Моден хороскоп: Новогодишни комбинации за секој знак

9 декември 2017

Со почетокот на декември, официјално започнува и одбројувањето до новата година. Ако имате во план некаде да одите и да славите, веројатно веќе и размислувате за тоа што би носеле.

Токму на тоа го посветивме декемврискиот моден хороскоп. Погледнете ги комбинациите за вашиот знак и поднзнак, сигурно ќе пронајдете нешто што ќе ве инспирира, или пак можеби во целост ќе го прифатите нашиот предлог.

 

Овен – страстни во црвена боја

Бидејќи една од првите асоцијации за Овните се темперамент и страст, црвената боја е идеална за да се претставите во вистинско светло на новогодишната ноќ, или пак на некоја од предновогодишните забави. Нашиот предлог е тесен фустан што ќе ја следи линијата на телото, кој можете да го комбинирате со црвени чевли на високи потпетици. За да внесете доза нежност и префинетост, можете да ги искористите бисерите. Ако не ги преферирате како накит, тогаш како моден детаљ на чанта совршено ќе се вклопат. Црвен кармин е задолжителен и дефинитивно ќе ги привлечете погледите кон себе.

 

Бик – заводливи во V-израз

Биковите се стабилни, силно, но и ништо помалку чувствителни, заводливи и со сексуална енергија која суптилно освојува. За претставниците на овој знак идеален избор ќе бидат парчиња со длабок V-израз. Наш предлог е свилен фустан во смарагдно зелена боја, која на Биковите им ја дава потребната доза на луксузност. Со такво деколте во предниот дел, се одлучивме фустанот да има долги ракави, со што ќе се сочува добриот вкус, а на комбинацијата ѝ додаваме црни украсени елегантни чевли и чанта во сличен стил со чевлите. Темноцрвен кармин одлично им прилега на Биковите, кои знаат буквално да бидат скриен оган. Со софистицираноста и ставот, нема сомнение дека го вртите вниманието кон себе.


Близнаци – расположени во светкави парчиња

Како исклучително расположени претставници на зодијак, кои секогаш се подготвени за другарување, Близнаците покрај тоа што ќе одберат нешто впечатливо, ќе гледаат тоа да биде и комотно и удобно за носење. Токму затоа, нашиот предлог е виолетово светкаво здолниште, кое одлично соодветствува со нивната весела природа. Го комбинираме со ролка со ракави, но и голи раменици, а на тоа додаваме високи црни чизми и чанта со флорален принт. Металик карминот ќе ја истакне потребата на Близнакот да проба нешто ново. Со оглед на тоа дека ќе сакате да ги запознаете речиси сите во собата и кога на тоа ќе ја додадете вашата смелост за комбинирање, сигурни сме дека ќе останете запаметени.

 

Рак – романтични во цветни принтови и тантела

Претставниците на овој знак не сакаат да претеруваат, но истовремено сакаат да бидат впечатливи. Како исклучително емотивни и романтични, тие секогаш ја покажуваат својата нежна страна. Ние овој пат ја нагласуваме со миди фустан, во комбинација со нежна, софистицирана тантела и цветен принт. Го комбинираме со црни високи чизми на широка потпетица и едноставна чанта со впечатлив моден додаток. Познати се по тоа што ја сакаат модата и секогаш внимаваат на тоа како ќе се појават некаде, со оваа комбинација таа карактеристика излегува во преден план и ја покажува суптилноста при применувањето на модните трендови, а доминатноста во однос на другите кога е модата во прашање.

 

Лав – доминантни во црно-златни комбинации

Досега повеќе пати сме посочиле дека на никој толку добро не му прилегаат златните нијанси како на Лавовите. Нивната доминација ја покажуваат на разни начини – преку говорот, однесувањето, но ништо помалку и со изгледот. Сепак, оваа Нова година златната ќе биде суптилно имплементирана во вашиот изглед, но доволно за да излезете во преден план. Наш предлог се црни шорцеви, што ги комбинираме со транспарентна црна кошула со златни ѕвезди. Вие секогаш сте ѕвездата нели? На тоа додаваме металик златни чизми до глужд и триаголна чанта со златни детали.

 

Девица – впечатливи во дискретни сребрени нијанси

Строгите и авторитативни Девици, всушност се прилично авантуристички расположени. Сепак, кога е облеката во прашање, не прават многу експерименти. Ние се потрудивме да направиме комбинација на она што најмногу ќе им прилега, но со вклучени нови елементи. Нашиот предлог за тоа како Девиците ќе привлечат најмногу внимание на новогодишните забави е асиметричен фустан. Од едната страна потсетува на палто, а од другата е маичка на прерамки. Уште поприивлечни се суптилните сребрени нијанси на ткаенината, кои придонесуваат за впечатлив празничен изглед. Фустанот го комбинираме со чевли кои имаат панделка во задниот дел и сребрена клач чанта. Едноставно, а ефективно!

