Месечен моден хороскоп: Кои се идеалните комбинации за јануари?

4 јануари 2017

Новата година започна, а сите сме во исчекување на подобри и поубави денови. Што ни носи првиот месец од годината и кои се идеалните комбинации за секој зодијачки знак, следи во продолжение:

Овен

21 Март – 20 Април

 Време е за нови почетоци. Иако оваа година конечно ќе можете да ја прогласите за добра, сепак треба претпазливо да ја започнете. Сè што досега одложувавте, ќе мора да стартува. Сепак, бидете внимателни, особено ако треба да донесувате важни деловни одлуки. Искористете ја интелигенцијата, а со тоа и шансите да го подобрите статусот на сите полиња. Овните во врска ќе бидат изложени на тест. Ќе се соочите со проблемите, желбите, фрустрациите, сите потскриени чувства. Ако успеете да комуницирате како што е потребно, тогаш ништо нема да може да ја урне вашата врска. Во спротивно би можеле да влезете во тајна врска. Во секој случај, јануари е почеток на убава година, во која треба да изгледате беспрекорно. Познати сте по тоа што посебно внимавате на изгледот, па така и започнете ја годината. Нашиот предлог за месецов е една фраерска комбинација. Тесен џинс со бел џемпер со голи раменици и јакна со металик сјај е нешто што вие одлично знаете да го носите. Зрачите со сексапил каде и да се појавите, затоа сепак овој јануари подновете со некое топло парче, не бидете жртва на модата, особено бидејќи ќе имате проблеми со имунитетот месецов.

 

Бик

21 Април - 21 Мај

 Малку турбулентен почеток на годината за Биковите, особено на работното место. Работите нема да се одвиваат како што посакувате, затоа употребете го трпението, во тоа сте најдобри. Работите ќе се подобрат после празниците. Бидете подготвени да одговорите на било какви барања и постигнете го посакуваниот успех. Но, затоа на љубовен план, нештата почнуваат да се одвиваат во позитивен правец. Конечно, нели? Не ги пропуштајте добрите прилики, особено бидејќи месцов ќе бидете во центарот на бројни случувања и дружби. Затоа, блеснете со сиот сјај. Ве краси женственоста и елегантноста. Иако месецов ви ја препорачуваме црната боја, знаеме дека вие одлично ќе ви прилега, особено поради мистичната нота. Туника-фустан со вез е совршената комбинација за вас. Со хеланки, ќе ја обезбедите удобноста што ја посакувате. На тоа додете чизми до глужд и топла јакна и ќе добиете комбинација на лежерно-елегантен стил, какви што сте и самите. Нема причина да не го искористите месецов максимално!

 

Близнаци

22 Мај - 21 Јуни

 Научете да се заштитите од секакви коментари и овој месец не започнувајте го со фокус на работата, бидејќи не е најдобро време за тоа. Не влегувајте во расправија ако немате добри аргументи, може да се изненадите негативно! Затоа, на љубовно поле, годината ќе ја започнете хармонично. Јануари ќе ви биде обоен во страст и роментика. За слободните, љубов може да се роди на работното место. Затоа, не опуштајте се. Секогаш изгледајте забавно и интересно, а ние ви предлагаме токму таква комбинација – здолниште во свежи бои и принт, во комбинација со топол џемпер. А бидејќи сакаме да е сè во знакот на љубовта, и доколку сте смели, црвен капут и чизми е добар избор во кој секој ќе ве забележи! На крајот, овој месец внимавајте на сообраќајот!

 

Рак

22 Јуни - 22 Јули

 До 10-ти јануари не преземајте одговорности. Јануари ќе ви помине во знакот на решавање на правни работи, кои ќе ви донесат малку стрес, кој успешно можете да го надминете со добар шопинг. Искинат џинс, џемпер со карнери и топла јакна е сè што ви е потребно! На работното место атмосферата ќе биде пријатна и празнична, па затоа и ваква удобна комбинација може само да придонесе да се чувствувате уште подобро. На љубовен план ќе бидете ни ваму-ни таму, па упорно ќе се трудите да ја најдете средината и стабилноста. Вие што сте од неодамна во врска, можете да се изненадите, а вие што сте во врска, обрнете му повеќе внимание на партнерот. Емотивната нестабилност може да ви донесе нестабилност, а вас ви е потребно токму спротивното.

