Месечен хороскоп: Модни комбинации за денот на вљубените

6 февруари 2017

Февруари некои го доживуваат како месец на љубовта, некои пак на доброто вино. Некои слават свој роденден, некои пак роденденот на блиските и сакани луѓе... За некои пак, февруари не е ништо од ова, туку само најкраткиот месец во годината, кој ќе се обидат да го обојат со весели мигови.

Во која и група да спаѓате, ние ќе се потрудиме да ви помогнеме како да заблескате уште повеќе.

Во продолжение погледнете која е совршената комбинација за вас месецов и како да го поминете празникот на љубовта и виното.

 

Овен

21 Март – 20 Април

Февруари е обоен во црвено, а тоа е една од вашите омилени бои. Совршено! Овновите не се врзуваат за датуми, така што ако ви се допаѓа некој претставник на овој знак, не изненадувајте се ако заборави или ви каже дека ништо не му значат ваквите денови.

Сепак, ако веќе знаете дека ве очекува некаква романтична вечера или пак забава со пријателите, не пропуштајте ја шансата да се дотерате. Ако сте по елеганцијата, тогаш едноставни и по малку сексапилни комбинации се полн погодок. Инспирирајте се од Викторија Бекам на пример, таа е Овен во хороскоп. А, ако сте повеќе по спортските комбинации, тогаш обрнете внимание на модните детали. Впечатливите ѓердани, очила за сонце, шапки се работи во кои вие уживате. За што и да се одлучите, црвениот кармин е задолжителен!

Совет и до оние што се вљубени во Овен – смислете нешто забавно и посебно. Овните сакаат изненадувања – па потрудете се да направите едно!. Нов ресторан, некоја забавна игра, необичен начин да му покажете емоции, сè тоа доаѓа во предвид, а тој или таа ќе знае да го цени тоа.

 

Бик

21 Април - 21 Мај

Со оглед на тоа дека Биковите се хедонисти, овој период од годината е совршен за нив. Тие уживаат во сè што е убаво – убава храна, убаво вино, облека, луѓе, чувства. Затоа, ако сакате да освоите Бик, дозволете му да ужива. Не мора да е скапо или луксузно и покрај тоа што за нив велат дека се материјалисти. Бикот ги сака своите пари, не туѓите. Романтична и страствена вечер со саканиот е нешто што тие ќе го обожуваат, а ќе знаат и да го наградат.

А ако сте Бик и ве очекуваат такви моменти месецов, ставете ја елеганцијата во преден план. Некогаш биковите ја ставаат удобноста пред сè друго, а всушност толку сакаат да се дотераат. Облечете комбинација што ќе ги нагласи вашите облини. Секогаш знаете да го извлечете најдоброто од себе.

Што се однесува до бојата, темнозелената и пастелно розовата ќе ви помогнат во тоа. Ако, немате идеја, тогаш инспирирајте се од Пенелопе Круз или Џесика Алба, како претставници на овој зодијачки знак. Високите потпетици и заводливоста се задолжителни! Вам не ви е потребна многу шминка, со природноста и негата го постигнувате тоа што на другите им оди потешко.

 

Близнаци

22 Мај - 21 Јуни

Близнаци – мајстори на стилската трансформација. Вие можете да бидете што сакате (кога е стилот во прашање) и ќе знаете да се снајдете добро. Не изненадува фактот што бројни модели се родени токму во овој знак, Адријана Лима и Хајди Клум се само едни од нив.

За овој месец одберете боја што досега не сте ја носеле. Не велете дека нема да ви стои, затоа што во комбинација со основните или некоја ваша омилена, а компатибилна, ќе имате вистински погодок. Виолетова? Жолта? Бордо? Смарагдно зелена? Тиркизна? Само одберете.

Близнаците се големи љубители на модните додатоци. Чантите да се што поголеми, а внатре ситници колку сакате. Ако сте вљубени во овој претставник од зодијакот, подарете часовник или чанта. Но, исто така, се работи за големи емотивци и креативци, па пратете романтичен СМС, љубовно писменце или било што креативно со што ќе им покажете колку ви значат, ќе ги разнежните и освоите во истиот момент.

