Моден хороскоп: Совршениот принт за вашиот знак

3 мај 2017

Многупати досега низ нашите содржини сте имале можност да прочитате за актуелните принтови, како да ги комбинирате и да ги приспособите на својот стил.

Мајската астролошка содржина ја посветуваме на тоа кој е совршениот принт за вашиот зодијачки знак, а и комбинациите ќе бидат токму со посочениот избор.

Во деновите исполнети со напнатост, одвојте неколку минути за забава и релаксација:

 

Етно мотиви за Овните

Можеби многумина ќе се изненадат дека за модерните и темпераментни Овни, идеален е принтот со етно мотиви. Но, како претставници на борбеноста, на пример Ацтешките притнови ќе бидат совршен избор за нив. Исто така, поради тоа што се под владетелство на Марс, претставниците на овој зодијачки знак одлично ги носат сите типови на маскирни принтови (камуфлажа).

Веројатно не сте знаеле дека актерките што често сме ги гледале во улога на хероини или се родени во знакот на Овен или имаат Месечина или Венера во тој знак. На пример, Анџелина Џоли беше хероина во Томб Рајдер, а има Месечина во Овен; Руни Мара беше одлична во „Девојката со змејот“, а има Сонце, Месечина и Венера во Овен; Луси Лоулес е позната по улогата на „Принцезата Ксена“, а има сонце во Овен.

Уште еден избор за Овните е и пепито принтот.

 

Флорален принт за Биковите

Среќен роденден Бикови! Многу популарен и присутен, но среќата да им прилега најдобро ја имаат токму родените во овој знак. Со оглед дека Бикот е земјен знак, а неговите припаднички за едни од најженствените, цвеќињата се и логичен избор. Сè што асоцира на плодност, убавина, љубов го означува Бикот. Веќе сезони наназад, флоралниот принт е број еден меѓу модните трендови, па постојат бројни начини како да се носи.

Освен што можете да го имплементирате на облеката, цвеќето можете да го ставите и во коса, како и да одберете чанта или очила за сонце со тој принт. Сандали со цвеќиња? Одличен избор за сите вљубеници на обувките.

 

Точки за Близнаците

Веќе повеќе пати досега сме ја споменале веселата природа на Близнаците, па имајќи го тоа предвид принтот со точки е нешто што одлично ќе им прилега. Не е важно дали ќе се одлучите за покрупни или поситни точки, важно е тоа што го носите да биде забавно. Уште ако тоа го искомбинирате со вашата идеална боја – жолта, тогаш ќе ја имате совршената комбинација.

Доколку точките ви изгледаат како ретро принт, а сакате нешто помодерно, добар избор за вас се и принтот со птици или принт со пеперутки -  сè што потсетува на слобода, лелеавост, разиграност...

 

Карирано за Раковите

Како заштитници на семејствата и децата, и како претставници што почитуваат сè што е врзано за домот, за претставниците на овој знак од Зодијакот, ваков традиционален принт е совршен избор. Многу често сме го гледале како доминантен моден тренд, но сепак, накпрепознатлив е по шкотските килтови.

Но, веројатно најинтересен ќе ви биде податокот дека Шкотска е под владеењето на зодијачкиот знак Рак. Ништо не е случајно!

И иако за некои ова е повеќе принт за сезона есен-зима, карираните кошули се веќе класично парче што можете да го носите во секоја сезона. Ако пак, не го негувате тој стил, тогаш имплементирајте го во модните додатоци, ќе видите дека нема да згрешите.

 

Кралски мотиви за Лавовите

Со оглед дека златната е нивната среќна и идеална боја, кралските мотиви се нешто во што Лавовите сосема ќе се пронајдат, како и во барокните детали. Затоа не изненадува фактот што некои од ревиите на Долче и Габана како да се создадени за овие претставници на Зодијакот.

Инаку, барокниот стил започнува околу 1600 година во Рим, градот кој е под владетелство на знакот на Лав, а потоа се шири во останатиот дел на Европа.

Впечатливоста е она што треба да се добие како резултат. Лавовите мора да ви го привлечат вниманието, а ова е еден од начините. Ако не сте Лав во хороскоп, сетете се некој што е, или има подзнак, или месечеина во овој знак. Веројатно таа личност носи впрчатлив накит (би им стоело и круна на глава да стават), сакаат принтови, имаат бујна коса....  Освен овие кралски, нив одлично им прилегаат и животнски принтови, страст што ја делат со претставниците на знакот Шкорпија.

 

Кашмирски мотиви за Девиците

За Девиците велат дека се мајстори на принтовите. Со оглед дека квалитетот им е нешто на што посебно посветуваат внимание, кашмирот се наметнува како природен избор за претставниците на овој знак. И можеби првин ќе си помислите, па тие се перфекционисти, чисти, јасни, принтовите не се за нив, но всушност ќе згрешите. Тие совршено знаат да го носат. Пример за тоа се и пејачката Флоренс Велч, како и дамата што сите ја обожуваме – Ајрис Апфел.

