Моден хороскоп: Која е идеалната боја за вашиот знак?

3 април 2017

Минатиот месец ви презентиравме со кој дизајнер го делите хороскопскиот знак. Во април пак, ќе зборуваме за идеалните бои и секако, да не заборавиме, Среќен роденден на сите родени во знакот Овен!

И така веќе надвор сè добива боја, па во текстот во продолжение ќе прочитате која е таа што најдобро ви прилега и ви носи среќа, плус ќе имате предлог комбинација во бојата на вашиот знак. Уживајте!

 

ОВЕН –  Црвена

Зошто: Затоа што рефлектира чиста, сирова енергија, страст, што секако е карактеристика на претставниците на овој астролошки знак. Во моментите кога им треба малку охрабрување, црвената боја може да го даде саканиот ефект. Колку и да звучи банално, астролозите велат дека црвената ја обновува нивната духовна енергија на вистински начин. Истото ќе важи и доколку не сте Овен во хороскоп, но имате подзнак, Месечина или Венера во овој знак. Освен црвената, среќни бои за Овнот се и белата и црната.

Мода: Но, црвената не е едноставна за носење, затоа многумина најчесто ја имплементираат преку модните додатоци – чевли, чанта или пак секси црвен кармин.

Значење: Црвената е боја на лутина, храброст, опасност, жештина, страст, сексуалност и сила. Ако се земе предвид дека црна и белата не се вистински бои, црвената е првата што добила име. Како боја на крвта и огнот се поврзува со љубовта и револуцијата. Тоа е најзастапената боја на знамињата. Кога се во прашање негативните асоцијации на бојата, црвената е многу агресивна, се поврзува со насилство и војна. Спортските тимови ја сакаат, а една студија за Олимписките Игри во 2004 година покажува дека во спортовите каде што има двајца натпреварувачи и резултатот е изедначен и резултатот зависи од бодувањето на судиите, тие го преферираат натпреварувачот во црвен дрес. Мажите ги сметаат жените во црвен фустан поастрактивни, а црвенокосите мажи и жени имаат поактивен сексуален живот. Црвената го поттикнува срцебиењето и стимулира глад, односно апетит. Затоа црвената е популарна боја и во растораните. Со оглед на тоа дека е тесно поврзана со природната кафена, дизајнерите ја сакаат и во дизајнирањето на мебел.

 

БИК – Зелена

 Зошто: За Бикот ќе најдете повеќе информации. Некаде пишува дека неговата боја е розовата, некаде зелена, а некаде пак и сината, но оние модрите нијанси, или кралевски. И сите се точни. Розовата поради нежноста и влијанието на нивната планета Венера, а другите две поради земјениот аспект. Ние ја одбравме зелената, бидејќи таа е идеален избор за сите априлски и уште повеќе мајски Бикови, бидејќи асоцира на природа и повторно раѓање.

Мода: Општо познато е дека Биковите уживаат во удобноста и елеганцијата. Од минимализам, до бохо ноти, нивниот стил е многу често комбинација од неколку, затоа што собираат сè што им се допаѓа и го комбинираат. Можеби Бикот не би купил зелени чевли (освен ако нема подзнак во некој од уметничките знаци како Водолија или Риби), но фустани во зелена боја, марами, кошули, смарагден накит, сè тоа можете да го видите на еден Бик.

Значење: Зелената е боја на свежина, здравје, надеж, обнова, сигурност, младост. Во германските јазици, овој збор има ист корен со растење или треба, што алудира поврзаноста со природата. Невестите во Средниот век, многу често носеле зелени венчаници, како симбол на плодноста. Зелената е најсмирувачката боја во спектарот на видливи бои и има излекувачки моќи, затоа не изненадува фактот што често се користи во ентериерите на болниците. Кога мостот Blackfriar Bridge во Лондон бил обоен во зелено, бројот на самоубисва опаднал за 30 проценти. Зелената е боја на знамето на Мухамед и е знак на почит. Тоа е една од најважните бои во Исламот и секоја исламска држава има зелена во знамето. Ако ги разгледуваме негативните конотации на зелената, таа претставува и материјализам и посесивност, што исто така се врзува за Биковите. Зелената е и боја на љубомора и завист, себичност, алчност. Исто така, се поврзува и со неискуството. Секундарна боја е и е микс на топла жолта и студена сина. Зелената се наоѓа во центарот на спектарот и тоа не случајно, бидејќи претставува баланс.