 

Лав

23 Јули - 23 Август

Јануари започнете го со полна пареа. Ќе имате сила да направите сè што сакате и можете за да го подобрите својот статус на работното место. Енергијата ви е на завидно ниво, па затоа не двоумете се воопшто на патот кон остварувањето на целите. Слободните претставници ќе имаат многу можности да запознаат интересни личности, од каде може да се изроди и нова љубов. Тие што се во врска, нека не се грижат премногу за саканиот. Тоа не носи ништо добро. Напротив, посветете се себеси и изгледајте убаво. Нашиот предлог е овој месец да се подновите со фустанче со впечатлив принт, бидејќи вас тоа одлично ви прилега. Во комбинација со кардиган и капут ќе изгледате како вистинска дама, што може да ви донесе многу нови погледи. Сепак, не флертувајте. Или пак, ако го правите тоа, бидете внимателни. Уште еден предлог за тоа со што можете да се подновите е и моден додаток во впечатлива боја. Во нашата комбинација тоа е чанта во интензивно розова нијанса, што сосема соодветствува со вашиот копнеж за љубов.

 

Девица

24 Август - 23 Септември

 Сè што имате да сработите, а важно ви е од деловен аспект, оставете го за после 10-ти јануари. Почетокот на месецов е неповолен за бизнис одлуки и сè што ќе започнете ќе мора по два пати да го работите, за да го добиете саканиот резултат. Затоа, ако можете почекајте. Средината на месецот е резервирана за финансиски добивки, па тоа е идеално време и за шопинг. Ако во декември не стасавте да се почестите со нешто, сторете го тоа сега. Тесно здолниште од волна, со панделка ќе биде добар избор за вас, бидејќи во исто време е строго, но и забавно. Него го комбинираме со бела плетена блуза и црна панделка. Високи чизми се неизоствен дел од вашата колекција обувки, а иако на нашата фотографија го нема, облечете елегантен капут и бидете свои на своето. Моќниот изглед на кој секогаш алудирате, ќе придонесе за уште поголема самодоверба, што на слободните претставници ќе им донесе многу нови додворувачи. Постојано ќе ви биде интересно и ќе уживате. На оние во врска, самодовербата малку може да ја искомплицира емотивната ситуација. Не носете нагли одлуки, само бидејќи сте сигурни во себе. Кон крајот на месецот речиси сите претставници ќе ја доживеат љубовта од бајките.

 

Вага

24 Септември - 23 Октомври

 Убав период за вас Ваги. Искористете ги максимално деловните можности, кои ќе ги има во изобилство. Одлуките донесувајте ги после 10-ти јануари, бидејќи во тој период имате одлична перспектива да остварите корисни односи за работата со која се занимавате. Во секој случај не брзајте. Добро размислете за сè, вие и онака тоа секогаш го правите. Односите со парнерот ќе бидат хармонични и среќни. Ако сте од оние што се борат со несогласувања, ќе ги решите со добар и искрен разговор. Покажете му на партнерот дека постои и убав пат до заедничката среќа. Ако сте пак сами, околу 11-ти јануари ве очекува фатална средба. Затоа, не заборавајте да изгледате впечатливо. Вагите овој месец ќе бидат бидат највпечатливи во темни бои – тегет, темновиолетово, темнозелена – одберете сами. Ние џемперот во темносина го искомбиниравме со интересно, плетено здолниште со зелени и златни нишки. На тоа додадовме високи чизми и долга јакна, со што ќе добиете тренди и шик изглед, што генерално на Вагите им е важно.

 

Шкорпија

24 Октомври - 22 Ноември

 Вашите деловни идеи не се реални, затоа вашата желба за промена е поголема од реално остварливото. Бидете коректни и задржете се на реалните цели. Пред да преземете било што, добро информирајте се. Јануари може да ви донесе погрешно разбирање на нештата, што секако би требало да го избегнете. Средината на месецот и на Шкорпиите ќе им донесе финансиски подобрување и подобра работна атмосфера. Во јануари ќе имате потреба од поголемо внимание од партнерот. Оние во „замрсени" односи, нека бидат трпеливи за поволно разплетување. Среќата им се насмевнува и на оние со статус „сингл", па големи се шансите да запознаете атрактивна личност која ќе ви ги оствари сите желби. Оние што не добиваат доволно внимание, нека го обезбедат сами. Во каква и ситуација да се наоѓате, одберете плисирано кожено здолниште, кошула со принт и кожена јакна. Тоа е вистински одраз на она што сте – секси, опасни и заводливи. Не заборавајте дека со вашата сила и појава успевате да надминете сè, а во тој стил ќе започне и оваа 2017.

