Животната приказна на Силвестер Сталоне нема да ве остави рамнодушни

6 јули 2018

Актерот Силвестер Сталоне денеска го прославува 72. роденден, а ако прочитате некои од неговите интервјуа или цитати, ќе забележите дека доминираат мислите за борбеноста, упорноста и истрајноста.

Тоа не е ни малку случајно. Сталоне го зборува тоа што навистина го проживеал, а неговата животна приказна нема да ве остави рамнодушни.

Франческо, таткото на Сталоне е роден во Италија, а во 30-тите години емигрирал во САД. Бил фризер, козметичар и писател. Мајката Жаклин е астролог, поранешна танчерка и промотерка на женско борење. Сталоне има и помлад брат, Френк, кој исто така се занимава со актерство и музика.

Џеки имала компликации во текот на породувањето, кои предизвикале Силвестер да се роди со парализа на левата страна на лицето. За да го ублажи проблемот, работел вежби, па во голем дел ја повратил мобилноста на муксулите. Сепак, специфичниот говор и израз на лицето останале, но станаа негова препознатливост.

Имал и рамни табани, па за да го исправи и тој проблем на четиригодишна возраст почнува да оди во училиште за танц, кое го поседувала неговата мајка.

Во текот на 50-тите, семејството се сели во Вашингтон, каде татко му отвора козметичко училиште, а мајката му теретана со назив „Барбела“. Среќната приказна почнува да се руши кога има девет години, кога неговите родители ќе се разведат.

Тоа ќе биде причината што во прво време ќе живее во згрижувачки семејства. После некое време ќе биде повторно со мајка му, но и нејзиниот втор сопруг, а ќе живеат во Филаделфија.

Сите случувања ќе придонесат да биде темпераментно момче, дотолку што ќе биде исфрлен дури од 14 училишта. На крајот, запишува специјално средно училиште за проблематични деца.

После тоа, запишува колеџ во Швајцарија каде студира драма. Образованието го продолжува во Мајами, но го напушта Универзитетот пред да ја добие дипломата. Заминува за Њујорк, каде е одлучен да се занимава со глума.

Не е тајна дека првата главна улога ја остварува во порно филм - „Забава кај Кити и пастувот“ во 1970-тата. За два дена снимање заработува 200 долари. Во едно интервју ќе каже дека филмот го снимил од очај и безизлезна ситуација, бидејќи бил избркан од станот каде престојувал.

Но, тука не завршуваат проблемите. Три недели спиел на автобуската станица во Њујорк и се туширал на градскиот базен. Филмот ќе се прикаже години подоцна под називот “Italian Stallion“, со цел да заработи на веќе популарното име Сталоне.  Но, пред да дојде до популарноста, во 1975 година се соочил со тешка материјална состојба, кога не бил во можност ниту себеси ниту на своето куче да им обезбеди храна.

 

Тоа е причината поради која ќе биде приморен да го продаде најдобриот пријател и тоа за 40 долари. Со солзи ја напушта продавницата каде миленикот го предава во непознати раце, со надеж дека ќе има подобри услови за живот.

Две недели по тешката одлука, ќе го гледа мечот помеѓу Мухамед Али и Чак Вепнер. Анонимниот боксер победи во 15-тата рунда со технички нокаут. Тоа ќе го инспирира Сталоне и ќе го напише своето прво сценарио. За викенд, или поточно за 20 часа ќе ја напише приказната за „Роки“.

Актерот ќе се обиде да го продаде сценариото. Условот е да биде и тој во филмот.  Првата понуда ќе биде 125.000 долари, но со оглед на тешкиот говор и изгледот, не постоела опција за тој да биде во филмот. Добива одговор дека сакаат вистинска ѕвезда и дека тој изгледа и зборува смешно. Сталоне ја одбива понудата. После неколку недели, истата куќа му нуди 225.000 за сценариото, но без него (замислата на Ирвин Винклер и Роберт Чартоф била Роберт Редфорд да ја толкува главната улога), сепак тој повторно одбива и останува упорен во својата намера. Ја одбива и третата понуда од 350.000 долари. Единствениот услов да прифати било тој да биде Роки.

 

 

Последната понуда била 35.000 долари за сценариото, како и согласност тој да глуми во филмот.