 

БЛИЗНАЦИ – Жолта

Зошто: За најкомуникативните претставници на Зодијакот, жолтата како боја токму на комуникацијата и интелектот е совршена за Близнаците. Исто така, ја поттикнува креативноста, а претставниците на овој знак секогаш имаат потреба од таков тип на изразување.

Мода: Ова е една од најтрендовските бои сезонава, но не секогаш лесна за комбинирање, или барем не за сите. Жотата секогаш треба да ја усогласите со тенот на кожата.  Постои опасност да изгледате како канаринец, но ако се има предвид дека Близнаците ја сакаат откаченоста во модата, ова за нив нема да претставува никаков проблем.

Значење: Жолтата се поврзува со креативноста, ентузијазмот, среќата, радоста, славењето, оптимизмот и задоволството. Тоа е бојата на вниманието и брзо може да стане иритантна, особено ако е користена во многу и често. Покрај црната и белата, жолтата одлично оди во комбинација со сината и зелената, но комбинацијата со жолта не секогаш е добра идеја, бидејќи може да биде премногу нападна. Од друга страна, жолтата е и бојата на зависта, болеста, предавството. Се поврзува и со анксиозноста и ирационалноста. Во маркетингот, жолтата се перцепира како младешка, светла и по малку детинеста боја, што може да се поврзе со неодговорноста.

 

РАК – Бела

Зошто: Ако белата ја поврземе со перфекција, основа и чистота, тогаш веднаш ќе ви стане јасно и зошто е среќна боја токму на Раковите.

Мода: Приказната за ова ја започнавме и минатиот месец кога говоревме за дизајнерите Ракови и како повеќето од нив дизајнираат венчаници. И тогаш нагласивме, дека белата е основата на која потоа се гради сè. Во нивниот стил, основата ја има минимализмот, на кој потоа додаваат други елементи и го оформуваат својот естетки израз.

Значење: Белата се поврзува со искреност, невиност, светлина, мир, чистота, вистина. Тоа е бојата на новите почетоци, раѓање, венчавки, медицина, наука. Неутрална е и може да се комбинира со речиси сите труди бои. Се смета за летна боја, но во исто време, тоа е бојата на снегот. Тоа е бојата на која го градите својот карактер. И бебињата се облекуваат првин во бело, спремни потоа да ги примат сите други бои од спектарот. Белата значи и независност. Листата на позитивни асоцијации е долга. Но, има и неколку негативни конотации. Особено во западните култури, белата се смета за студена боја, што означува празнина, стерилност. Во Индија, бојата на тагата е токму белата. Можеби несвесно, вие Раковите облекувате бела кога се движите кон некој нов правец во вашиот живот или кога ве очекува некое ново искуство.

 

ЛАВ – Златна

Зошто: Сјај, впечатливост, празничност, сето тоа го сакаат Лавовите, а го означува златната. Таа е се смета за нијанса на жолта, но жолтата би била премногу едноставна за Лавот. Тие мора да бидат во центарот на вниманието.

Мода: Златната е сепак топла боја, која истовремено укажува на забава и возбуда, а токму тоа ги одликува и претставниците на овој знак. И додека други би одбрале златна само за вечерни пригоди, Лавовите можат да ја носат и во дневни варијанти и тоа совршено им прилега. Од бледи нијанси, па преку бронезени и сè до нијанси на старо злато, Лавовите знаат како да ги носат. И кога е шминката во прашање, тие совршено знаат како да ги вклопат во изгледот. Бронзер, или пак, златен сјај за усни е гламур-ефектот што овие дами го посакуваат. Тие се од малкуте претставници на Зодијакот каде повеќе е повеќе!

