Женската солидарност прави чуда!

9 март 2018

„Не е само 8 Март ден на жената“ е реченицата која најчесто кружеше по социјалните медиуми, во (не)формалните разговори, по медиуми, испровоцирани од тоа како треба да изгледа одбележувањето на овој ден. Слушаме како жените заслужуваат многу повеќе. Тоа “многу повеќе“ всушност треба да значи рамноправност. Тука настапува феминизмот и сите дилеми околу него. Не, тоа не значи дека мажите треба да исчезнат од овој свет или дека треба да ги мразиме. Зборуваме за права исти како нивните. Човекови права. Секаде во светот. 

Верувам дека секоја жена макар еднаш во својот живот си рекла: „Женско да не си“, а всушност не би биле ништо друго освен Жена (со големо Ж).

Жената е „мултитаскинг“ уште пред тој израз да стане „ин“ и да почнеме да го употребуваме, особено како квалитет кој посебно се цени при вработувањето (!). Не познавам жена која тоа не е, набљудувано од различни аспекти.

Денес е деветти март, а ние повторно ќе ја славиме Жената. Овој пат тоа го правиме со три дами, секоја успешна во своето поле на дејност, кои во множеството улоги од неодамна ја додадоа и онаа на мајка. Се соочија со нов, светол период од нивниот живот, со предизвик кој никогаш не завршува.

За мајчинството, што сакаат да ги научат нивните деца, за моќта на жените, женската солидарност, но и како од „Женско да не си“ всушност секогаш се водиме од онаа „Жена сум, можам сè!“, зборувавме со Јана Бурческа, Ана Јовковска и Анита Русевска.

 

Кога жената првпат станува мајка, го сфаќа вистинското значење на нејзината мајка

Јана Бурческа (24) проектен менаџер, пејачка

 

 Пред пет месеци, светот на Јана го осветли Дона. Вели, тоа е огромен предизвик за кој веројатно никогаш во целост не си подготвен.

-Мајчинството, особено со првороденото, е само по себе огромен предизвик. Соочување со моментот дека едно купче живот е целосно зависно од тебе, без тебе не може и само за тебе знае; Соочување со фактот дека твојот свет преку ноќ станува толку мал, но и никогаш не бил поубав; Соочување со ограничувањето на слободата, која пак одеднаш тоа купче живот од корен ја редефинира. Неверојатно. Најголемата лекција која се учи само и само кога жената за прв пат се станува мајка е тоа што всушност вашата мајка значи. За прв пат сте на нејзиното место и за прв пат можете да разберете колку многу таа чувствува и се грижи. Тогаш вистински разбирате на што сè е подготвена за вас. Ова мажите никогаш не ќе можат да го разберат на таков начин. Исто така, откако станав мајка престанав да верувам дека човекот се раѓа табула раса. Бебињата се полни со многу поуки без да изустат збор. Нè потсетуваат дека материјалното е неважно, а радост и топлина делат со секого, без предрасуди. Oвој одговор би го заокружила со лекцијата која ја научив за времето. Времето никогаш не било олку драгоцено – вели Бурческа.

Од секоја жена се очекува посветено да одговори на сите улоги што ѝ се доделени. Некогаш тоа изгледа како невозможна мисија.

- Најдобро ќе се одговори на сите улоги кога улогите од двете страни одговорно ќе се вклучат. Жената мајка, сестра, сопруга, вработена, другарка мора да има разбирање од и за својата сестра, брат, сопруг, колеги, друштво.

На прашањето, за што успеала досега да се избори како жена, ќе каже:

- Лично, досега не сум се нашла во ситуација во која сум била посериозно загрозена врз основа на тоа што сум жена и затоа силно им се заблагодарувам на жените пред мене, но и на моите родители кои ме научиле да ги бранам своите ставови. Се чувствувам прифатено во средината во која живеам и работам. Во поголемата слика мојот удел е разбирањето, поддршката и почитта за секоја жена.

 И покрај тоа што велат дека жена со жена тешко излегува на крај, всушност, жена без жена не може.

-Жените ги охрабруваат жените. Жените ги потсетуваат жените дека не се сами и не се единствени во предизвиците. Жените го споделуваат своето искуство со жените. Жените ги слушаат жените. Жените се борат за жените. Во моето семејство има многу жени и најголемиот печат кои ми го оставиле е токму негувањето на семејството – посочува Јана.

Гледајќи ја денешната ситуација, најголемата немоќ на жената е производ на немоќта на општеството да се оддели од традиционалното разбирање на жената.

-Немоќта на жената е нејзиното прифаќање на овие стереотипи. Време е да ставиме крај на традиционалните сфаќања за жената (и мажот) и да создадеме нова традиција на еднакви индивидуи, луѓе. За ова мора заеднички да делуваме и да работиме на себе, во континуитет. Најголемата умешност на жената е балансирањето со илјадниците улоги во општеството и покрај погоре наведеното. Трпеливоста е доблест во секој случај.

Јана смета дека треба повеќе да се посветиме на жената од нашето поднебје и какви се нејзините права.

