Влијателни жени од Блискиот Исток што ги рушат стереотипите

10 август 2017

Во многу наврати низ историјата, се покажало дека модата имала суштинско влијание врз различни општествени промени кои потоа се одразиле и врз секојдневието на обичниот човек. Модата како форма на уметноста има глас да руши предрасуди, стереотипни размислувања и гласно и моќно да зборува за табу темите.

Во овој контекст, во продолжение ќе ве запознаеме со неколку влијателни жени од Блискиот Исток, кои благодарение на нивната директна или индиректна комуникација со модниот свет, ги рушат табуата на своето окружување. Се работи за жени кои основале свои козметички компании, модни блогерки, спортистки или YouTube ѕвезди кои благодарение пред сѐ на социјалните мрежи, имаат огромно влијание врз милионска публика.


Таим АлФалаши

Таим е 25-годишна стилска икона по потекло од Дубаи. На Инстаграм има 2.4 милиони следбеници, а на You Tube има своја емисија која ја следат околу половина милион гледачи. Благодарение на своето врвно стилско чувство, таа важи за една зрела, модно освестена личност која има големо влијание особено кај помладата популација во Арапскиот свет, но и воопшто на глобално ниво.


Захра Лари

Лари е успешна спортистка, повеќекратна национална шампионка во уметничко лизгање во Саудиска Арабија, но и прва жена која учествувала во интернационалните натпревари. Освен тоа, таа е и заштитно лице на Најк за Блискиот Исток и голема инспирација за сите млади спортистки.


Анум Башир

Анум е модна блогерка која го води светски познатиот блог „Desert Mannequin". Потекнува од Катар, а често учествува на меѓународни конференции за кои зборува за своите лични животни искуства. Се појавила низ страниците на бројни престижни магазини како Вог, Харперс Базар и Тајм.

 

Дина Токио

Дина е блогерка која од својот блог направи успешен бизнис. Има свој канал на You Tube кој ужива голема популарност, а на Инстаграм ја следат 1.3 милиони луѓе.

 

Худа Катан

За Худа веројатно веќе сте слушнале. Таа е една од највлијателните блогерки за убавина, а по потекло е од Обединетите Арапски Емирати. Има сопствена козметичка линија, а на Инстаграм има фантастични 21 милион следбеници!


Софеја Годсон

Софеја е авторка на инстаграм профилот „Hijab Fashion" што го следат околу 3 милиони луѓе. На овој профил таа објавува шик стилски комбинации што вклучуваат и хиџаб, со што влијае врз глобалната публика и предрасудите околу овој додаток во облеката кај жените од Исламската вероисповед.

Фото извор: Инстаграм 

Објавено:
10 август 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.121 пати