Идеалниот есенски тренд за секој хороскопски знак

7 септември 2017

Актуелниот месечен хороскоп го посветуваме на есенските трендови за секој хороскопски знак.

Овен – мрежа

Еден од трендовите што од 90-тите ќе се пресели во есен 2017 ќе биде мрежата. За мрежестите хулахопки веќе знаете дека од пред некоја сезона се вратија на модната сцена. Оваа есен ќе ја доживеат својата експанзија. Но, освен хулахопките, мрежестиот топ ќе биде еден од главните трендовиза претстојната сезона, а Овните ќе знаат најдобро да го носат тоа. Ретро - а секси, таинствено, а во исто време и транспарентно, тоа се дел од причините поради кои претставниците на овој знак ќе се пронајдат. А како некој што сака да води, така ќе го предводат и овој тренд. Во зависност од расположението и пригодата, можете да го имплементирате во стилот и да бидете женствени, заводливи, диви или авангардни.


Бик – волуменозна ролка

Ролката е класика, а Бикот ја обожува класиката. Оваа есен ролката ќе ја носите на најкомотен можен начин – уште една причина да се радуваат претставниците на овој знак. Волуменозна, плетена и топла, ролката ќе биде едно од главните парчиња што ќе ги носите оваа есен и зима, а уште една предност е што можете да ја комбинирате и на џинс, панталони, здолништа, па ќе ви се најде за многу пригоди. Тоа воедно значи и практичност, па ова парче во многу нешта ги задоволува критериумите на Бикот. Она што ќе остане на вас е да си одберете омилена боја (иако знаеме дека зелените, црвените и беж одлично ви прилегаат), како и материјалот, но не се сомневаме дека ќе е квалитетен.


Близнак – карирани парчиња

Карираните дезени и тоа оние „пооткачените" какви што беа актуелни во 1970-тите ќе доминираат и оваа есен. А кој друг знак би се снашол подобро со „откаченото" од Близнаците? Како модно храбри претставници, ќе се осмелите да носите елеци со таков принт, класични панталони, мантили... Да, стилот за вас оваа есен ќе оди во насока на класичното, но не и досадното. Исто така, карираните дезени доаѓаат во неочекувани комбинации – портокалова, жолта, сина..., така што ќе имате одличен материјал да се забавувате.


Рак – високи чизми во боја

Веќе неколку сезони високите чизми ништо не ги поместува од врвот на табелата трендови. Така ќе биде и есенва, со таа разлика што црните и сивите ќе паднат во втор план, и на нивно место ќе дојдат другите бои, како црвена, темнозелена, тегет... А претставниците на овој зодијачки знак ќе го носат овој есенски тренд гордо. Ова е вистински начин за Ракоците да дојдат до израз. Од една страна ќе останат доследни на својата смирена естетика, која ќе ја применат во облеката, а од друга страна, нема да заостанат во актуелностите, носејќи токму едни вакви чизми. Воедно, овие обувки се сметаат за секси, смели и моќни, а жените- Ракови знаат да бидат и такви, но на еден софистициран начин. Токму затоа, оваа есен е потребно да излезете малку од комфорната зона и да ги проширите видиците.


Лав – ретро шапки и нагласени раменици

Лавот никогаш не може да биде ист како другите. Мора по нешто да се издвојува. Мора да биде забележан, инаку како да не постои. Е во тоа оваа есен ќе им помогнат ретро шапките, на пример од 1940-тите и нагласените раменици од 1980-тите. Совршено за претставниците на овој знак. Крзно, памучни и волнени ткаенини, филц, сето тоа доаѓа предвид кога е овој моден додаток во прашање. Шапка+Лав=дама. Па сетете се самона Коко Шанел. Палтата и мантилите се неизоставен дел од сечиј есенски гардеробер, а Лавовите ќе ги носат со малку понагласени раменици. На тој начин ќе се задоволи потребата за истакнување, но воедно и модно експериментирање во кое тие често не се одлучуваат, но одлично се справуваат.