Значење: Златната е боја на успехот, достигнувањата, триумфот, статусот. Се поврзува со просперитет, луксуз, квантитет, престиж, вредности, елеганција. Лавовите сакаат материјални добра и сигурноста, екстраваганција, статус во општеството, а во психологијата на боите, златната имплицира токму на овие нешта. Но, без разлика на сè, Лавот е поврзан и со природата (влијание од жолтата), но оваа повозбудливата, потемепераментна страна. Златната се поврзува со машката енергија и моќта на сонцето, споредбено со сребрената што се поврзува со женската енергија и чувствителноста на месечината. Ова е бојата и на победниците – а за нив се резервирани златни медали. Во однос на негативните конотации, колку што значи успех, златната е и страв од успех, егоцентричност, недоверба, злоба, разгаленост... Па ако ви е ова омилената боја, тогаш и вашиот може да е микс од овие карактеристики.

 

ДЕВИЦА – Сина

Зошто: Комуникација, авторитет, мудрост – одликите на Девиците, поради кои и сината е токму нивната најсреќна боја.

Мода: Како претставници што не трпат туѓ авторитет, туку сакаат да наметнат свој, како некои што се сметаат за личности што во претходниот живот имале некакво кралско потекло, често изборот на Девицата е токму сината. Ако забележите девојка што носи сина сенка за очи и тоа изгледа супер, голема е веројатноста да се работи за некој што со знак, Сонце или Месечина во Девица. Сини чевли се задолжително парче кај овие претставници, како и сите типови на модни додатоци.

Значење: Сината е боја на довербата, одговорноста, чесноста и лојалноста (= Девица). Тие се резервирани и тивки, но не секогаш. Не сакаат конфротација, но доколку не е како тие што сакаат, тогаш ако треба и ќе се конфротираат и не се пријатни. Во психологијата на бои, сината е боја на перспектива, самодоверба и внатрешна сигурност. Сината означува и ред, а една од најизразените карактеристики на Девиците се токму редот и јасноста на животниот и работниот простор. Сината го редуцира стресот, и создва чувство на смиреност и релаксираност. Бојата на небото. За Девиците, само небото е граница. Исто така, научниците велат дека сината го забавува метаболизмот. Како боја што се поврзува со комуникацијата, честопати, јавните говорници, професорите или било кој што треба да зборува пред поголема толпа луѓе одбира да биде облечен токму во сина. Означува и високи идеали, што ги имаат и Девиците, па не секогаш се излегува лесно на крај со нив. Сината е спасувач, пријател кога ви е најпотребно. Сите со знак и уште повеќе подзнак Девица, сакаат да градат цврсти врски на доверба, а кога тоа ќе се сруши тогаш се чувствуваат предадено. И се како водата. Мирни, па бурни. Сината означува и депресија, тага, пасивност, конзервативност, слабост, фригидност, неповерливост. Сите вие што сината ви е омилена боја, се пронаоѓате ли?

ВАГА – Индиго сина

Зошто: Најголемите шармери во Зодијакот, Вагите, се знак со кој владее Венерата. Затоа може да прочитате дека освен сината, и розовата е нивна среќна боја, што нема да е грешка. Но, темносините нијанси посебно ги истакнуваат, бидејќи Вагите сакаат и впечатливост и интелигентноста, а на сето тоа се и мошне интуитивни, сè што влегува и во описот на оваа боја.

Мода: Така и во модата. Вагите се познати по тоа што ја сакаат естетиката и убавото и тоа под влијание на Венера. Женствени се, и ги сакаат моделите што ги истакнуваат облините. Не се плашат од својата женственост, напротив. Прилично се самоуверени и свесни за себе. Затоа и вака темни нијанси, што не секој би можел да ги носи одлично им прилегаат.

Значење: Вистината, трпение, хармонија, се дел од работите што ја карактеризираат темносината боја или индиго. А Вагите се познати како фамилијарни типови, па хармонијата во домот и вистината во односот со партнерот задолжителни. Постојат податоци дека сината влијае врз редуцирањето на криминалот (полициска униформа), но за тоа нема официјална потврда. Она што има е дека сината е омилена боја на најголем број луѓе во светот. Често се појавува во логоата на компанијата, бидејќи ја поврзуваат со доверба. Индиго е бојата на концентрацијата во медитацијата. Исто така, означува и моќ на перцепција, па често Вагите се детективи. Индиго значи и искреност, правда, борење за човекови права, емпатија. Значи и традиција, но и креативност и спиритуалност. Исто како и вагата. Негативните конотации на бојата се – фанатизам и зависништво.

