Скопје Стрит Фестивал: Урбана платформа за младите креативци

7 јуни 2014

Скопје Стрит Фестивал беше создаден минатата година како подиум на урбана улична уметност, каде се собраа повеќе од 25 стрит артисти, кои преку креативност, интеракција и музика го трансформираа градот во една супер урбана средина.

Единствениот отворен фестивал кој зборува за улична култура и мотивира урбано будење на задоволство на сите стрит артисти но и љубители и поддржувачи на настани од ваков тип од синоќа повторно го разбранува битието на градот Скопје. Оваа година повторно на старата локација во Градски Парк вчера шести и денес на седми јуни дишеше урбаната платформа наречена Скопје Стрит Фестивал и преку музика и креативно изразување допринесе за креирање на урбани стратегии за едно поубаво Скопје.

Програмската шема оваа година вклучува графити, скејт, блејд, бајк, стрит бол, денс стејџ, партија баскет, брејкденс и креативно-едукативни работилници преку кои активности уште еднаш се разбуди духот на урбано Скопје. Организаторите презадоволни од годинешниот одѕив и од организацијата, како и од поддршката на институциите велат дека Скопје уште долги години ќе шири позитивна, креативна и урбана енергија.

„Мотото на годинешниот Стрит Фестивалл е градење улична култура и креирање на урбано будење и по втор пат му се случува на град Скопје. Слободно можам да кажам дека ова е единствениот отворен и масовен настан за млади. Годинава имаме шест стејџа и неколку новини како стрит бол натпреварите, помеѓу неколку скопски кафулиња и неколку девојки кои што ќе играат баскет. Вчера беа натпреварите, а денес се игра финалето и се е навистина фантастично. Музичкиот стејџ е можеби најпосетен, но исто така и креаивно-едукативните работилници кои ги организиравме во соработка со неколку невладини институции на општо познати теми како сексуално образование, човекови права итн.

Слободно можам да кажам дека Градскиот Парк беше преполн уште од самиот старт на фестивалот. Во склоп на фестивалот настапија неколку познати диџеи во чија музика публиката буквално уживаше, а на наше огромно задоволство, честа свечено да го затвори му припадна на Едо Мајка“, изјави Деспина Козаровска од Здружение на граѓани Подиум Скопје.

Стрит фестивалот на младите не им приреди само урбано будење, туку ја поттикна и нивната креативност во создавање на инвентивни модни перцепции. Од плејадата изгледи можевме да забележиме дека девојките храбро ги комбинираат трендовите од едно минато време, а фокусот беше ставен на ранците,старките и заоблените форми на очила.

 

Принт текстурите не беа исклучени, напротив ги забележавме во сите варијанти, надополнети со ефектни детали кои го заокружија стилскиот печат на минувачите. Смела и модно освестена младина дефилираше низ Градскиот Парк, а потврда за тоа се и неколкуте стајлинзи кои нашиот фотообјектив ги улови. Уживајте!

 

Објавено:
7 јуни 2014
Категорија: 
Фото галерија