Рак

22 Јуни - 22 Јули

Романтични и чувствителни – овие претставници на зодијакот така и се обекуваат. Сè што е поврзано со чувства, нив ги привлекува, така што и февруари е месец во кој тие добро „пливаат“. Имаат убаво држење и став. Жизел Бундшен е еден таков претставник.

Жените во овој знак или го претпочитаат минимализмот, јасно дефинираните бои, или пак романтичноста -  карнери, цветни принтови, светки... Во секој случај не може да се негира нивната женственост и посветеност во сè што прават, па така ѝ во бирањето облека. Ги сакаат сребрените нијанси, како и црната и белата, а одлично изгледаат и во светлосина.

Ние се обидовме да направиме спој од тие два стила.

Ако ви се допаѓа некој Рак, израдувајте го со кутија убаво чоколадо, рачно изработено парче или убав букет цвеќе.

 

Лав

23 Јули - 23 Август

Кога зборуваме за Лавови, мислиме на Џенифер Лопез или Шарлиз Терон. Тоа се жени со став, па таква им е и облеката. Лавот никогаш нема да облече досадна комбинација. И да се работи за фармерки, нивните ќе имаат нешто – беџ, украсни копчиња, искинати ќе бидат...

Лавиците имаат потреба да се во центарот на вниманието. Затоа ако сакате припадничка на овој знак, тогаш сосема е неважно каде ќе ја однесете, сè додека се чувствува како вистинска кралица.

Нашиот предлог е да одберете нешто во златна, црвена или црна, бидејќи тоа се боите што најдобро ви прилегаат. И животинскиот принт може да биде опција.

Во стајлингот додадете накит, особено прстените и ѓерданите се создадени за вас. Понекогаш стајлингот на една Лавица ќе се граничи и со кич, но тоа некако и оди со театралноста што ја носат со себе.

 

Девица

24 Август - 23 Септември

„Помалку е повеќе“ е мотото на Девиците. Вие купувате промислено и тоа што ви е потребно. Не сте многу луди по шопингот, стилот ви е најчесто класичен и минималистички. Затоа и ние одбравме таква комбинација, но во сребрени нијанси. Зошто токму таа? Затоа што покрај белата и сивата, најдобро ви прилегаат сите нијанси на сината и сребрената, а и портокаловата е опција. Имате необичен темперамент, па затоа е добро некогаш да го примените низ облеката, да не бидете секогаш толку воздржани.

И покрај тоа што изгледаат строго, ја сакаат романтиката и им се допаѓаат изненадувањата. Девиците сакаат подароци, убави и квалитетни, па насочете се кон тоа, ако сакате да освоите припадник на овој знак. Не трудете се грандиозни љубовни изјави, не пали тоа многу. Подобро побарајте некоја убава, голема чанта или убави чевли.

А ако немате инспирација, побарајте ја во стилот на Бијонсе или Камерон Дијаз.

 

Вага

24 Септември - 23 Октомври

Вагите се кралиците на женственоста. Важат за најдотераните претставници на зодијакот. Овој месец славете ја љубовта во виолетово, одлично ви прилега.

Инаку, за Вагите е познато дека сакат лесни и лелеави материјали, чанти со везени детали и „џиџани“ додатоци, принтови. Всушност, и тие како и Лавиците сакаат да бидат впечатливи, но не за постојано да бидат во центарот на вниманието. Едноставно, им годи кога некој ги забележува.

Вагите имаат и необични фризури и генерално убава коса. Гвинет Палтроу е Вага во хороскоп и е некој што често го менувал својот стил, што носи живи бои и менува фризури.

Дамата Вага не е лесно да се освои. Тие се непоправливи романтичарки, па ако организирате нешто, важно е да видат дека навистина сте се посветиле. Што и да правите, потрудете се да видат дека сте размислувале за тоа. Сакаат и цвеќе, а и убаво смислени изјави на љубов. Сакаат и марами и храна.

 

Шкорпија

24 Октомври - 22 Ноември

Најголемите заводнички во зодијакот преферираат црна или бордо, па токму и нашата комбинација е таква. Особено бидејќи се работи за вечерна комбинација, тоа мора да биде нешто сексапилно, нешто што ќе ја разбуди страста.

