Жан Ланван- моден револуционер на најстариот бренд

22 декември 2014

Меѓу модните великани што ја изменија модната индустрија, односно придонесоа за нејзина еволуција, ја вбројуваме и Французинката Жан Ланван. Иако физички не е присутна уште од 1946 година, нејзиното влијание во модниот свет сè уште се чувствува преку инспирацијата од колекциите на младите дизајнери. Оваа 2014 година во месец мај, модната куќа Ланван прослави јубилеј од 125 години постоење, а токму по тој повод ја отворија сопствената архива од каде го славеа името и делата на Жан Ланван.

Додека Жан беше на чело на модната куќа, таа успеа да го развие брендот и во делот на детската, спортската, машка и женска линија на облека, како и аксесоари. По нејзината смрт брендот стагнира, се додека на чело не застана уникатниот дизајнер Албер Елбаз, кој го врати името на модната куќа на А листата на најпосакувани етикети од славните личности.  Разгледувајќи ја историјата и развитокот на Ланван, почетоците пред повеќе од еден век, целосно се поврзуваат со сопственичката и дизајнерка Жан.

Таа е родена во Париз на 1-ви јануари 1867 година, како ќерка на Константин Ланван и Софи Вајт. Растејќи во семејство од единаесет деца меѓу кои е најстара, таа станува чирак како дизајнер на шапки и тоа на возраст од само 16 години, а во кројачниците каде работи се стекнува и со шивачко искуство. Во 1895 година таа се мажи со италијански благородник, а од бракот ја добива ќерката Маргарет,  која после смртта на мајка си раководи со веќе создадениот семеен моден бизнис.

Љубовта кон дизајнирањето облека Жан ја стартува со изработување на облека за Маргарет. Бидејќи истата била многу убава, голем број богати луѓе почнале да бараат копии за своите деца. Наскоро, и мајките почнале да бараат креации за себе, со што ентузијазмот на Жан бил дополнително стимулиран.  Во 1909 година Ланван се приклучува кон Синдикатот за Висока мода, со што официјално го добива статусот на кутуриер, а во тој период го отвора и првиот бутик во Париз. 1923 година можеби е најзначајната за развојот на брендот, бидејќи во 20-тите Ланван освен продавници за женска облека отвора и такви за домашен декор, машка облека, крзно и долна облека.

Сепак,  за значаен период за Ланван се смета и оној кога е лансиран првиот парфем, за кој Жан повторно се инспирира од нејзината ќерка. Се со цел да остане сеќавањето на нејзиното дело, логото на брендот Ланван е всушност силуетата на Жан и нејзината единствена ќерка Маргарет Мари Бланш, како се држат за раце. Логото е креирано во 1923 година и претставува илустрација на фотографија на мајка и ќерка кои носат исти шапки, создадена на бал на костими во 1907 година.

Жан Ланван го создаде најстариот бренд кој до ден денес функционира беспрекорно и е еден од најлуксузните на европско ниво. Она што го направи таа е убава облека во која жените се чувствуваат женствено низ декадите и тоа преку експериментирање на авангардни форми на фустани.

 

Објавено:
22 декември 2014
Категорија: 
Стории