Зошто речиси сите Дизни принцези носат сини фустани?

10 март 2017

Откако го прочитавте насловот, веројатно се подзамисливте, но навистина е така. Принцезата Јасмин, Пепелашка, Бела, Ариел, Елса, Заспаната убавица, сите тие имаат сини фустани или креации.

Снежана

И Снежана носи жолто-син фустан, додека пак Покахонтас, иако нема фустан во таа боја, носи син ѓердан кој е секогаш во фокусот на вниманието.

Покахонтас

Зошто?

Одговорот на прашањето се обидува да го даде Леатриче Ајсеман од Институтот „Пантон“.

-Со имплементирање на сината боја во изгледот на ликот, му даваме малку моќ, амбиција. Тоа е суптилен начин да се каже: “Младите жени или девојки можат да бидат моќни и привилегирани исто така“ – вели Ајсеман.

Бела

На пример, Бела е единствената девојка во селото која носи син фустан, и на која ѝ се случуваат авантури незамисливи за таква средина.

Јасмин на Аладин носи сина облека кога успева да избега од нејзиниот „златен кафез“, а Пепелашка во син фустан блеснува на балот и нејзиниот живот засекогаш се менува.

Јасмин

Но, според Леатриче постои уште една причина зошто принцезите на „Дизни“, но и други познати ликови, како на пример Дороти од „Волшебникот Оз“, носат сино – затоа што е позитивна боја, но и затоа што нè потсетува на небо, на бесконечност.

Дороти

-Тоа е боја на сигурноста, издрживоста, доверливоста. Небото може да има и облаци, но сите знаат дека сè уште е тука – објаснува таа.

Освен сината, другите две доминантни бои во изгледот на ликовите се розовата и виолетовата. Розовата секогаш се поврзува со романтични и љубовни чувства.

Заспаната убавица

Виолетовата пак, која е мешавина на црвена и сина може да означува две работи – или кралското потекло или зла магија.

Всушност, кралевите и царевите низ историјата носеле темновиолетови наметки и облека, така што ова и не е некое изненадување. Но, кога е во прашање магијата и злото, можеби и нема логично објаснување, но анализите од цртаните покажуваат дека е така. Се сеќавате дека пипците на Урсула која се обидува да ја измами Ариел се виолетови. Дури и нејзината кожа е во виолетова нијанса.

Урсула

Уште една боја што се сретнува во изгледот е зелената, а тоа значи поврзаност со природата. Пример е хероината Мерида, која постојано носи зелено-син фустан, која е дива и слободна, се искачува по планини, јава на коњ и шета низ шумите. Нејзината мајка сака да ја натера да носи син фустан и со тоа да направи да „исчезне“ нејзината темпераментна страна.

Мерида

Ариел

Ариел пак, кога е сирена и живее во океанот, нејзината опашка е во светла нијанса на зелено-сина. Како девојка пак, зелената ја нема во нејзината палета. Единствената принцеза која има зелена во секој нејзин изглед е Мулан.

Мулан

Црвената пак, речиси и да ја нема, а и кога се појавува никогаш не алудира на принцеза или на нешто добро. Кога Јасмин е „управувана" од Џафер, таа носи црвена облека, што го означува злото и фактот дека таа е робинка, која во себе содржи и доза на сексапил.

На крајот, постои и тоа дека Дизни принцезите никогаш не се појавуваат во бело. Белата често симболизира невиност и чистина, но исто така значи емоционална дистанца, слепило и стерилност, а „Дизни“ не сака ниту една нивна принцеза да ги има тие особини.

Елса

Целта е да ги сакате девојките и да се поврзете со нив. 

Објавено:
10 март 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.567 пати