 

ШКОРПИЈА – Виолетова

Зошто: Затоа што Шкорпиите се мистериозни, а меѓу боите виолетовата е мистериозната дама.

Мода: Нијанси на црвена, сина и црна се наоѓаат во виолетовата, со што нејзиното одгатнување е уште потешко, како и на претставниците на овој знак. Ако познавате Шкорпија, прашајте ја која боја ѝ е омилена, веројатно ќе биде црвена, црна или виолетова. Ја имплементираат и кога е бојата на косата во прашање, како и во шминката. Можеби нема да купат виолетови чевли, но стилот на Шкорпиите сепак ќе биде и провокативен и мистериозен.

Значење: Покрај тоа што е боја на мистичното, па често се поврзува со црна магија, тарот и слично, виолетовата е и боја на религиозноста. Свештените лица порано имале виолетови наметки, кои потоа во некои култури се замениле со црни, односно бели. Виолетовата означува и амбиција, екстраваганција, луксуз, престиж. Познато е дека тоа е и бојата на кралевите. Во неа се содржи силата од црвената и сината, па интересен е и резултатот од едно истражување дека таа е една од најпопуларните бои меѓу пубертетот и периодот непосредно пред тоа. Бојата на бунтовниците, но и на менлахолијата и инфериорноста. Многу ретко се сретнува во природата.

 

СТРЕЛЕЦ – Портокалова

Зошто: Затоа што Стрелците го сакаат животот, а портокаловата го означува токму тоа – енергија, живост, желба за живот.

Мода: Стрелците сакаат патувања, па ако сте Стрелец и се подготвувате за некое патување, спакувајте си парчиња во овие бои. Тие ја изразуваат состојбата на нивниот дух – ведар, немирен. Маици во оваа боја во комбинција со џинс, или пак некое пролетно фустанче, чанта со чевли, ќе биде одличен избор за вас. Да не заборавиме – очила за сонце и кармин. Вие сте по природа малку „откачени“, зошто тоа да не го изразите и преку модните комбинации.

Значење: Ова е боја на активноста, енергијата, возбудата, успехот и младоста. Именувана е по добропознатото дрво, односно овошје. Ги покрива сите нијанси од жота до црвен и има слични карактеристики како и тие бои. Не е толку светла како жолтата, ниту пак нападна како црвената. И покрај убавите аспекти, може да означува и незрелост и кич. Прилично е впечатлива, па се користи за предупредување од опасни ситуации, или кога сакаме да привлечеме внимание. Особено е популарна во прехранбената индустрија. Многу ретко ќе забележите автомобили во портокалова боја, а интересна студија покажува дека абтомобилите во оваа боја генерално, поретко губат вредност, отколку другите. Но, веројатно постои причина зошто ваквите автомобили се поретки, која секако нема врска со самата боја.

 

ЈАРЕЦ – Црна

Зошто: Јарецот е земјен знак, па и не е некое изненадување што црната, како и темните нијанси на кафената се идеалните, среќни бои за овие претставници на Зодијакот.

Мода: Како љубител на класиката, црната одлично се вклопува во стилот на овој, знак кој го почитува минимализмот, но и романтиката. Црната е одлична за комбинација со сите останати бои, па Јарците тоа го прават во согласност со своето расположение. Тврдоглави се, па тешко се одлучуваат на промени, што некогаш може да се толкува и како модна несигурност.

Значење: Црната е боја на авторитет, впечатливост, контрола, елеганција, дисциплина, заштита и сила (сè што и Јарецот е). Но, истовремено се толкува и како боја на злото, тежината, ноќта...Црната не е боја, таа всушност е микс од сите бои, што значи дека ги апсорбира сите бранови должини. Интересно е што луѓето носат црно за да изгледаат потенки, но црните предмети пак, изгледаат потешко, погломазно. Црната симболизира крај, но секој крај е поврзан со нов почеток, па и тука може да се види зошто црната и белата се совршен пар. Од сите бои, црната има најмногу негативни конотации. Ја сметаат за несоцијална боја, која создава страв. Се вели дека продавачот облечен во црно може да има многу продажба, но не и пријатели. Се смета дека луѓето на кои оваа боја им е омилена се конзервативни и сериозни. Одлична е за судиите и адвокатите, бидејќи црната означува и контрола и моќ. Но, тоа е бојата и на модата. Малиот црн фустан е задолжитело парче. Секси долната облека најчесто е црна и обоена со заводливост и мистерија.

