Елена Лука ви предлага дневен и вечерен стајлинг #1

21 мај 2014

Во пресрет на сè уште актуелните матурски забави, но и свадбени свечености, модната куќа Елена Лука реши да воведе нова категорија со која што ќе ви заштеди време  во изборот на вашите дневни и вечерни изгледи.

За дневн стајлинг, креативниот тим на модниот бренд за денес се одлучи за краток коктел фустан со инвентивна игра на набори и микс на светло сината и бежовата нијанса. Токму во периодот на венчавки, овој фустан можете да го облечете за дневните церемонии, но и како деверица на венчавка.

Станува збор за краток фустан кој што во горниот дел има корсет во форма на срце, изработен од висококвалитетен сатен во светло сина боја. Под корсетот има парче транспарентен материјал муслин кој што во вид на набори паѓа по должината на силуетата.  Во предниот дел парчето е пократоко, а одназад  подолго  за да се долови специфичноста од структурата на кројот. Долниот дел е здолниште кое  е припиено кон вашето тело со должина до над колена во бежова нијанса. Нагласете ја вашата елеганција и префинет изглед со изборот на овој предлог стајлинг.

За вечерниот изглед, пак Елена Лука се одлучи за малку по раскошна и гламурозна долга тоалета во црвено-црна боја чија конструкција претставува магичен спој на разновидни кроеви надополнети со рачно изработен вез.

Горниот дел од фустанот е изработен од сурова свила, каде е додаден паспуљ. Слоевитата игра со структурата на кројот во горниот дел и богатата текстура на материјалот,  суптилно се споени со парчето материјал изработено од сатен кое  во форма на триаголник паѓа под половината. Долниот дел од креацијата е во облик на сирена крој што суптилно се надоврзува под парчето сатен и паѓа по должината на вашата силуета. Тоалетата е дискретно украсена со рачно везена апликација од стаклени камчиња. Прекрасна композиција за сите ноќни кралици.

Објавено:
21 мај 2014
Категорија: 
Без категорија