Замина вечното девојче...

12 декември 2016

Веста за смртта на Кралицата на ромската музика, Есма Реџепова (73) одекна вчера ширум светот. Од домашните, преку регионалните медиуми, па сè до Би-би-си, никој не пропушти да се збогува со жената која остави голема трага на музичката сцена, но и во животот на многу луѓе, што преку нејзината песна, што преку хуманитарната работа.

Како петто од шесте деца на Чанија и Ибраим Реџепови, Есма детството го поминува скромно и во сиромаштија, помагајќи му на таткото чевлар. Нејзиниот талент за музика е видлив уште од таа возраст, а победата на еден радио натпревар и средбата со Стево Теодосиевски, кој потоа ќе стане и нејзин сопруг ќе го сменат нејзиниот живот засекогаш.

Пеејќи само во својот дом, на младата Есма ѝ се насмевнува среќата, па никогаш веројатно и не претпоставувала дека ќе им пее на Тито, Гадафи, Хуршчов, Садам Хусеин, Индира Ганди, дека 23.000 пати ќе се качи и симне од сцената и ќе запее на неа, дека ќе помине четири континенти, и тоа неколку пати. И така речиси 60 години.

-Ни самата не можам да поверувам дека траам речиси 60 години. Кога ќе сумирам сè, секако дека имаше и убави и лоши моменти. Во текот на сите овие години имав блескава кариера, достигнав сè што може човек само да посака. Кога би почнала да ги набројувам, листата на награди и признанија би била многу долга. Сметам дека на професионален план го постигнав максимумот, дека не може да се постигне повеќе. Но, задоволна сум и на приватен – вели Есма во интервјуто за „Политика“ во јуни годинава.

Во 1960-тата година, со Стево се сели во Белград и оттука започнува нејзината интернационална кариера. Првиот настап на Есма надвор од СФРЈ ѝ бил во Бугарија во 1961 година. На било која турнеја и да се појавела, била вистинска атракција, бидејќи во тоа време не било вообичаено Ромите да бидат дел од естрадниот живот.

На првиот фестивал на ромска музика и песна одржан во 1976 година во Индија, Есма е официјално прогласена за кралица на ромската музика, а во 1992 година на голема западноевропска турнеја е именувана за примадона на европското пеење и со тоа е единствената пејачка на народна музика што го добива ова признание.

-Ромската музика има топлина и душа и со тоа ја освојува публиката шриум светот. Ромскиот народ, каде и да живее, низ песната и музиката ги изразува своите чувства, без разлика дали се работи за тага или радост. Кога тоа ќе се искаже на така топол начин, не може да се отфрли – ќе каже во една пригода.

За нејзиниот стил на пеење речиси во целост е заслужен токму Стево Теодосиевски.

-Тоа беше негова цел, да имам свој препознатлив стил и јас до тоа се придржувам еве 60 години. За да покажам дека можам да пеам и други стилови, а да не ги мешам, снимив и песни од различни подрачја. Но, на крја се покажа дека она што го пеам се разликува од останатото. Мојот стил е вистински ромски, со многу мали примеси од Балканот – вели Реџепова.

Во 2013 година, како еден од најголемите амбасадори на државава, ја добива и титулата Национален уметник на Република Македонија, што не крие дека ѝ претставува голема чест.

Но, во морето награди и признанија, најголема ѝ е онаа од децата. Есма станува светски позната и по тоа што е единствената жена што посвоила дури 47 деца.

-Имав добар брак, не бев биолошка мајка, но сум мајка на 47 момчиња и едно девојче, па ми се исполни и таа желба. Секоја жена сака да биде мајка. Тое е инстинкт кој го имаат сите жени. Убаво е да се има големо семејство. Јас можам да се пофалам со тоа дека моето е едно од најголемите. Имам 129 внуци и 50-тина правнуци. Растеа покрај мене, се грижев за нив како нивна вистинска мајка, прележав и јас сипаници, заушки, теператури... Бев со нив кога се вљубуваа или кога беа тажни поради невозвратена љубов. Сепак, во мене носам тага бидејќи некои од децата ги испратив на вечно патување. Но, тука се нивните деца кои макар малку ми ја надополнуваат таа празнина. Сè што правев, правев со многу љубов, на сите полиња – признава Есма во еден разговор.

