Зошто високата мода е сѐ уште важна?

13 јули 2016

Пред некој ден заврши неделата на висока мода во Париз каде беа прикажани новите колекции на некои од најпознатите светски луксузни брендови.

Модната недела ја отвори брендот Vetements чиј дизајнерски тим прикажа малку поинакви парчиња за кои никогаш не би рекле дека се дел од високата мода, а сепак беа прикажани во рамки на истата.

Она што беше повеќе од сигурно е тоа дека тие внесоа нова енергија во неделата на висока мода и голем дел од светски познатите дизајнери беа воодушевени од нивната работа.

По нивното кул шоу, следеше вистинска висока мода. Ревиите на Версаче, Диор, Скјапарели, Валентино, Ели Сааб, Жан Пол Готје приредија вистинско уживање за сите оние кои сѐ уште ја почитуваат високата мода и огромното значење што таа го носи со себе.

Валентино

Фасцинантните и луксузни парчиња чии цени се неверојатни, повторно го поставија прашањето дали и колку во овој период на нестабилна европска економија истите ќе се продаваат, со оглед на тоа што и модната индустрија е вистински погодена.

Изминатава година бевме сведоци на неверојатни трансфери во модниот свет и менување на челните позиции на некои од најголемите дизајнерски имиња.

Марија Грација Кјури неодамна го напушти Валентино и замина во Диор

Познати светски брендови не се појавуваа на модните недели со цел да ги скратат трошоците, голем дел од нив ги споија машките и женските линии, но ги соединија и главните модни куќи со нивните сестрински компании за да можат полесно да „оперираат“ на пазарот и секако да намалат на финансии.

Згора на сѐ, голем дел од бизнисите сега мора да се справуваат со последиците кои со себе ги донесе Брегзит и да чекаат на нивната неизвесна иднина. Според последните истражувања на Kantar Worldpanel, британската модна индустрија е во пад за прв пат во последните шест години.

Како резултат на сите овие податоци, каде и колку навистина ќе се продаваат парчињата од последните колекции на високата мода?

За разлика од сите останати модни недели, на ревиите на висока мода се прикажуваат парчиња кои се актуелни и кои се создадени за сезоната во која се прикажуваат. Сеедно, за рачна изработка на секое едно парче многу често знаат да бидат потрошени и суми со ни повеќе, ни помалку, туку пет цифри. Без разлика на тоа колку се убави и колку се вредни парчињата или пак колку е брилијантен дизајнерот, високата мода едноставно не се исплати толку колку што би требала.

Шеика Мозах во Валентино

„Високата мода е она што му ја дава на нашиот бизнис потребната доза на луксуз. Спротивно на парите што ги губиме, мора да биде вредноста на сликата што високата мода нѝ ја дава. Погледнете го сето внимание што колекциите го предизвикуваат. Таму ќе бидете забележани. Мора да бидете таму. Таму ние ги вклучуваме нашите идеи „во погон“, вели првиот човек на LVMH, Бернард Арно.

Како што тој ќе каже, покрај астрономските трошоци и загубите што секој бренд ги има, овие неверојатни рачни изработки кај парчињата не само што им овозможуваат на модните брендови да ги покажат техниките со кои нивниот тим располага, туку ја прикажуваат и ултимативната визија на дизајнерите и брендот со тоа што ги прикажуваат нивните совршени дизајни и одлични материјали.

Настрана од сета таа убавина, лошата вест е тоа што во последниве години бројката на модни куќи кои се занимаваат со висока мода драстично опадна. Колку за споредба, според информациите на The Independent, ако во ерата на Кристијан Диор во 1947 година постоеја вкупно 40.000 куториери, денеска постојат само неколку илјади.

Светот за прв пат имаше можност да се запознае со високата мода во 19 – тиот век кога Чарлс Фредерик Ворт, британски моден дизајнер со седиште во Париз, почнал да изработува фустани по мерка за неговите клиенти од елитата, меѓу кои и членови на кралското семејство. Советот за висока мода во Париз бил оформен некаде во 1868 година, а истиот работи и денеска, одлучува и поканува нови членови кои можат да ги прикажат колекциите на неделата за висока мода.

Уредничката на британскиот Харпер Базар Џастин Пикарди за CNN, неодамна го објасни значењето на високата мода.

„Постојат некои многу, многу богати луѓе кои сакаат да купат и да ги носат најубавите, рачно изработени парчиња во светот. Ние сме сведоци на нов бран богати луѓе од Кина, од Средниот Исток, Русија, но и дел од Африка и Индија. Она што е интересно е тоа што тие ги купуваат овие парчиња во големи количини, со што на пример Валентино, чии сопственици се Катарци, за кратко време двојно ја зголеми заработувачката за разлика од другите куториери“, вели Пикарди.

Иако можеби многу малку луѓе ќе купуваат парчиња од висока мода во 2016, сепак постојат неколку клиенти од неколку места во светот со истенчен вкус и длабок џеб.

Во изминатите 15 години либанските дизајнери меѓу кои Ели Сааб и Зухаир Мурад, како и алжирскиот Јасин Уади, беа поканети да учествуваат на модната недела на висока мода од страна на Советот, со што тие ги придобија клиентите од арапскиот свет кои се неверојатно моќни.

Кралицата Ранија од Јордан во Валентино

Иако на ваквите модни недели ќе ги видите буквално сите од модниот свет, многу малку од познатите гикупуваат овие парчиња.

Високата мода е и ќе продолжи да биде врвот на модата и начин како да се продаде еден сон... И воопшто не мислете дека сонувате ако купите копија на некое парче од високата мода по ниска цена...

Иако можеби сите немаме длабок џеб како некое арапско кралско семејство, никој никогаш не рече дека не смееме да сонуваме...

Извор: Refinery29 

Објавено:
13 јули 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
363 пати