Беба Лончар – Југословенската Брижит Бардо

5 септември 2016

Беба Лончар – име многу добро познато на златната генерација на Југославија. Вие помладите што нѐ читате, прашајте ги вашите родители или баби, тие точно знаат за која личност се работи.

Пред речиси 51 година, градовите низ цела Југославија беа обземени од филмот „Љубав и мода“. Режисерот и сценаристот Љубомир Радичевиќ веројатно и не ни претпоставувал каков хит ќе стане ова остварување, во кое играа Душан Булајиќ, Миодраг Петровиќ Чкаља, Мија Алексиќ, а пееја Габи Новак, неодамна починатата актерска и пејачка ѕвезда Властимир Ѓуза Стојиљковиќ и други и секако Беба Лончар – новата модна икона на Југославија.

Девојките во тоа време мислеа дека ако носат фустани со ситен каро дезен ќе бидат убави како Беба Лончар, а момците мислеа ако се возат со веспа по градот, ќе ја сретнат.

Критичарите воопшто не му беа наклонети на филмот, но тоа не ја попречи неговата популарност ни малку. Минатата година се одбележа 50-годишнината од првото прикажување, а на која присуствуваше сѐ уште прекрасната Беба Лончар.

Кога целата југословенска јавност ја запознава, таа има само 17 години. Убавата Десанка Беба Лончар е родена на 28-ми април 1943 година во Белград. Иако мошне популарна, Беба се запишува на Философскиот факултет во родниот град. Уште како ученичка, на конкурсот за Радио Телевизија Београд е одбрана за спикер за детски емисии. Имајќи го предвид строгиот критериум со кој тогаш се избирале телевизиските лица, оваа млада девојка располагала со неверојатен талент.

И покрај тоа што со 17 години станува популарна, „Љубав и мода“ не е нејзиното прво остварување. Неколку месеци пред тоа, го снима филмот „Девети круг“, но сите ја паметат по улогата на Соња Илиќ која се вози на веспа.

-Дојдоа кај мене и ми кажаа – ќе снимиш еден филм, ќе возиш веспа, ќе носиш прекрасни фустани, ќе се возиш со авион... Тоа звучеше како сон! – се присетува Беба.

Инаку, таа не била првиот избор на режисерот. Но, среќата ѝ се насмевнала. Девојката што требала да ја толкува главната улога била прекрасна млада дама, на која мајката не ѝ дозволила да снима и ја заклучила во соба.

-За среќа, мајка ми беше поинаква, па сакаше ќерка ѝ да се снима и слика и така улогата ми припадна мене.

Популарноста носи и пари, па со само 19 години го купува првиот бел „Мерцедес“.

-Двосед, кабриолет... Тоа е најлуксузната кола која некогаш сум ја имала. Бев девојче, сега на тоа гледам како на типично детски чекор. Мене тој автомобил ми беше како играчка, а на ист начин ја купив и првата бунда. Воопшто не беше за мене, повеќе за повозрасни жени. Но, во Југославија тогаш тоа го немаше. Еднаш сама на себе си купив огромен дијамант! За тоа никогаш не ми беше потребен фраер – се присетува актерката.

Во текот на следната деценија, во Југославија сѐ попопуларни стануваат воените филмови, но нејзиниот лик не соодветствува за таква тематика.

-Никој не ме доживуваше така. Мојата специфичност ми овозможи да глумам Французинки или Швеѓанки во домашните партизански филмови, да одам против своите – се навраќа актерката.

Но, кога ќе се спомене нејзиното име, освен по убавината, народот ја памети и по нејзината светска кариера, како Југословенка која успеа да го допре Холивуд!

Сосема случајно остварува соработка и со „Columbia Pictures“, кои доаѓаат во Белград по повод снимањето на филмот „The Long Ships“. Актерката која треба да ја толкува главната улога, улога на викиншка принцеза, се разбоува. А претставниците на ова студио ја забележуваат Беба и ѝ ппредлагаат соработка.

Весниците постојано пишуваа за нејзината блискост со Грегори Пек, Кери Грант, но таа никогаш не сакаше да зборува за тоа.

-Зошто да зборувам за тоа? Тоа е така неважно – ќе каже во едно дамнешно интервју.

Инаку, за Грегори Пек ги врзува една интересна случка.

Беба Лончар која како дете одела во „Народно позориште“,15 години подоцна, како позната актерка во истата зграда седи помеѓу двајца мажи – едниот е Милош Жутиќ, а другиот сосема непознат за неа.

-Неверојатно личите на Ингрид Бергман, ме вративте во младост – ѝ се обраќа непознатиот маж.

