„The Beatles“ - инфлуенсери пред своето време

4 април 2018

Современиот тек на нештата природно ни носи нови животни навики, нови термини, нови професии, нови поткатегории во секој сегмент на уметноста, нови поп икони...

Во оваа современа консталација на медиумскиот простор, се поприсутен е терминот „инфлуенсер" што со или без основа се почесто си го присвојуваат личности од различни општествени сфери. Отвора дискусија прашањето за „тежината" на терминот во рамки на сегашноста, но ако сакате репер за инфлуенсери што го поминале тестот на времето – тогаш дефинитивно тоа се „бубачките".

„The Beatles" не само што оставија безвременска музика како уметничка целина, туку тие се феномен како појава, пионери чиј имиџ доби епски размери во секоја можна димензија.

Стилот што тие го наметнаа, постојано и постојано се редефинира, добива нови современи форми, инспирира цели уметнички и модни правци. За нивната големина кажува нивната присутност и влијание тука и сега, после децении, покрај масовната поп продукција.

Со нивната појава донесоа нова ера и во музиката и во модната индустрија.

Уште во самиот старт на нивната кариера, „The Beatles" ја препознаа важноста на постојаната трансформација на нивниот визуелен стил паралелно со созревањето на нивната музика. Почнаа со кожени јакни и темни панталони, па јакните ги заменија со сакоа и тенки вратоврски, па како им зрееше кариерата, така се почесто преземаа „ризици" и во својот стил во доцните 60-ти години, имплементираа и посветли бои, што веројатно за нив беше и најрадикална стилска трансформација. Како еволуираше нивната кариера, така секој член на б(р)ендот градеше свој стил по кој беше препознатлив.

„Ленонките" на пример ги популаризираше Џон Ленон и беа незаменлив белег на неговиот личен идентитет.

Независно на кое политичко, социјално, интелектуално, економско ниво и припаѓа/ше публиката, „The Beatles" имаа/ат обединувачка моќ од непроценливи размери, што повторно упатува на нивниот статус на инфлуенсери.

Форма и содржина, концепт и суштина, подготвеност да се преземе ризик и да се одговори на предизвикот да се биде пред своето време, порака и визија, талент и концизност во изразот - некои атрибути на „инфлуенсерите" важат секогаш и секаде.

Објавено:
4 април 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
146 пати