Нивната тајна е во тоа што одбираат помали односно поситни и деликатни принтови, што секогаш ги победуваат повоочливите и јасни. Да, така е, тука може да се почувствува и мистеријата што ги отсликува Девиците и сите со подзнак и месечина во овој знак.

 

Симетрични принтови за Вагите

Вагите се неодлучни и секогаш се стремат да го пронајдат балансот во сè. Токму затоа и симетријата им е блиска. Чисти и идентични линии се она што совршено му одговара на овој знак.

Веројатно не сте знаеле, но постои податок кој вели дека голем број од архитектите се во знак, подзнак или месечина Вага, што само оди во прилог на погоре кажаното. Со оглед на тоа дека Венера е владетелка на овој знак, па убавото и естетиката во секој сегмент од животот е исклучително важна за Вагите.  Изминатава сезона-две мошне популарен беше принтот со згради, односно архитекстонски мотиви, па ете уште една опција за сите претставници на овој знак.

 

Животински принт за Шкорпиите

Тука сè е јасно – кој подобро знае да се справи со сексапилот од Шкорпиите. Принт ос зебра, леопард, змија се совршени за претставниците на овој знак. Тоа не значи дека треба да се облечете комплетно во принтови, како пример за мимикрија, туку искомбинирајте во склад со вашиот стил.

Текстурите исто така се блиски до Шкорпиите, па на пример текстура на школки или одредени рептили или инстекти е исто така добредојдена.

Шкорпиите после пораз најбргу се издигнуваат од сите знаци односно – најбргу ја обнонуваат кожата, се трансфромираат и продолжуваат, затоа и најдобро можат да го разберат значењето на овој принт.

 

Квадрати за Стрелците

Стрелците се забавни, затоа на нив им треба принт што ќе го отслика нивниот животен став. Квадратестиот принт (или шаховска табла) во сите варијанти одлично се вклопува во тоа. Оддалеку ви изгледа хипнотизирачки, а всушност забележувате ред и шема.

Тие се авантуристи, а авантурата има нивни правила. Исто така, нив речиси никогаш нема да ги видите само во црно или бело. Кај нив мора да има боја. Мора да има живот.

И како такви, ја сакаат веселоста и шегата, а зад тоа ја кријат својата строгост и тага. Некои од најпознатите комедичари се токму Стрелци во хороскоп. А и Џоан Риверс е Стрелец, исто како и Мајли Сајрус и Рита Ора... Треба ли да одиме понатаму?

 

Тантела за Јарци

Јарец значи традиција, а во овој случај тоа е тантелата. Ако направите моден флешбек, тогаш ќе се сетите дека тантелата значеше порано строгост и пристојност. Денес има некои нови и поинакви конотации, но Јарците ќе се држат до нивните вредности и ќе ја имплементираат во својот стил и на својот начин.

Како знак што е прилично пасивен и затворен, тантелата може да се толкува и како нешто што ќе внесе малку динамика во нивниот стил.

Освен тоа, тантелата знае да изгледа богато и луксузно, што е само уште една причина повеќе претставниците на овој земјен знак.

 

Апстрактност за Водолии

За уметниците Водолии, апстрактниот дезен е совршен. Имате Водолија во својот живот? Тогаш веројатно понекогаш ви било тешко да ја разберете. Но, овие претставници не сакаат да тапкаат во место (елемент Вода), сакаат да одат напред и да истражуваат нови нешта.

Освен апстрактните мотиви, за Водолиите одличен избор ќе бидат и некои современи или дигитални принтови, цик-цак, цветни, хипи принтови..

Како што може да забележите, сè што е движечко, бунтовно, а истовремено во тек со времето или дури и футуристичко, е совршено за Водолиите.

 

Риги за Рибите

Рибите сакаат сè што е модерно и што не ограничува. Затоа и сакаат широки кроеви и креативни решенија.

Кога се принтовите во прашање, ригите се идеални за нив. Не мора тоа да се однесува исклучиво на морнарскиот принт, кој е дефинитивно број еден, туку и сите варијанти на овој принт. Зошто? Затоа што линиите „течат“ во недоглед, одат во бесконечност, а Рибите го сакаат тоа.

Можете да си играте и со боите и да го приспособите на својот сензибилитет, вметнувајќи и други креативни елементи во комбинациите. Сепак, вие секогаш отскокнувате од толпата, особено кога е стилот во прашање.

Објавено:
3 мај 2017
Категорија: 
Моден хороскоп
Прочитано:
2.380 пати