Девица – висок околувратник и слип фустани

За строгите и авторитативни Девици, високиот околувратник е нешто што совршено соодветствува на нивниот карактер. Она што е добро е што можете да го „омекнете" со тоа што ќе додадете нежна тантела на пример, или некоја таква кошула или блуза ќе ја комбинирате со „слип" фустан. Овој последниот пак, ќе ја искаже вашата заводливост и смелост, па со спојување на овие два тренда ќе споите и дел од вашите карактеристики. Кога се боите во прашање, белата и сивата/сребрената се боите кои оваа есен ќе ве истакнат на најдобар можен начин


Вага – црвени парчиња

Ако се земе предвид дека со Вагите владее Венера, планетата на љубовта, некако воопшто не е изненадување што на Вагите „им се падна" црвената боја. Како претставници што посебно внимаваат на својот изглед, а притоа несакајќи да го загубат сексапилот, веруваме дека одлично ќе го приспособат овој тренд на својот стил. Дали тоа ќе биде фустан, панталони или некое друго парче, одлучете вие, иако нашиот предлог е тоа да биде мантил, а со него да усогласите уште некој есенските тренд (можете да се инспирирате од подзнакот). Или одело. Како знак кој е посебно аналитичен, сигурни сме дека детално ќе ги разгледате сите опции.


Шкорпија – кожено парче/чизми од ткаенина

На никој подобро не му спои подобро кожа отколку на Шкорпиите! Тие се мистични, заводливи и опсни! А оваа есен покрај другото, ќе биде и таква. Веќе знаете дека кожените здолништа се апсолутен хит есенва, особено ако се во боја, па идеална шанса за Шкорпиите да блеснат во полн сјај. Ако не сте љубител на здолништа, тогаш предвид доаѓаат и фустанчиња или панталони, а кожената јакна и онака веќе ја поседувате. Изборот е ваш. За што и да се одлучите можете да го со вештачко крзно во форма на детаљ, или некое транспарентно парче. А чевлите од ткаенина се исто така топ избор. Време е сексапилот да излезе на површина!


Стрелец – парчиња со многу копчиња

Колку и да се авантуристи, Стрелците сепак сакаат ред во својот живот. Таа нивна карактеристика есенва, во модна смисла, ќе биде пренесена во форма на копчиња. Што всушност значи тоа? Сезонава преземете го животот во свои раце. Вие одлучувате колку копчиња ќе закопчате, а колку ќе откопчате. Ако зборуваме буквално за модата, тогаш есенва купете си неколку такви парчиња – палто на дворедно закопчување, фустан или здолниште или пак мантил... Што и да одберете сигурни сме дека ќе најдете начин да вметнете боја, да не е досадно. Но, со вас никогаш и ништо не е здодевно, нели?


Јарец – кафени парчиња и широки ремен

Јарците и оваа есен ќе останат цврсто на земјата, а тоа ќе го претстават и преку својот стил. Кафената е нивната боја за претстојната сезона. Сепак, својата посветеност на деталите и естетска страна можат да ја покажат во комбинирањето на кафените нијанси, како и во деталите. Широките ремени се како создадени за нив, давајќи им можност да изгледаат женствено, професионално и моќно истовремено. Чоколадно кафената нијанса ќе биде особено популарна, па вашиот нов џемпер, јакна, чизми или чанта нека бидат токму во таа нијанса. Знаете дека нема да згрешите.

Водолија – асиметрични палта

Водолиите се уметници и ја сакаат слободата, па затоа ќе биде интересно есенва да ги гледаме во парчиња што и не се толку својствени за нив. Но, јасно ви е зошто тие мора да бидат асиметрични. Водолиите ретко ќе ги видите во здодевни бои, затоа сино асиметрично палто е веќе друга приказна. Или зелено, или портокалово... Само да изгледа свежо, уметнички и примамливо. Ако не сте баш по палтата, во опција доаѓаат и елеците, мантилите или јакните во сличен стил. Вие тоа ќе го комбинирате со џинс и откачени обувки или чанта, така што ќе бидете забележани низ улиците, тоа несомнено.


Риби – кадифе

За софистицираните Риби, кадифето е трендот кој есенва треба да го стават во преден план. И нека биде тоа фустан што сите ќе го паметат. Истакнете се во кралско сина или окер нијанса нема да згрешите. Предвид доаѓаат и корално црвената или темнозелената. Вие сакате кога се зборува за вас, па оставете впечаток на „аристократи". Впрочем, вие секогаш се стремите кон најдоброто, а на тој пат останатите се далеку зад вас. Така нека биде и во моден план оваа есен. Ако пак, кадифен фустан ви е премногу, тогаш одберете друго парче или уште подобро моден додаток. Чевлите се исто така супер избор... Уште ако се украсени со камења... Иако сè уште не почната, оваа есен веќе ви се допаѓа, сигурни сме.

Објавено:
7 септември 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
3.110 пати