

За британскиот весник „Дејли Мејл“ пет жени го споделија своето искуство и како тие се соочиле со сите овие промени, а исто така во духот на движењето се фотографираа со своите „постпородилни“ тела, порачувајќи дека совршено се чувствуваат во својата кожа.

Еве ги нивните приказни:

Кристел Перез (33)

фото извор: dailymail.co.uk

Кристел е мајка на малата Моли. Уште пред да ја роди, очекувала дека по нејзиното доаѓање ќе се соочи со многу малку часови спиење, со бескрајна приврзаност за тоа мало суштество, многу расположенија и диви хормони. Но, она што не го очекувала е промената на телото. Како некој што отсекогаш здраво се хранел и бил во одлична форма, претпоставувала дека по породувањето лесно ќе се врати во конфекциски број 34/36. Сепак, и после шест месеци таа сè уште ги носи трудничките панталони.

-Дефинитивно ми е удобно во сопствената кожа. Не ми пречи стомакот, а и ми се допаѓаат моите поголеми гради. Се хранам здраво и пешачам постојано и секаде, но прифатив дека некои работи не можат да се сменат без разлика колку и да се трудам или вежбам. Сега сум многу посреќна. Сфатив дека е нереално да очекувам да го имам истото тело како пред да имам дете. Затоа и се приклучив кон оваа група која сè повеќе расте, да споделам фотографии со сите белези и стрии по породувањето. Сепак, не беше од старт така. Додека бев бремена пријателите ми зборуваа дека веднаш ќе го вратам телото. Кога Моли имаше 12 недели, јас сфатив дека сè уште не можам да ги облечам старите фармерки и не бев воопшто среќна со тоа.

 

Софи Даниелс (30)

фото извор: dailymail.co.uk

По раѓањето на првото дете, Софи не крие дека го мразела своето тело. Денес има три сина Киан (12), Коли (10) и Теодор (11 месеци).

-Не можев да се помирам со фактот дека имам стрии на колковите и стомакот кои се перманентни и изгледаат како тигрови шари. Го изгубив чувството за идентитет. Не можев да ја носам старита облека и ја изгубив фигурата од претходно. Користев маслиново масло и масло од лаванда за да исчезнат. Но, наместо да бледеат тие беа сè уште видливи и со години не можев да носам бикини. Но, мојот став се смени откако го родив Теодор. Видов онлајн фотографии на жени што го покажуваат телото после раѓањето и конечно се почувствував совршено нормална. Потоа купив бикини што се врзува околу вратот и соодветен долен дел. Го покрив стомакот, но сфатив дека ако не се грижиш за тоа како изгледаш, и на другите нема да им е гајле. Го поврзав тоа и со моите синови. Дури и кога не се однесуваат добро, јас ги сакам, зошто да го немам истиот став и за моето тело?


Саира Истон (34)

фото извор: dailymail.co.uk

Саира верува дека проблемот на новите мајки е што не зборуваат доволно за нивните тела меѓусебе. Мајка е на Ајша која има 10 месеци.

-На жените им е тешко да го прифатат постпородилниот изглед. Како јога инструктор јас имав одлична еластичност на кожата, но во бременоста, се создаде потреба и за не толку зграва храна, што резултираше со 22 килограми повеќе од претходно. Сепак, мислев дека поради моето минато инстантно ќе се вратам на старите килограми, но не. Се изненадив кога видов дека сум величина 42. Сега повторно вежбам јога и успеав да дојдам до величина 38, но имав многу за „прифаќање“, особено дека половината веќе никогаш нема да ми изгледа исто. Имам стомаче што не сака да се намали. Но, секој пат кога ќе се загрижам ја погледнувам Ајша и се потсетувам на тоа дека моето тело ја создаде неа. Таа е вредна за секоја стрија, белег и вишок на моето тело.

 

Шарлот Харис (40)

фото извор: dailymail.co.uk

Мајка на три деца – Џорџ (11), Грејс (8) и Роуз (6 месеци). Таа одлучила да си го прифати „мајчинското“ тело, особено бидејќи не сака нејзините деца да растат со какви било проблеми со телото.

-Видов позитивно движење онлајн кое ги третира телата и сфатив дека мајките имаат големо влијание на кое децата, особено ќерките. Нивниот став резултира врз тоа како тие ќе се чувствуваат во сопствената кожа.

 

Фиона Браун (37)

фото извор: dailymail.co.uk

За мајката на Сет (3) и Закари (1) белезите од раѓањето значат буквално тоа – белег долг 14 сантиметри, спомен од раѓањето на второто дете.

-Имав тешко породување и морав да имам итен царски рез. И покрај тоа што сечењето се прави најчесто хоризонтално, веднаш под бикини зоната, мојот се направи на местото каде што бебето се заглави. Закрепнувањето одеше тешко и со недели кога и да се погледнев во огледало го гледав белегот. Ми требаше многу време да прифатам дека стомакот ми изгледа поинаку и дека никогаш повеќе нема да биде рамен, бидејќи го исекоа низ мускулот. Постепено, почнав да размислувам на тоа дека тој белег нè спасил и двајцата и дека тоа е она што е важно. Перфекцијата е илузија.

Кон движењето се приклучија и некои познати личности, со што велат мајките, сликата дефинитивно почнува да се менува.

„Промените полесно се прифаќаат кога луѓето ќе прифатат кои се. Жените се среќни бидејќи можат да ги слават промените на своите тела како нешто позитивно. Дури 72 проценти од новите мајки се несреќни со своите тела, а повеќе од 60 проценти би сакале да направат пластична операција, доколку би можеле да си ја дозволат“, се вели во едно истражување.

Притисокот што се наметнува за совршено тело на жените во средните години е многу голем. Тоа се жени кои секогаш имале контрола врз нивниот живот и тело, а сега ја немаат и се соочуваат со хаос. Стручните лица потенцираат дека треба да се смени фокусот на тоа како мајките изгледаат или треба да изгледаат. Фокусот треба да е на тоа мајките да бидат здрави физички и ментално, бидејќи само тоа ќе придонесе да се чувствуваат добро во своја кожа.

Објавено:
20 јули 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.273 пати
Извор: 
DailyMail