Моден хороскоп: Идеалниот костим за капење за секој знак

7 јуни 2017

Со оглед на тоа дека летната сезона и сезоната на одмори започна, ние одлучивме нашата астро содржина за месец јуни да ја посветиме на изгледот за плажа.

Токму затоа, во продолжение ќе прочитате каков костим за капење да одберете според хороскопскиот знак. Доколку сте во потрага по нов, можеби ќе ви дадеме идеја.

И да, среќен роденден Близнаци :)

 

Овен – неонски бои

Енергичните Овни го обожуваат летото, тоа е едно од нивните омилени годишни времиња. Конкретно, дамите, како претставнички на овој знак што ја почитуваат елегантноста, женственоста и сексапилот, се трудат да останат доследни и на плажата.

Ако сте во потрага по идеален костим за капење, да знаете дека за вас интензивните, неонски нијанси се идеални. Со оглед на тоа дека сакате да сте впечатливи, ова и не е некое изненадување.

Освен неонските бои, можете да барате и костими за капење со интересен израс, провокативни. Дури и да се одлучите за спортски модел  на костим за капење, што исто така одлично ќе ви прилега, нека биде во некој егзотичен принт.

Со костимот за капење, одберете летен кафтан исто така во поелегантна варијанта, а изгледот комплетирајте го со соодветен шешир и чанта.

 

Бик – минимализам vs цветен принт

Како знак на кој најважна му е удобноста, едноделните костими за капење се како создадени за Бикот. Но, ако се има предвид дека мора да биде посебно, луксузно, но и минималистичко, тогаш овој наш предлог со еден цвет во пределот на половината е едно од идеалните решенија.

Генерално, цветниот принт за кој и знаете дека е идеален за Биковите, е нешто што би било добро да се примени и на костимите за капење. Во комбинација со соодветна марама и практична торба (во случајов плетена) со не премногу детали на неа, ќе биде најдоброто решение што можете да го постигнете. Исто така, предвид доаѓаат и полуксузните наметки (одлични за вечерни прошетки), а доколку не сте фан на едноделните костими, кои патем се тренд број еден летово, одберете бикини, но со гакиќчки со висок струк. Ретро стилот е како создаден за вас.

 

Близнаци – изобилство на бои и принтови

Досега повеќе пати сме посочувале на забавната страна на Близнаците, која ќе биде присутна и во оваа комбинација за плажа. Всушност, летото е идеално за мешање принтови и бои, нешто што на претставниците на овој знак им оди од рака.

За вас е сосема неважно дали ќе одберете бикини или едноделен костим за капење, за вас е многу поважно колку тој ќе биде одраз на вашата веселост.

Затоа, опуштете се и не заборавајте дека во срцето секогаш сте дете. Одберете весели бои и принтови, а во комбинација со шорц или некое фустанче, ќе ја постигнете и практичноста, која исто така игра важна улога. Наш предлог:

 

Рак - едноделните прв избор

Како еден од најчувствителните знаци на зодијакот, за раковите се одлични едноделните костими за капење, или оние дводелни со висок струк.

Белата, зелената, сината, црвената, сивата (односно сребрената) се боите со кои слободно можете да си играте, а кога се принтовите во прашање, ригите се еден од оние со кои нема да згрешите, како и мотиви од листови... Секако, не смееме да ги заборавиме и колор-блок комбинациите.

Во комбинација со убава наметка, очила за сонце и интересни сандали или влечки, Раковите можат да не се помрднат од плажата.

 

Лав - црно-златни комбинации

Лавот мора да блеска, во секоја смисла на зборот. Затоа, црно-златните комбинации и кога се костимите за капење во прашање доминираат. Исто така, бронзените, темнопортокаловите и беж нијансите се во тесниот избор.

Она што е интересно за Лавовите е што, не е толку важно каков модел на костим за капење ќе купат, тоа го прилагодуваат на моменталното расположение и изгледот на телото, но она без што не можат ниту на плажа се модните додатоци.

И како ќе препознаете типичен Лав на плажа – по тоа што ќе има и шешир и очила за сонце и лента за коса и накит (некоја алка или обетки, похрабрите носат и впечатливи ѓердани) и чанта и несесер, и уште милион други „ситници“.

Но, тие знаат како тоа да го носат и тука нема дилема.