 

Вага – секси во парче со гол грб

Со Вагите владее Венера, а тоа значи дека се обвиткани под превезот на љубовта, секспапилот и еротиката. Имајќи го тоа на ум, нашата предлог комбинација е комбинезон со гол грб во темноцрвена боја. Го комбинираме со чевли со високи потпетици и чанта во комбинација на овие две бои. На тој начин во изгледот ги имплементиравме сите елементи од првата реченица. Имајќи ја предвид и комуникативноста и отвореноста на Вагите, тие од секоја прослава се враќаат со бројни познанства, кои прераснуваат и во другарства, па не се сомневаме дека така ќе е и овој пат.

 

Скорпија – сако фустан за трендовски изглед

Уште еден знак под превезот на сексапилот, но и мистеријата. Затоа и нашиот предлог за новогодишната ноќ е краток сако-фустан. На преклоп е и на половината има ремен што го истакнува овој дел од телото. Така, во една комбинација имаме притаен сексапил кој интригира. Фустанот го комбинираме со чизми до глужд, а изгледот го заокружуваме со убав црвен кармин, впечатливи златни обетки (кои уште повеќе ќе придонесат луѓето да ве забележат) и црна чанта со златни елементи. Доволно е Скорпијата да се појави во просторијата и веќе ќе биде личноста за која најмногу ќе се зборува дури и ден потоа.

 

Стрелец – авантуристи во карнери

Веселите и позитивни Стрелци секогаш со големо нетрпение ги очекуваат празниците, бидејќи тоа е периодот што изобилува со забави и дружење. Тоа што се лежерни во однесувањето и пристапни за комуникација, не значи дека се лежерни и во изгледот. Напротив. Стрелците обожуваат да се дотераат, а во нивниот изглед речиси секогаш има место за елеганција. Нашиот предлог за оваа Нова година е тесно здолниште со карнери од едната страна, кое го комбинираме со нежна маичка на прерамки и откриени раменици, исто така со суптилни карнери во предниот дел. На тоа додаваме сандали со ремче, беж клач и кармин во интензивна портокалово-црвена нијанса. Очекувајте повик веќе следниот ден.

 

Јарец – минмалистичка комбинација за максимум ефект

Среќен роденден Јарци! Ова е ваш месец и период. Вие сте дружељубиви и зборлести, но кога е изгледот во прашање, прилично мирни. Минимализмот за вас е императив, но понекогаш си дозволувате и по некоја интензивна боја или принт, колку да потсетите дека не сте досадни. Нашиот декемвриски предлог за вас е сатенски (или свилен) слип фустан. Тој на вистински начин ќе ја истакне вашата нежна страна, но и моќта што сакате да ја постигнете преку чистиот израз. Фустанот во ледено сина нијанса го комбинираме со бел широк капут, сребрен клач и кадифени чевли во слична нијнса со фустанот. Идеална зимска комбинација која во себе содржи елеганција и луксуз.

 

Водолија – мистични во фустан со висок околувратник

Уметнички настроените Водолии, никогаш не се досадни, ниту пак е нивниот изглед. Нашиот предлог за овој празничен период е кадифен црн фустан со висок околувратник. Веројатно ќе си помислите дека ова е спротивно на сè што кажавме во првиот дел, но фустанот е искомбиниран со транспарентна ткаенина во делот на ракавите и долниот дел од фустанот. Тантелата и принтот со точки, што е апсолутен хит, му даваат разиграност, но и нежност, мистериозност и безвременост. Во комбинација со чизми до глужд и клач чанта со суптилен сјај, Водолиите ќе го нагласат својот естетски изграз на вистински начин.

 

Риби – слободни во комбинезон

Слободните и креативните Риби со својата појава сакаат да го насочат вниманието кон себе. Не стравуваат од експериментирање, затоа и честопати ги доживуваат и како модни камелеони. Светките не се нивен број еден, но токму поради таа нивна храброст и креативност, ние одлучивме за новогодишната ноќ да забелскаат во златен светкав комбинезон. Покрај тоа, ова парче ќе им овозможи и слободно движење, што за нив е исклучително важно, бидејќи се весели, темпераментни и движењата се дел од нивниот израз. Комбинезонот го комбинираме со црни сандали со тенки ремчиња и златна клач чанта, а минималистичките обетки и неутралниот кармин ќе ја смират комбинацијата. Ова е доказ дека и комплетно златна комбинација може да изгледа софистицирано, а не евтино, само ако знаете да направите вистински избор и уште поважно, знаете да го носите парчето.

Објавено:
9 декември 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
1.121 пати