Колекција најпопуларни фотографии на ексцентричната Ени Либовиц

21 април 2015

Селекција на фотографии од каталогот на легендарната фотографка Ени Либовиц, придружени од нејзини искрени коментари што светот досега немал можност да ги прочита...

Во галеријата подолу уживајте во секоја фотографија направена од големата Ени која во животот имала можност да фотографира некои од најголемите ѕвезди во историјата!

„Сузан во куќата на ул. Хеџис Лејн“, 1988 

„Ох, не знам што треба да кажам кога луѓето ме прашуваат за моите комерцијални дела наспроти останатите... Посакувам да ги срушам стереотипите. Посакувам да речам, ‘Јас сум фотограф и ова се моите дела. Едноставно, некои од нив се вакви, а некои се такви.’”

8. декември, 1980

„До последен момент Јоко Оно не сакаше да ги соблече алиштата. Но, сепак решивме да ја направиме фотографијата, па ја добивме оваа впечатлива поза на облечената Јоко наспроти голиот Џон. Истото попладне Џон беше убиен. Ова е одличен пример за тоа како околностите можат да ја сменат сликата. Одеднаш, фотографијата станува приказна. Ја гледате и го замислувате нивниот последен бакнеж или нивното последно збогување.“

Насловната за албумот “Born in the USA”

“Тој (Спрингстин) е познат по тоа што никогаш не избира слика на која е убаво испаднат. Едноставно не го интересира како изгледа.

Ракавиците на Абрахам Линколн

„Отидов да ја најдам дрвената колиба на Линколн... бев фасцинирана од овој пар ракавици, што Линколн ги носел во џебот истата вечер (кога бил убиен). ...Никогаш не ја најдов колибата. Тоа беше проблемот. Таа не ни постои.“

Вупи Голдберг, 1984

„Идејата беше моја. Во нејзиниот перформанс во ноќниот клуб таа играше мало девојче кое си го риба телото. Беше легната во када, па јас ставив млеко затоа што тоа беше многу подобра опција отколку бела боја.“

Марги Гилис

„Пред многу години одлучив дека сакам да се занимавам со сликање портрети, затоа што тие ви даваат огромен простор. Сфатив дека не можам да бидам новинар, бидејќи сакам да заземам страна, да имам свое мислење и став. Сакав да зачекорам надвор од имагинарната граница на објективноста што новинарот мора да ја има.

Карли Клос за Вог

„Она што е супер кај можноста да се работи за Вог е тоа што тој е создаден за успех. Вог е остварување на соништата и фантазиите.“

Деми Мур, 1991

„Сликата беше многу популарна и ги постави основите на ваквиот начин на фотографирање, но не мислам дека е добра фотографија како таква... Тоа е само насловна на списание. Да беше добар портрет, таа немаше да ги крие градите. Немаше да гледа право во објективот.“

Никол Кидман, 1997

nicolekidman

„Сум забележала, иако досега не сум ја искористила таа можност, дека во моментот кога ќе им речам дека сме завршиле, тие се опуштаат и изгледаат прекрасно. Би требало токму тогаш да почнам да ги сликам!“

Морис Сендак, 2011

„Морис обожаваше да зборува за умирање, па така поминавме цел ден зборувајќи за тоа. Не се плашам да започнам тема и да бидам директна. Воопшто не ми е непријатно. Баш е стимулирачки. Сакам да застранам од патот и да ја искористам секоја можност. (За фотографијата) реков, ‘Ќе изгледа како да чекориш кон светлината!’”

Ричард Никсон си заминува од Белата Куќа, 1974

„Бев таму со новинарите од Белата Куќа и, откако неговиот хеликоптер полета, почнаа да го собираат тепихот (и сите завршија). Останатите престанаа да сликаат, но јас продолжив.“

Мерил Стрип, 1981

„(Стрип) зборуваше дека не сака да биде никој, дека таа не е посебна личност, само глумица. Ѝ предложив дека нема потреба да биде никој посебно и дека можеби треба да стави бела маска... да биде пантомимичар. Ѝ олесни. Сега веќе имаше улога.“

Спалната на Вирџинија Вулф, 2011

За „Аџилак“, нејзината серија фотографии на мртва природа:

„Имам чувство дека малку се заситив од луѓето. Но, не можете да избегате од нив. Овие слики за мене се слики од луѓе. Тоа е сè што ни преостанува за да ги претставиме. Предмети кои се губат, исчезнуваат, се кршат. Како луѓето воопшто успеваат да ги зачуваат предметите?“

Мишел Обама, 2007

„Тоа е она кога ќе кажете дека портретот има душа. Кога некој ќе ми рече, ‘Навистина си ја доловила личноста’, мене ми е смешно, бидејќи портретот е само еден момент со некого. Можете да ја запознаете личноста ако поминете една година со неа. Но, реалноста е дека сте само еден момент со некого.“