Среќниот Сталоне, со парите оди пред продавницата каде го продал својот миленик, со надеж дека ќе го сретне човекот кај кого оставил кучето и ќе го врати назад. Чекал три дена пред продавницата и третиот ден го здогледал својот пријател. Му понудил дури 1.000 долари на непознатиот човек да му го врати кучето, но тој не сакал да прифати. На крајот, успева да го „откупи“ за 15.000 долари. Истото куче се појавува и во филмот.

Во филмот ќе биде вложено околу милион долари, а ќе оствари заработка од 225 милиони долари. „Роки“ има 10 номинации за „Оскар“ а освои три -  за најдобар филм, најдобра режија и најдобра монтажа. Сталоне доби „Оскар“ за најдобар актер во главна улога и најдобро оригинално сценариот“.

„Роки“ е забележан и во Националниот филмски регистер на САД како еден од најдобрите филмови на сите времиња.

 Во 1978 година на Сталоне ќе му биде понуделно да глуми во филмот „Comming home“, понуда што ќе ја одбие. На негово место ќе дојде Џон Војт кој за улогата ќе добие и „Оскар“ но нема да оствари поголема популарност.

 

Следната година, Силвестер го пишува сценариото за „Роки 2“ и истиот го режира.

Во 1982 година го снима филмот „First Blood“, а потоа и низата остварувања за „Рамбо“, како и третото продолжение на „Роки“.

Овие одлуки ќе го направат еден од најуспешните и најплатени актери во Холивуд.

Во јуни 1984 година ќе добие своја ѕвезда на „Булеварот на познатите“ во Холивуд.

На листата филмови што ги одбил се „Умри машки“, „Ниски страсти“ и „Убава жена“, но не жали за одлуките.

Кога е приватниот живот во прашање, во декември 1974 година се жени со Саша Чак, со која го добиваат синот Сјеџ (1975), а четири години подоцна, се раѓа вториот син Серж . За жал, поради срцеви проблеми, Сејџ ќе почине во 36-тата година од животот. Инаку,  Сејџ има епизодни улоги во „Роки 5“, а скала да се тргне по стапките на татко му. Сталоне тешко ќе ја поднесе смртта на синот и ќе се обвинува себеси што немал доволно време, кое ќе го поминува во друштво на синот. Шест недели смртта на синот, со Сталоне ќе стаса веста и за смртта на неговата полусестра Тони Ан Филити, која ќе почине од рак на бели дробови.

 На Серж пак, уште од рана возраст ќе му биде дијагностициран аутизам.

Саша и Силвестер ќе се разведат во февруари 1985 година, а во декември истата година, Сталоне ќе се ожени со актерката и модел Брижит Нилсен. Бракот ќе трае две години. На трет брак ќе се одлучи во мај 1977 година со поранешниот модел, Џенифер Флавин, со која има три ќерки – Софија, Систин и Скарлет.

Инаку е страстен љубител на тетоважи. Ќе започне да ги прави во 2010 година, за да ги прекрие белезите со кои се здобил во филмовите. Во „Роки 4’ му кажува на Долф Лундгрен да го удри во гради најсилно што може, а последицата од тоа ќе биде престој на интензивна нега четири дена. Во „Expendables“ ќе го скрши вратот, по што ќе му биде вградена метална плочка.

Со колегите и пријатели, Брус Вилис и Арнолд Шварценегер поседува синџир ресторани „Планет Холивуд“.

Неговите родители се католици и според тие обичаи е крстен. Но, со зголемувањето на популарноста, престанал да оди во црква. Кога неговата ќерка Софија ќе се соочи со срцеви проблеми, утехата и силата ќе ја најде во верата, па повторно ќе стане активен католик. Сепак,не е член на ниту една црквена организација.

 „Никој, ниту ти, ниту јас не можеме да удриме така силно, како што тоа го може животот. Но,не е работата во тоа колку силно умееш да удриш. Работата е во тоа колку удари можеш да поднесеш, а сепак да продолжиш понатаму“, ќе рече во една пригода, исто како и:

„Секој шампион некогаш бил борец, кој одбил да се откаже“, а веруваме дека тоа е најдобрата дефиниција на неговиот живот!

 

Објавено:
6 јули 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
641 пати