 - Во времето кога Клара Цеткин се борела за правото на глас на жената, нашите баби немале струја во своите куќи, а прашање е дали воопшто знаеле за гласање. Треба да се фокусираме на нашето поднебје и нашите жени, односно жената во Македонија вчера со жената во Македонија денес, како и жената во Македонија денес и жените во светот денес. Постои гигантски скок во правата на жените и тоа е вистината. Остатоците од традициите како што погоре споменав, е она што ја продолжува борбата. Разликата е во целта на борбата. Ново време, нови можности, нови права, нови борби.

За крај, ја прашавме на што сака да ја научи ќерката која (ќе) расте во ова ново време кога моралот, домашното воспитување и односот полн со почит кон жената и не се на цена:

 - Вистински да се почитува себе си. Само на тој начин ќе успее да се избори за своето место во светот и ќе биде способна да ги почитува другите. Сакам да ѝ поставам добри темели, а и слобода, да може да прерасне во човек среќен со себе. Така ќе има спокој и со мирна глава ќе презема акција и ќе реагира на животните предизвици. Сакам да ја научам да комуницира со околината, но и со себе. Иако понекогаш се прашувам за каков свет треба да го подготвиме своето дете, сепак силно верувам дека таа ќе расте во свет во кој чесноста и разбирањето повторно ќе се вратат во центарот на вредносниот систем и токму во тој дух ќе ја воспитуваме.

 

Феминизмот не може да е помодарство, кога во општеството има реална потреба од рамноправност

Ана Јовковска (36) новинарка, авторка и активистка

 

-Најголем предизвик е да сакаш безусловно - вели Ана на почетокот на нашиот разговор, каде се осврнавме на тоа што сè ѝ донесе новата улога – мајка на, сега веќе 17-месечниот, Алекс.

-Само родителската љубов е безусловна. Сите други форми на љубов имаа своја цена на духовниот пазар на вредности. Откако станав мајка научив нов есперанто јазик - бебешкиот :) и научив да го користам речникот на срцето повеќе од сите други филозофии. Почнав да си го слушам инстинктот. Работите што ти се потребни за совесно „родителување“, како мир, толеранција, емпатија и трпение не се учат од книга. Тие се упатства што ти ги диктира срцето, а ти само го следиш патот на давање без резерва. Сепак, во однос на практичните родителски обврски, знаења и вештини, потребно ми беше да прашувам и читам, исто како што учиме и се подготвуваме за сите други работи во животот. И кога ме прашувате која е најголемата промена што ја забележав кај себе... сфатив дека човек може да биде добар цело време. Децата те прават зен мајстор. :) – открива Ана.

Со оглед на тоа дека е активна на повеќе улоги, ја замоливме да ни го сподели искуството како таа успева да „жонглира“ со сите одеднаш.

-Исто како и претходно, само со пет часа помалку сон :) Верувам дека секоја жена може да функционира со повеќе идентитети - и како мајка и како професионалец и како другарка и како љубовница. Едното не го искулучува другото, освен што носи повеќе напор и помалку сон. Работите се случуваат кога човек ќе си ги замисли во својата глава дека треба да се случат. Понатаму е потребно само добра организација и силна самодисциплина. Од личниот регистар на женски борби (мајчинство версус кариера) најискрено би можела да кажам дека многу малку луѓе веруваа кога пред десет месеци, а кога моето бебе имаше само седум месеци, им соопштив дека влегувам во процес на пишување нова книга. Дури и моите другарки, феминистки, ме предупредија дека тоа би било преголем залак за една тазе мајка која меѓудругото работи и на други проекти. Знаете од кого ја добив најголемата поддршка? Од мојот сопруг и од мојот татко. Овие две машки фигури се вистински заложници за женски права. Сепак, за новата книга да успеам да ја реализирам, најголемата помош ја добив од мојата мајка, од мојата свекрва и од мојата сестра :) Женската солидарност прави чуда! Се разбира, во комбинација со почитта од мажите дека секоја жена има право на избор. Моите издавачи „ТРИ“ исто така беа скептични дали ќе го стигнам предвидениот рок, особено кога на еден од нив му се роди бебе, па имаше увид одблизу што значи рана родителска фаза. Книгата е готова! И самиот наслов на книгата „Ехо на слободата“ кажува дека секогаш ја бирам страната на слободата. :) – најавува Јовковска.

 фото: Жарко Чулиќ

Промоцијата ќе биде многу скоро, а таа не крие дека се чувствува исполнето и среќно.

-Среќната жена е најдобрата мајка на светот. И, иако подготвувањето на книга, како и сите мои други паралелни работни ангажмани, бараат голема посветеност, сепак, мојот син Алекс, ни малку не го лишив од потребното и квалитетно родителско време. Се лишив себеси од доволно спиење, излегување, шопинг, фризер, лакирање нокти... Па, иако уморна и бушава на крајот од денот, убава ме прави насмевката што ми ја предизвикува Алекс и љубовта. :)

Жената се карактеризира како мошне силна, но истовремено се нарекува “понежниот“, односно “послабиот“ пол. Во што е нејзината сила, а во што немоќ?