Анџелина Џоли и нејзиниот син Медокс

„Секогаш ме изненадува кога луѓето не сфаќаат дека има доста да се сработи пред фотосесијата. Треба да дознаете што е можно повеќе за личноста. Да дознаете со што се занимаваат. Да откриете колку што е можно повеќе за нив.“

Том Форд, Кира Најтли и Скарлет Јохансон, 2005 

“Не успевам да ги смирам луѓето. Секогаш мислев дека тоа е нивен проблем... Работата е што тие бараат „убава“ фотографија, но добриот фотограф бара нешто друго. Може да биде убава фотографија, може и не. Но, сепак верувам дека им влијаам смирувачки на луѓето затоа што сум директна. Тука сум само за да ги сликам и тоа е тоа.“

Џона Хил, Пол Рад, Сет Роген и Џејсон Сегел, 2009 

„Повеќето луѓе не сакаат да ги сликаат. Тоа е стресен момент кој ве соочува со себеси... Јас работам со луѓе кои можат да се проектираат себеси, но многумина не се способни за тоа. Или не сакаат. Не се чувствуваат убаво. Или, пак, се чувствуваат премногу убаво.“

Мик Џегер, 1975

„Знаете, јас им бев фотограф на Ролинг Стоунс за време на нивните турнеи во ‘70-те. После еден настап, останавме сами во лифт... Тие се бендот на нашето време. Беа толку необични. Но, помнам дека во тоа време посакував да го придружувам Боб Дилан на турнеја.“

Гвинет Палтроу и Блајт Денер, 1999

“Ова беше мошне интересна фотосесија. Блајт се разнежни и изгледаше како да ќе почне да плаче. Тогаш ми рече, ‘Не сум ја држела Гвинет олку долго откако беше малечка’”.

Каучот на Зигмунд Фројд, 2009

„(Во серијата фотографии „Аџилак“) станува збор за покајувањето, за потрагата по себеси и повторното пронаоѓање. Додека ја работев оваа фотографија, сфатив колку многу си ја сакам работата и колку многу таа ми возвраќа.“

Мајли Сајрус, 2008

„Многу ми е жал што портретот на Мајли (тогаш 15-годишна) беше погрешно разбран. Мајли и јас заедно разгледувавме модни фотографии и дискутиравме за контекстот на сликата пред да ја направиме. Фотографијата е едноставна, класичен портрет, со минимална шминка, и мислам дека е многу убава.“

Кејт Мос, 1999

„Открив дека концентрацијата на луѓето што ги сликам не трае баш долго. Сметам дека фотосесиите треба да траат само неколку минути. Секогаш подготвувам многу работи однапред за субјектот да може само набрзина да застане, да го сликам и да заврши.“

Сузан Сонтаг – „Напуштајќи го Сиетл“, 2004

„Да беше (Сонтаг, долгогодишната љубовница на Либовиц) жива, ова дело секако немаше да биде објавено. Сега откако е мртва, приказната е сосем друга. Целосно ќе ја поддржеше оваа слика.“

Ким Кардашијан, Канје Вест и нивната ќерка, Норт, 2014

„Пуштам музика додека сликам. На почетокот така ја камуфлирав мојата неспособност да зборувам со луѓето. Но, музиката за време на фотосесија не е само позадинска музика. Таа го прави расположението, го поставува амбиентот. Вистинската музика во вистинското време ја крева атмосферата. Таа може да и да ја разубави и да ја уништи фотосесијата.“

Анжелика Хјустон, 1985

„Нема многу насмеани луѓе на моите слики. Никогаш не сум побарала од некого да се насмее. Речиси никогаш. Неколку пати сум почувствувала дека треба, кога луѓето изгледале депресивно, но потоа сум им се извинувала што сум им рекла. Може речиси и да се чуе олеснувачката воздишка кога ќе им речете дека нема потреба да се смеат.“

Сара Камерон Либовиц, 2002

sarah

„Има луѓе на кои природно им доаѓа да се насмевнат. Таков им е карактерот. Можете да им ја фатите спонтаната, моментална насмевка. Ќерка ми Сара ја има најубавата насмевка на светот. Кога ќе видите деца што така природно се смеат, не сакате да го испуштите тој момент. Кога еден ден ја видов Сара со вештачка насмевка, нешто се скрши во мене.“

Пастелните боички на Џорџија О’Киф

„Отидов на Гоуст Ранч и во нејзината куќа на Абикиу, високо на ридот, со поглед на долината. Кога влегов во нејзиното студио, почнав да плачам. Нешто во врска со начинот на кој таа живееше многу ме погоди. Нејзината скромност – сите чаршафи ѝ беа излижани – е потсетување за тоа дека не ни е потребно многу. Таа водеше едноставен живот: Работеше секој ден, огледуваше зеленчукова градина и се хранеше здраво. Беше мошне приврзана за местото каде живееше. Таа беше она вистинското.“

Автопортрет, 2011

selfportrait

„Може да поседувате талент, но тој може и да исчезне... Талентот е како бебе за кое мора да се грижите. Мора да го негувате. Мора да го храните.“

Објавено:
21 април 2015
Категорија: 
Фото галерија