Таа додава дека Стево не ѝ дозволувал да работи многу по дома.

-Секој пат ми велеше дека заработувам доволно за да имам помошничка. Тој имаше мислење дека ако некој е способен за некоја работа, тогаш треба да му се препушти да ја работи. Зборуваше дека треба на другите да им се плати услугата, за секој да може да заработува. И покрај тоа што имав жена која ми помага, кога имав време, секогаш сакав сама да си направам ручек. Многу пати кажував дека, да не бев пејачка, сигурно ќе бев добра готвачка. Тоа го сакам со сето срце и душа. Мислам дека кулинарството е уметност.

На прашањето среќна ли е, Есма ќе каже:

-Мене ситници ме прават среќна. Среќна сум кога некому ќе помогнам. Среќна сум кога некој ќе се сети дека постојам и ќе ми се јави на телефон. Среќна сум кога ќе видам дека двајца се сакаат. Тешко е ова прашање. Тоа е исто како да прашате мајка кое дете повеќе го сака. Ме прави среќна публиката која доаѓа да ја слушне мојата песна. Јас сакам да се радувам.

За својот животен и работен век беше два пати номинирана за Нобелова награда за мир, а во 2013 година со Влатко Лозановски ја претставуваа Македонија на „Евровизија“.

-Мене ова не ми е потребно за кариерата, јас сакам да ѝ помогнам на Македонија, за што подобро да се пласираме – изјави тогаш Есма.

Пејачката е позната и како голем љубител на модата. Пријтелството и соработката со модната куќа „Елена Лука“ траше и пред и после тој настап, заеднички остварија многу хуманитарни настани, а беа соработници и при промоцијата на монографијата на Есма.

-Сакам да се дотерам и сакам кога мојата облека се совпаѓа со местото каде настапувам. Внимавам на тоа. Некогаш носам луксузни креации, некогаш е македонска, а некогаш и ромска носија. Зависи. На фризер одам еднаш неделно, а од модните додатоци, слабост ми се шамиите и шапките. На секое патување си купувам по неколку. Турбанот ми е заштитен знак. Речиси секогаш го носам на настапите, бидејќи сум една од ретките во Европа што се појавува со турбан на глава. И жените во Африка го носат, но мојот начин на врзување е посебен. Техниката ја научив од мајка ми, која имаше многу долга коса и секогаш носеше турбан, па кога го носам има и емотивна вредност за мене. Материјалот со кој го врзувам турбанот е со специјални димензии, мора да е 160 на 180 сантиметри – откри Есма во едно интервју за „Вечер“, иако многумина сметаат дека нејзиниот најубав моден додаток е милата насмевка.

Во некои други пригоди, откри дека за нејзината младоликост не е заслужна козметиката, туку генот.

-Користам само масна помада, никаква друга козметика не. Дури и не сакам премногу да се шминкам, само кога морам - ќе каже.

На прашањето на еден српски новинар пред неколку месеци, дали тоа што стана музичка легенда ја отповарува и обрвзува, Есма во нејзин стил одговара:

-Воопшто не ми претставува товар. Јас само го живеам својот живот, како што јас сакам. Не се гледам себеси над обичниот свет, туку сум една од нив. Сакам да им помагам на луѓето, целиот живот се занимавам во хуманитарна работа, но тоа не го правам за да се зборува за мене. Тоа го правам затоа што ме прави среќна – изјави Есма.

Нејзиниот глас ечеше силно и насекаде во светот, а замина тивко, но одекот од сè што направи ќе трае вечно. 

Објавено:
12 декември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.483 пати