На македонската модна сцена Елена Лука се изгради како бренд кој вртоглаво брзо стана препознатлив белег на модниот изглед на голем број девојки и жени. Во срцевината на дизајнерскиот сензибилитет во новата колекција за пролет-лето 2014 насловена „Златни узди“ се имплементирани неверојатно модерни, елегантни и женствени креации што сигурно ќе се поклопат со вашите модни преференции за изгледот на вашата матурската забава.

Токму затоа решивме денешниот стајлинг да биде дел од препознатливата раскошна и гламурозна колекција „Златни узди“. Станува збор за долга тоалета во боја на слонова коска, целосно изработена од органтин. Горниот дел е изработен во форма на срце корсет, чија текстура автентично е збогатена со апликација од рачно навезен златен вез од тантела. Долниот дел претставува вистинска игра на форми, фалти и драпери кои што лелеаво паѓаат по должината на силуетата и завршуваат со здолниште во волуменозен круг, кое суптилно се влече додека чекорите.

Покрај елегантните парчиња облека за оваа колекција наменски се искреирани и изработени чанти и чевли што го носат потписот на модната куќа. За денешниот стајлинг ви предлагаме да ја одберете малата клач-чанта во сребрена боја изработена од високо квалитетна сјајна кожа со геометрски спој на форми, суптилно крунисани со златна плочка на која е испишано логото на брендот. И сандали изработени од истиот материјал и боја како и чантата со златно синџирче кое нежно го оцртува стапалото и завршува со златна плочка во кружна форма со иницијалите на куќата.

 

 

 

 

Објавено:
8 мај 2014
Категорија: 
Без категорија