Романтична, нежна, модерна, младешка се најчестите модни епитети што треба да ја дефинираат матурската креација на младите девојки. За сите вас што ситно броите до најгламурозната вечер, модната куќа Елена Лука со денешниот предлог на тоалета реши не само да ве разнежни, туку и да ви ги освои срцата.

Станува збор за долга тоалета во пастелно розова нијанса, целосно изработена од жоржет материјал. Горниот дел претставува конструкција од две мошне впечатливи компоненти. Фокусот првенствено паѓа на инвентивната адаптација на прерамките чија текстура е збогатена со бисерни украси во бела боја и монистра со златест сјај, а корсетот пак, е целосно изработен од штеповани фалти или плисе, на кој што суптилно му е додаден ремен дизајниран со истата структура на бисерни додатоци и монистра за комплетно да соодветствува со прерамките. Долниот дел од фустанот е во форма на полн глок и брановидно паѓа по должината на вашата силуета. Леснотијата на материјалот, нежната боја и дискретните детали ќе ја нагласат вашата елеганција и префинетост.

Со оваа прекрасна композиција комбинирајте, бисерни обетки со сребрен сјај, мала клач-чанта во боја на слонова коска со цветен и тантелен детаљ и едноставни сатенски сандали во светло розова сјајна боја како и фустанот. Бидете оригинална бисерна принцеза на вашата матурска забава која ќе заведува со нежност, шарм и убавина.

 

 

Објавено:
7 мај 2014
Категорија: 
Без категорија