 

Стрелец

23 Ноември - 21 Декември

Ситуацијата на работното место во почетокот на месецот е хаотична, а вие не успевате од прва да ги пофаќате сите конци. Ќе бидете ангажирани за повњеќе места, што не мора да е и лошо, но мора да знаете дека активностите нема да се одвиваат според планираното. Затоа, добро информирајте се, слушајте и избегнете ги недоразбирањата што можат да се појават. И во љубовта е сè несигурно, се предомислувате околу моменталниот однос во кој сте. Субјетивни сте и тоа по малку ве плаши. Со својата појава, што месецов можете да ја направите уште повпечатлива со црвен плетен фустан, елегантен капут и секси чизми до глужд, знаете дека сте во центарот на вниманието и тоа ви се допаѓа. Но, сериозните обврски ве плашат.Добро размислете што сакате, а одлуките донесете ги после 10-ти јануари. Оние што се сами, наскоро можат да влезат во нова врска, иако ќе се двоумат околу неколку кандидати. Не излегувајте од дома без црвен кармин, тоа ќе биде вашето тајно оружје месецов.

 

Јарец

22 Декември - 20 Јануари

 Среќен роденден Јарци! Овој месец очекувајте го неочекуваното на сите полиња. И во позитивна и во негативна смисла. На работното место добро разбработете ги сите планови, дури и тие од претходно, не само идните. На момент ситуацијата ќе ви изгледа мошне тешка и безизлезна, но ќе добиете помош кога најмалку се надевате. Затоа, на љубовен план ќе оди сè како што треба. Единствено нешто што периодов не е добро да го правите е да мешате кариера и љубов. Тоа би можело да донесе проблеми. Ако сте сами, посакувате нова љубовна романса, а ќе имате и нови предизвици за тоа да го остварите, особено една Шкоприја ќе се заинтересира за вас. Добро истражете ги своите емоции без оглед на статусот во кој се наоѓате. А истражете го и гардероберот. За да остварите сè што сте замислиле, неизбежно е да изгледате модерно и софистицирано. Познати сте по деловниот изглед, затоа широки панталони со металик сјај и кошула со карнери е нешто во што ќе изгледате женствено и софистицирано, мистично и нежно истовремено. Не правете се нешто што не сте, тоа само ќе ви ја намали светлината со која зрачите.

 

Водолија

21 Јануари - 19 Февруари

 Толеранцијата е она што ќе биде клучно во сите односи – и деловни и љубовни, семејни, пријателски. Во бизнис околината, потрудете се да имате добар настап и да оставите впечаток. Дајте го својот максимум, не штедете се. На емотивно поле, ќе бидете отворени за контакти, повеќе од вобичаеното. Нежноста што ја добивате од парнерот ќе внесе уште поголема блискост во вашиот однос, но не претерувајте со барањата и себичноста. Слободните ќе имаат одлична шанса за љубовна романса околу 10-ти јануари. Можно враќање на поранешен парнер во вашиот живот. Ве очекуваат многу изненадувања, што можеби ќе ви предизвикаат и стрес. Сепак, извадете го детето во себе и задржете ја насмевката. Карирано фустанче ќе ви помогне да го комплетирате тоа чувство, а црвената боја, да не заборавите на страста и емоциите. Сè на сè, ве очекува убав почеток на годината!

 

Риби

20 Февруари - 20 Март

 Ќе имате широк спектар на можност кога е работата во прашање. Не двоумете се, но и пред да се впуштите, направете добрра проценка. Јануари ќе биде поволен месец за вас, бидејќи ќе успеете да го најдете вистинскиот баланс. Она на што најмногу треба да внимавате е да имате реални согледувања и очекувања.
Тоа ќе ви овозможи и подобрување на финсиски план, со што можете да се подновите со пачворк џинс или фраерски блузон и да им кажете на сите дека зад деловниот лик, се крие опуштена и креативна личност. Креативни ќе бидете и на љубовен план, но можни се потешкотии при усогласувањето на желбите и можностите. Емотивните дилеми ќе се решат, само покажете малку трпеливост. Така ќе можете на вистински начин да ги согледате квалитетот и реалноста на врската. Слободните претставници нека очекуваат филмска средба, што дефинитивно ќе го одбележи овој месец и ќе ги пренесе во светот на фантазијата.

Објавено:
4 јануари 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
1.429 пати