Франција изминатиов период беше во центарот на вниманието на светската јавност и тоа поради претседателски избори, чии резултат е дека 39-годишниот Емануел Макрон е новиот лидер на државата.

Покрај со политичките ставови, тој предизвика различни реакции со приватниот живот.

Веројатно на сите веќе ви е познато дека неговата сопруга е 64-годишната Брижит Макрон, која била негова наставничка по драма и ментор во школска претстава. Тоа предизвика различни реакции. „Да беше обратно, тој ќе беше педофил, а вака е љубов“, „Ова е доказ дека годините не значат ништо“, „Макрон успеа да освои 25 години постара жена од него, а успеа да ја освои и Франција, што е следно?“, се само дел од коментарите по социјалните мрежи.

Кога првпат се среќаваат, тој има 15 години, а таа 40, притоа мажена и мајка на три деца, а едно од нив учело во ист клас со Макрон. Емануел веднаш се вљубува во неа и ѝ преложува заедно да пишуваат претстава.

-Тоа нè зближи, се дружевме секој петок и ставаме неверојатно блиски – изјави во една пригода Брижит Троњо.

Секако дека оваа врска не наишла на одобрување, особено на родителите на тинејџерот, кои на сите начини се обидувале да ги разделат. Еден од нив било и праќањето на Емануел во престижната гимназија во Париз, но тоа не вродило со голем успех.

Тој ѝ праќа писмо на Брижит во кое вели „Што и да направиш, јас ќе се оженам со тебе“.

Во меѓувреме, таа се разведува од сопругот и прифаќа работна понуда во Париз.

-Си реков, ако сега ова не го направам, ќе зажалам. Љубовта носеше сè со себе и ме донесе до развод – вели таа и во 2007 година се разделува од сопругот.

Две години подоцна, се мажи за 29-годишниот Емануел, а во брак се 10 години.

-Емануел велеше дека таа ќе им ја затвориме устата на сите и се земавме. Тој е како суштество од друга планета, кое поседува комбинација на ретка интелигенција и изворедна хуманост. Филозоф кој стана банкар и политичар и јас сè уште сум вљубена во него како тинејџерка – јавно призна поранешната наставничка.

Инаку, Емануел станува милионер како инвеститорски банкар, а во 2012 година станува советник во Елисејската палата, каде сега ќе влезе како претседател.

Освен што е негова голема поддршка, што се грижеше за неговиот изглед и говори за време на кампањата, Брижит со својот изглед и стил успева да им оддолее на годините.

Без разлика на тоа каков став имате за нивната врска, факт е дека новата прва дама на Франција има посебен стил, кој наиде на одобрување и воодушевување кај светската јавност. Од Карла Бруни до сега не се зборувало толку многу за прва дама на Франција.

Во што се состои нејзината тајна?

Во беспрекорната насмевка, секогаш одлично средената коса со волумен и совршената ноншалантност во стилот, карактеристична за Французинките. 

За време на кампањата таа ниту еднаш не се појави во пастелни костимчиња и строги форми, нешто што сме навикнале да го гледаме досега. Комбинации за кои сметате дека се несоодветни или модно „неиздржани“, таа одлично ги носи и со тоа наметнува нови правила. Неа ќе ја видите и во патики и најчесто во обувки со пониска потпетица.

Со ведриот израз и однос, испраќа порака дека е сигурна во себе и дека не се грижи многу за разните коментари.

Често може да се види со кратки фустанчиња, тесен џинс, хеланки, парчиња кои се ултра модерни и трендовски. Долгите и тенки нозе ѝ одат само во прилог. Многумина велат дека кога ќе се појави имате впечаток дека била поранешен модел, а не наставничка. Некои пак, ја нарекуваат француската Тина Тарнер во светот на политиката.

Инаку, таа е родена на 13-ти април 1953 година, како шесто дете во семејството на богати производители на чоколадо во Амиен. Како наставник по драма и француски јазик, веројатно никогаш и не претпоставувала дека еден ден ќе ја врши функцијата на првата дама на Франција, во која вели ќе биде активно вклучена.

Модните инсајдери со задоволство ќе ја следат Брижит во нејзините нови појавувања и во тоа како ги руши правилата и поставува нови. Дотогаш, погледнете ја галеријата со некои од нејзините највпечатливи комбинации.

Објавено:
8 мај 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
7.692 пати