 

ВОДОЛИЈА – Тиркизна

Зошто: Затоа што ги обединува отворената комуникација и емоциите, што е сосема соодветно за водолиите.

Мода:Одлично е да ја имате оваа боја околу себе, особено ако работите креативна работа или пак треба да носите одлуки. Тие што ја носат оваа боја, порачуваат дека се забавни, креативни, фантазери, сè само не здодевни. Во летниот период ја преферираат сите, но на Водолиите посебно добро им прилега. Нив нема да ги видите од глава до петици во оваа боја, или многу ретко, но ќе видите интересни додатоци, принтови токму со имплементација на тиркизната. Водолиите имаат одлична моќ на перцепција, па затоа секогаш внимаваат како ги комбинираат работите. Понекогаш, тоа што вие не би го облекле или комбинирале, Водолиите токму тоа ќе го направат и ќе изгледаат прекрасно во тоа.

Значење: Тиркизната е среќна боја, боја која порачува:„Животот е убав“. Во психологијата на боите, тиркизната ги контролира и лечи емоциите, создавајќи емоционална рамнотежа и стабилност. Тоа понекогаш може да биде лудо возење надолу-нагоре, но на крај сепак се наоѓа стабилност. Комбинација е на сината и малку жолта, па во себе ги содржи и нивните карактеристики. Исто така, на скалата на бои е помеѓу зелената и сината. Тиркизната означува мир, смиреност (од сината) и балансот и растењето (влијание од зелената), како и енергичност (влијание од жолтата). Ако познавате некоја водолија, тогаш сè ви е јасно. Одлично влијае на концентрацијата, па доколку треба да одржите некој говор, нека ви биде напишан или подвлечен токму со оваа боја. Но, од друга страна, таа означува и егоизам – ставање на своите потреби над сè. Ни помага да се сакаме себеси, што потоа ја поттикнува и способноста да ги сакаме и другите и тоа безусловно. Сепак, не претерувајте со тиркизната, затоа што наместо баланс можете да го постигнете токму спротивното.

 

РИБИ – Сребрена

Зошто: Сребрената е тесно поврзана со месечината, што значи интуицијата и женската енергија, нешто што сосема ги осликува Рибите. Многумина би помислиле дека сината е нивната боја, бидејќи рибите се врзани со водата, но во комбинација со мистериозноста и потрагата по смиреноста, сребрената е нивната боја.

Мода: Минатиот месец читавте за тоа со кои дизајнери го делите хороскопскиот знак. И покрај тоа што сите имиња што ги прочитавте се успешни, некако „најоткачените“ дизајнери се токму Риби. И тоа не е случајно. Уметноста е идеална професија за претставниците на овој знак, независно за која се работи. Тие немаат толку откачен стил, колку што имаат откачени идеи. Ќе ги видите во нешто помеѓу елеганција и удобност, но секогаш ќе има некој детаљ што кај другите го нема.

Значење: Во психологијата на боите, пишува дека сребрената означува рефлексија, промена на правец, просветлување. Помага во чистењето и ослободувањето на психата и емоционалните блокади и проблеми. Сребрената е еднаква на отворање нови порти. А Рибите секогаш трагаат по нешто ново, подобро, поинакво. Интуицијата е нивното второ име. Сребрената значи рефлектирање на енергија назад, без разлика дали е позитивна или негативна. Не чудете се зошто Рибите земаат толку многу енергија... Исто така, сребрената се поврзува и со престиж и богатство, гламур, софистицираност, модерност... Таа ги поврзува женственоста и спиритуалната енергија. Личностите од овој зодијачки знак, како и оние на кои сребрената им е омилена, се сметаат за мудри и со чувство за правда. Но, ако зборуваме за негативните аспекти, тоа е боја на дволичноста, егото, студеноста. Како и црната, така и сребрената може да оди со сите други бои и ја рефлектира нивната енергија. 

Објавено:
3 април 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
5.421 пати