Животната приказна на Марија Кири Склодовска

7 март 2017

Непосредно пред Меѓународниот ден на жената, случајно налетав на приказна за првата жена што освои Нобелова награда – Марија Кири Склодовска.

Истата ќе ви ја пренесам во продолжение, а ќе посведочите на приказна за живот исполнет со борба, копнеж, амбиција, пад, подем и успех:

На седми ноември во 1867 година во домот на семејството Склодовски се раѓа втората ќерка на која ѝ го даваат името Марија. Како припадници на средната класа, нејзините родители отсекогаш имаат почит кон образованието. Тоа и не изненадува многу, имајќи предвид дека нејзиниот татко е професор по математика и физика, а мајка ѝ директорка на женски интернат.

Сепак, оваа навидум среќно и почитувано семејство, се соочува со тешки години. Третата ќерка што се раѓа после Марија починува уште како бебе и тоа од тифус. Нејзиниот татко добива отказ поради своите про-полски политички уверувања (Полска во тоа време е под власт на Руското царство), а мајка ѝ пак, по раѓањето на Марија го напушта работното место. Неколку години подоцна, заболува од туберкулоза и умира.

Поради таквиот развој на настаните, Марија се запишува во Интернат, а потоа и во женска гимназија, која ја завршува со одличен успех. Уште од мала возраст е посебно наклонета кон учењето. Тоа го правела со часови, дури до изнемоштеност. По матурирањето оди на село, токму за да закрепне од исцрпеноста.

Но, амбицијата во неа тлее. Љубовта кон физиката и математиката, всадена од татко ѝ, сè повеќе се разгорува. Сепак, во тоа време (1883 година по Јануарското востание), во редовните институции високото образование било резервирано исклучиво за мажи.

Затоа Марија своето место го наоѓа на т.н. „Летечки универзитет“, кој е всушност и нелегален, а сонува за Париз и престижната Сорбона.

Потсешкотиите со кои се соочува не ја намалуваат нејзината амбиција за остварување на својот сон. Затоа, со постарата сестра Бронислава прави договор – таа да ѝ помага финсиски да го заврши медицинскиот факултет, а Бронислава по дипломирањето да ѝ ја возврати услугата.

Така, Марија се вработува како гувернанта и приватна учителка во семејството Зоравски, а заработката ѝ ја праќа на сестра си. Освен заработувачка, оваа работа ѝ ја носи и првата љубов, првата голема романса. Имено, Марија се вљубува во Казимиер Зоравски, синот на својот работодавач. Иако вљубената двојка сака да ја официјализира врската, родителите на Казимиер никако не ја прифаќаат неговата сиромашна изабраничка. Љубовта пука под пртисоците. Набргу потоа, Марија се сели во Париз и се запишува на „Сорбона“, на катедрата за физика, хемија и математика.

Следат години тежок живот, исполнет со глад и одрекувања. Но, во пролетта 1893 година завршува како прва во генерација, а една година подоцна магистрира на математика, исто така на „Сорбона“.

Марија и Пјер Кири

Токму таа 1894 година, почнува да работи на истражување на магнетските својства на челикот и во нејзиниот живот влегува физичарот Пјер Кири. Имено, на Марија ѝ треба лабораторија во која би ги вршела испитувањата, а тој ѝ нуди место во неговата.

Пријателството, како и заедничката страст кон науката полека прераснуваат во љубов. Првиот пат кога Пјер ја запросува, таа го одбива, бидејќи верува дека ќе се врати во Полска и таму ќе ја продолжи научната работа.

Пјер бил подготвен да се пресели со неа во друга држава и да работи како професор по француски јазик, но ништо од тоа не се случува.

Марија не добива место на универзитетот во Краков затоа што е жена. Тогаш, Пјер ја охрабрува да се врати во Париз и да докторира. Во 1895 година стапуваат во брак со скромна церемонија. Наместо венчаница, Марија носи темносин фустан, кој подоцна со години ќе го користи како униформа за работа во лабораторијата.

Под менторство на Анри Бекерел, во 1903 година таа докторира на Високата школа за индустриска физика и хемија во Париз, и станува првата жена – доктор на науки во Франција.

Истата година, брачниот пар Кири интензивно се занимава со научна работа, која резултира со номинација за Нобелова награда.

Одборот првин имал намера Нобеловата награда за физика да му ја додели само на Пјер и неговиот колега Анри Бекерел за инстражувањето за феноменот на радијацијата. Но, шведскиот математичар и борец за правата на жените во областа на науката, Магнус Густаф Митаг Лефлер го предупредил Пјер на тоа дека после неговата жалба, и Марија Кири е номинирана.

Марија, Пјер и Ирене

На крајот, Марија, Пјер и Анри  ја добиваат наградатам како признание за исклучителниот придонес во нивното заедничко истражување на феноменот на радиоактивноста откриен од Проф. Анри Бекерел.

Така, Марија станува првата жена што ја освојува оваа престижна награда.

Месец дена подоцна, таа е хоспитализирана поради депресија и проблеми со бубрезите. Но, проблемите не завршуваат тука. Три години подоцна, Пјер умира во сообраќајна несреќа, поточно како резултат на повредите здобиени по прегазувањето од кочија. Марија продолжува сама да се грижи за нивните ќерки Ева и Ирене.

Во 1910-тата година, во чест на нејзиниот сопруг, основната единица за мерење на радиактивност ја нарекуваат „кири“.

И покрај тешкиот живот, Марија продолжува да го зацврстува своето место во светот на науката. Во 1911 година ја освојува втората Нобелова награда, овој пат за хемија, како признание за „нејзиниот придонес за напредокот на хемијата со откривањето на елементите радиум и полониум, со изолирањето на радиумот и со проучувањето на својствата и соединенијата на овој значаен хемиски елемент“. Необично, но намерно, Марија Кири не го патентира процесот на изолирање на радиумот, со цел научните кругови да можат непречено да истражуваат.

Марија со Ирене и Ева

Таа е и единствената личност што освоила две нобелови награди за две различни науки.

За да не остане Пјер во заборав, одлучува да го „овековечи“, пишувајќи ја неговата биографија со едноставен наслов „Пјер Кири“. Набргу по тоа, се враќа во родната Полска, за да биде дел од полагањето на темелите за институтот кој денес го носи нејзиниото име.

Во 1921 година, патува низ САД, каде е триумфално пречекана, а со цел да обезбеди средства за истражување на радиумот. Имајќи сосема друга замисла за начинот на користење на радиумот, во подоцнежните години станува разочарана од мноштвото доктори и произведители на козметика што го користеле радиоактивниот материјал без посебни мерки на претпазливост.

На 4-ти јули 1934 година како последица на апластична анемија, предизвикана веројатно поради долгата изложеност на радијација, Марија Кири умира.

По смртта е погребена на истите гробишта во кои почива и Пјер Кири, но во април 1995 година, во чест на големите достигнувања, посмртните останки им се пренесени во Пантеон во Париз, помеѓу најславните личности од француската историја.

Со тоа станува и првата жена погребана во Пантеон, во знак на признанието на нејзината работа.

По нејзината смрт, ќерката Ирене Жолио Кири и сопругот Фредерик Жолио Кири продолжуваат да се занимаваат со изучување на радиоактивноста. Тоа во 1935 година им ја носи Нобеловата награда за хемија.

Помладата ќерка Ева, ја пишува и објавува биографијата за мајка си со наслов „Марија Кири“.

Објавено:
7 март 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.218 пати