-Тоа беше Грегори Пек. Тогаш не знаев кој е тој. Случајно заедно чекавме аудиција и веќе никогаш не се сретнавме. Но, компаниите за кои работевме им беше важно утре во весниците да се појават наслови: „Млада акерка од Југослација се најде во друштво на Грегори Пек.“ И така, кога ќе почнам нешто ново да снимам, ќе напишат, еве ја таа што беше со Грегори Пек, така имам фотографии со некои познати луѓе кои воопшто не ги ни познавам, ниту пак имало вистински повод за да се сретнеме. Многу среќа и случајности влијаеја на мојата кариера. На Западот бев интересна како девојка која во филмската индустрија која доаѓа зад железната завеса. За „Columbia Pictures“ морав да потпишам договор на седум години. И за да не ме прашуваат дали во Југославија имаме леб да јадеме, јас се облекував во скапи фустани и носев многу фин накит. За инает. И никогаш не ме прашаа такво нешто – открива Лончар, која подоцна пак, во домашната татковина ќе ја наречат југословенската Брижит Бардо.

Посебно популарна станува и по контроверзната фотографија со гитара.

-Сите рекоа, еве ја Беба Лончар гола. Гитарата беше огромна и ништо не се гледаше, но важно беше дека сум обнажена. Така оди тоа... - раскажува актерката во една емисија.

Таа не сака да зборува за актерските големини со кои соработувала, но меѓу нив се Марчело Мастројани, Виторио Гасман, Луј де Фин.

Филмот „Signore & signori “ на италијанскиот режисер Пјетро Џерми во кој Беба ја има една од главните улоги, добива „Златна палма“ во Кан во 1966 година. Оттогаш целата италијанска јавност почнува да ја доживува како своја.

-Веќе до моето име во весниците не пишуваа „актерката од Југославија“, а во кариерата одеше сѐ одеше некако само од себе – ќе каже за српските медиуми.

Сепак, не е сѐ како од бајките. Татко ѝ не ја доживува нејзината слава. Умира одеднаш кога Беба има само 14 години, од срцев удар. Многу години подоцна, истата болест ќе ѝ ја земе и мајката и братот.

-Во почетокот носев малку пари, но чувството да не мораш да се позајмуваш и да молиш за основни работи е најважно. Тогаш одеднаш пораснав. Се плашам од лоши теми. За жал, што е животот подолг, тоа повеќе ги има. Привилегија е да се живее долго, но неминовно е да ги губите оние што ги сакате – ќе каже во едно интервју.

А кога сме кај саканите, иако многумина ѝ се додворуваа, таа падна на шармот на Јосип Радељак, хрватски бизнисмен. После 13 годни брак и бројни обиди, тие не успеваат да имаат деца. Секој пат се соочуваат со губиток.

Но, кога следниот пат останува бремена, не станува од кревет. И така пет месеци. Испитувања, инјекции, неизвесност... Нови обиди, страв, голема желба, сѐ испомешано... Но, овој пат успешни девет месеци. Се раѓа Лео.

-Три килограми, 150 грама и 52 сантиметри долг, и црвен. Кога го земав во раце, филмовите, снимањата, славата сѐ тоа за мене беше некој друг свет. Животот во болница многу ме измени. Ја напуштив глумата и одлучив да бидам со детето. А не да го влечам по сетови. И не сакав да најмам дадилка. Сакав да го чувам како знам и умеам.

После 52 филма, Холивуд, слава и пари, Беба Лончар со 40 години се збогува со тој свет.

-Снимав еден филм во Алжир, воен, носев перика тешка 15 килограми, надвор беше сто степени, пустина околу мене, се мачев и психички и физички. Застанав пред огледало и си реков: „Што правиш ти тука? За пари ли работиш? Не! За кариера? Не! Немав повеќе мотив ниту да заработувам, ниту да правам кариера. Ми „светна“ и одлучив да го сменам животот од корен. Родив дете, ја сменив професијата, државата – вели Беба.

После долги години живот во Италија, каде е омилена „Bella bambona“ (убава кукла), се враќа во Србија.

Од сопругот се разведува во 1994 година и оттогаш не се во контакт. Денес е пензионерка и во складен однос со долгогодишниот партнер, Стеван Маринковиќ.

-Уживам во овие денови. Не се шминкам. Сѐ уште следам мода, Ив Сен Лоран ми беше долги години омилен дизајнер, ги обожував неговите машки одела. И радо се присетувам на филмот што ми го смени животот. Не се навраќам на актерството, сега имам друг живот – ќе каже Беба која пред неколку години беше прогласена и за „девојка на 20-от век“. Да се има реклама, интервју или насловна страна со неа претставувало најголем успех, а и ден-денес е интересна за медиумите, иако се појавува само кога има што да каже.

Иако има 73 години, култот за оваа белградска убавица, домашната Брижит Бардо, сѐ уште трае. Доказ за тоа е песната „Девојко мала“ чии звуци и денес  се слушаат, секогаш штом влезе во некоја од белградските кафеани. 

А за вас што сакате да го гледате „Љубав и мода“ и да се префрлите во едно поинакво, помирно време, видеата се во продолжение:


Ljubav i Moda 1960 / Domaci film I... by roland-kuboth
Ljubav i Moda 1960 / Domaci film II... by roland-kuboth

Објавено:
5 септември 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.747 пати