 

Девица - еднобојни костими за капење

Девиците го почитуваат минимализмот кога е стилот во прашање. Затоа, нивните костими за капење најчесто се еднобојни.

Со оглед на тоа дека се истовремено и трендсетери, карнерите како најдоминантен тренд сезонава ќе се најдат и во нивниот изглед за плажа.

Со костимот за капење ќе смислат изглед кој што ќе биде истовремено и модерен, но и практичен. Затоа, едноставните фустанчиња им се омилени. И бидејќи сакаат да имаат речиси сè што е актуелно, во торбата ќе спакуваат и повеќе типови костими за капење, за да бидат подготвени за сите ситуации и пригоди.

 

Вага - перфекционизам и на плажа

Едноставни костими за капење, со чисти линии, тоа е совршениот избор за Вагите. Црно-белите (или само црните и само белите) комбинации доаѓаат во преден план.

Класиката е нешто што го почитуваат и што ќе им овозможи да ја надградат комбинацијата со некоја друга боја или принт. Исто така, асиметричните костими за капење се добитна комбинација за нив.

А кога се во прашање останатите парчиња, кафтан, широки панталони – шалвари, или пак макси фустани се нешто во што тие ќе се чувствуваат најдобро, па затоа го практикуваат во текот на целиот летен одмор.

 

Шкорпија - заводливи во темни бои

За Шкорпиите кои важат за големи заводници, интересно е тоа што кога е стилот на плажа во прашање, не сакаат да откриваат премногу. Затоа нивен прв избор се едноделните костими за капење.

Но, од друга страна бидејќи се мистериозни, темните нијанси им се прв избор – црна, темносина, темносива...

Иако нивниот принт е животинскиот, сепак не го имплементираат премногу во летниот изглед за плажа, тоа го оставаат за вечерните излегувања.

Шкорпиите сакаат и големи шешири, па токму со еден таков ќе ги видите седнати на лежалка и под сенка.

 

Стрелец - бикини со принт

Стрелците го обожуваат летото и егзотиката. Нивниот авантуристички дух ќе го препознаете и преку изборот на костим за капење, кој ќе биде или целосно во принт или со некој ексклузивен детал. Виолетовата, портокаловата, црвената се боите што најдобро им прилегаат во овие комбинации.

Исто така, кусите комбинезони за нив се најдобар избор, не само за плажа, туку и во текот на целиот летен одмор, бидејќи се практични и идеални за повеќе пригоди.

Костимите за капење во ретро стил се исто така опција за Стрелците.

 

Јарец - класично и луксузно

Уште еден „класичар“ во зодијакот, кој бира проверен модел на костим за капење, најчесто во црна боја.

Повеќе ќе вложат во кул торба за плажа или добри очила за сонце, еспадрили или сандали... Модните додатоци, односно деталите се поважни за нив. Со другото играат на сигурно.

Но, без разлика на тоа, Јарците внимаваат тоа да е квалитетно и луксузно, па затоа никогаш нема да ви изгледаат старомодно и евтино во нивните „проверени“ комбинации.

 

Водолија - „овошни“ бикини

Водолиите преферираат бикини и тоа најоткачените што постојат. Необични принтови или принтови со овошја, интересни детали, необични кроеви.... тоа е нешто што овие претставници од Зодијакот го бараат при изборот на костими за капење.

Ако на тоа ги додадете ретро очилата за сонце, тогаш имате вистинска Водолија на плажа.

Не е исклучен ниту бохо-стилот... Ако забележите, сè што има уметничка, необична, смела, слободна нота, сето тоа го сака и Водолијата, а ние ја сакаме токму поради тоа!

 

Риби - ретро v.s заводливо

Костими со висок струк, во стилот на 1950-тите и 1960-тите, се идеалниот избор за Рибите. Тие се вистински пин-ап девојки на плажа.

Ако пак, не се чувствувате доволно сигурни, тогаш одберете едноделен со длабок израз или напред или позади (во зависност од тоа што сакате повеќе да истакнете).

Ригите и точките се принтовите број еден што ќе ги одберете. Кога се боите во прашање, ништо не може да изгледа на вас така добро како тиркизните и темносините нијанси, но ако ви е здодевно, тогаш посегнете по чисто белата, или пак спектарот на зелени нијанси.

 

фото извор за насловна фотографија: Дени Кардозо (Харперс Базар Мексико, јули 2013)

Објавено:
7 јуни 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
5.669 пати