Претставничките на овој знак најчесто имаат впечатлив поглед, што уште повеќе го истакнуваат со шминка. Знаат што им е најсилното оружје. Погледнете ја само како изгледа Деми Мур и на 54 години.

Ако сакате да освоите дама Шкорпија, тогаш бидете мистериозни како што се и тие! Нека биде нешто возбудливо, нешто што досега не го правеле, нека трагаат по нешто. Ако ништо друго, оставете нека се потрудат да го пронајдат подарокот, кој може да биде и некој кожен моден додаток или пак од тантела.

 

Стрелец

23 Ноември - 21 Декември

Ако сакате жена Стрелец, тогаш сакате жена со оптимистичен дух, жена што сака да се смее, што има едноставен стил и ги сака само вистинските работи.

Сепак, колку и да им е едноставен стилот, не значи дека не е добар или скап. Тие сакаат да инвестираат во парчиња. А бидејќи и удобноста е нешто што е исто така многу важно, ретко ќе ги видите да „трпат за убавина“. Затоа, нашата комбинација е со кожена јакна, обувки со не премногу висока потпетица и парчиња во светли бои, што одат со нивната светла личност.

Ретко носи фустани, но не затоа што не и стојат, туку затоа што може да бира што ќе носи. Погледнете го стилот на Мила Јовович на пример и ќе ви биде јасно за што зборуваме.

А ако подготвувате нешто посебно за жена Стрелец овој февруари, тогаш на прво место нека е добра забава. Однесете ја на некој концерт, стенд-ап комедија, или забава. Тоа ќе биде полн погодок!

 

Јарец

22 Декември - 20 Јануари

Жените во овој знак имаат природна убавина и најчесто се многу нежни. Имаат совршено држење, што некој го меша со надменост, но повеќе се работи за отменост. Омилената нова принцеза Кејт Мидлтон е Јарец, а нејзиниот стил е инспирација за сите припаднички на земјените знаци. Или пак, Кејт Мос.

Сепак, кога се работи за Јарците, тие не носат премногу шарени комбинации, затоа нашата е едноставна, сведена на црно и бело и елегантна. Важно им е да е со стил. Кај нив за полиестерот нема место.

А како да ја изненадите? Па, подгответе фото-албум, за да можете да ги евоцирате заеднички, убави моменти. Покажете нежност, ќе ви биде дупло возвратена.

 

Водолија

21 Јануари - 19 Февруари

Водолиите се инспирација на дизајнерите. Тоа се трендсетерите на зодијакот. За нив нема никакви граници. Затоа и шорцот во февруари и шапката во нашата комбинација не се случајност.

Ја сакаат и асиметричноста, неспоивливи ткаенини, но уредноста пред сè. Посебно внимание на обрнуваат на косата. Ако не верувате, тогаш погледнете ја Џенифер Анистон на пример.

А ако се размислувате како да изгледа еден состанок со Водолија или што да купите, ќе ви олесниме – некој возбудлив филм, друштвени игри се одличен состанок во кој ќе ужива една дама Водолија. А добра книга или романтична вечера во најкласична смисла на зборот ќе биде идеален подарок за неа.


Риби

20 Февруари - 20 Март

 

Рибите се сензуални дами. Ним им прилегаат сите нијанси на сина, тиркизна, но и виолетовата... Сакаат и светки и лелеави ткаенини, но тоа не значи дека немаат и секси изданија. Токму затоа ние предлагаме овој февруари да го изнесете сиот сексапил на површина. Елеганцијата ви е важна, а ние ви даваме предлог како да ја ставите во прв план.

Совршено знаат да си играат со облеката. Мирослава Дума не случајно е една од најуспешните блогери и деловни жени во модната индустрија. Често се склони кон вишок килограми, па оваа умешност со облеката, сосема им оди во прилог.

Обувките им се фетиш, па доколку им подарите едни нема да згрешите. Или пак ѓердан, бидејќи одлично им прилегаат. Но, за да имате совршен состанок со Риба, потребно е да им го дадете сето внимание на светот. Романтика, свеќи, чоколадни бомбони, цвеќе... сè е дозволено!

Објавено:
6 февруари 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
1.774 пати