За сите вие кои ситно броите до вашата матурска ноќ, модната куќа Елена Лука денес  повторно избра  интересна комбинација. Токму поради фактот дека голем број девојки при изборот на креација не можат да се одлучат за бојата на моделот,  модниот дизајнер Бил Блас во една прилика токму за ова  изјави: „Кога не знаете што да облечете, носете црвено“. Неговата констатација ја потврдува и иконскиот црвен фустан што Џулија Робертс го носеше во филмот „Pretty Woman“, а баладата на Крис Дебург „Lady in red“, само го потврди и онака моќното значење на црвената креација.

Водена од основните модни начела и принципи, денешниот стајлинг  на Елена Лука е во модерен и едноставен крој во кој ќе се чувствувате како принцеза. Горниот дел од фустанот е изработен од тул во вид на корсет кој одлично ги истакнува вратот, грбот и деколтето. Долниот дел од фустанот го бранува црвен сатен што лелеаво паѓа се до над колената. Она што ја прави оваа креација специфична покрај префинетата структура и извонредниот избор на материјали,  е тенката лента на половината извезена од стаклени мониста во бели и златни тонови.

Неверојатната енергија на црвената боја и дизајнерската игра со трендовскиот крој на самата креација и дава моќна софистицираност и елеганција, па истата нема потреба од накит. Единствено надополнете со мала клач-чанта со рачно навезена апликација од бисери и блескави камчиња проткаени со златни детали и ефектни златни сандали кои се закопчуваат на глуждот.

Објавено:
10 април 2014
Категорија: 
Без категорија