-Најголема сила, не само на секоја жена, туку и на секој човек воопшто е добрината, а најголема немоќ е чувството на неможност да им помогнеш на оние на кои им е потребно.

На прашањето во што жената од времето на Клара Цеткин (не) се разликува од жената денес, Ана ќе каже:

-Секако дека Клара Цеткин е прекрасен симбол на борба за родова еднаквост, но имаме ние и наши борки како на пример Роса Плавева или Накие Бајрам или... Деновиве пишувам сценарио/наративен текст за еден документарен филм на тема женски права, па затоа ми е тазе впечатокот дека ретко си ги споменуваме нашите жени борки. Од тогаш до денес, жените имаат многу повеќе права, но сè уште имаме многу нагазни мини во општеството од кои се пука со стереотипи и дискриминација. Македонската жена можеби без проблем носи мини здолниште или пантолони (во минатото било забрането жени да носат пантолони, а мини здолништата се сметале за промискутетно руво) но, сепак жената денес сè уште е јадица за сексизам и родово базирано насилство.

Феминизмот е речиси секогаш актуелна тема, со различни толкувања, помеѓу суштината и помодарството, а Ана вели дека феминизмот пред сè е неопходност.

- Тој никако не би можел да биде помодарство кога во општеството има потреба од еднаквост. Женските права се дел од човековите права. Феминизмот е идеологија за рамноправен свет, така што не е прашање на помодарство, туку прашање на цивилизираност.

На крајот, и неа ѝ го поставивме прашањето на што сака да го научи синот, кој (ќе) расте во ова ново време, кога и вредностите добиваат нов облик.

-Би сакала да го воспитам во добар човек, а добриот човек не ги дели луѓето по ниту еден основ.

 

Во бременоста научив колку навистина сум силна

Анита Русевска (40), соло пејачка, дизајнерка на накит

 

Големата желба и копнеж на Анита Русевска пред 14 месеци стана реалност и најголема среќа. Мартин е сонцето што го огреа нејзиниот живот и ѝ ги покажа на виделина нејзините најсилни страни.

-За мене, најголем предизвик и животна мисија е една жена да се оствари како мајка. Од друга страна, ги почитувам и жените кои одлучиле да немаат деца, на сметка на кариера или од други побуди, тоа е веќе начин на живот и избор. Но, да се биде мајка е најтешката и истовремено најубавата улога. Самото остварување да се биде родител, мајка, во мојот случај беше голема желба, но и истовремено и предизвик. За жал, одев малку по потешкиот пат. Научив како да се биде потивок, трпелив, научив дека сум вистински силна. Едноставно некои работи ви доаѓаат природно, без било кој да ви ги каже или да ви укаже. Имав бременост како по книга, иако беше патолошка, па не смеев многу да шетам и морав многу да внимавам – открива Анита.

Раѓањето на Мартин значеше и сосема нова организација на животот, во кој вели, сепак има време за секого.

-Да се биде мајка, сестра, вработена, жена, колешка, сопруга... во мојот случај не е многу тешко. За среќа работам работа која не бара од мене да сум по осум и повеќе часа на работа. Успевам да се организирам и да имам време за сите – и со колегите да испијам кафе, и со другарките да се видиме кога ќе можеме, а домашните секојдневно се тука... Така што за секого се наоѓа време – потенцира Русевска.

Но, исто така не крие дека не би било така да ја нема и женската помош.

-Жените врз жените имаат огромно влијание. До тебе е дали тоа ќе го прифатиш сосема, со резерва или пак нема да го прифатиш. Лично, научив повеќето совети со резерва да ги прифаќам. Сакам да слушнам и други мислења и искуства, иако некои жени знаат прилично да ги преувеличат работите. Во однос на бременоста и потоа бебето, добивав различни совети, но не и во насока да ми се вршат секакви влијанија. Имав голема помош од мајка ми, свекрвата и снаа ми. Жената не е ни свесна колку е силна, не е свесна колку може издржи, од секој аспект, па и физички. Тоа го оснознаваме после раѓањето. Кога си мајка, секогаш имаш сила, иако некогаш постојат ситуации каде знаеме претераме и треба да кренеме кочница, тоа не е секогаш возможно – вели Анита.

На феминизмот денес гледа како на помодарство, чија суштина се губи.

-Не сум феминистка во насока на тоа да потенцирам постојано дека јас можам сама сè и никој не ми треба, како што често денес се толкува. Не сум така воспитувана, а во последно време тоа стана помодарство. Одеднаш сите станаа “јаки “ во секоја смисла, а морам да признам дека мене тоа до тој степен не ми се допаѓа. Сакам да сум независна жена, да сум свој човек, но во исто време имам и своја кревка страна, па оттаму понекогаш навистина ми треба поддршка и помош од сопругот.

Последното прашање и за неа беше на што сака да го научи синот во ова ново време со поместени вредности.

-Ќе се трудам син ми да израсне во чесен, трудољубив и свој човек, да има огромна почит кон жените. Сакам да му создадам емпатија кон сите живи суштества, да спортува, да се дружи, да помоага. Сакам да стане ДОБАР човек, бидејќи тој ми е вистински дар од Бога.

Објавено:
9 март 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.631 пати