Чед Мајкл Мари - вечната симпатија на тинејџерките

10 јануари 2017

Сигурни сме дека ако сте едни од оние што ја гледале серијата One Tree Hill, тогаш најголемата симпатија ви бил Лукас Скот или Чед Мајкл Мари.

Дури и оние што не преферираат русокоси мажи со сини очи, ќе кажат дека овој млад актер е совршенство. Многумина сметаат дека неговата убавина се должи на тоа што има полско, британско, јапонско, ирско, германско и швајцарско потекло.

На мала возраст го напушта мајка му, па ќе каже дека тоа е една од најголемите причини што прифаќа да биде дел од популарната серија.

Всушност, ако читате повеќе за него, ќе сфатите дека има многу заедничко со Лукас Скот. Има три браќа, еден полубрат и една полусестра. Вљубеник е во литературата, за што сведочи и фактот дека во 2011 ја објави својата новела „Everlast“. Пред да почне да се занимава со актерство, беше модел, па кон крајот на 1990-тите беше дел од кампањите на „Томи Хилфигер“, „Гучи“ и „Скечерс“.

Исто така, се занимавал и со фудбал. Поради скршеница на носот, прави операција, што во медиумите се шири како вест за естетска корекција. Тоа Мари повеќе пати го демантираше, потенцирајќи дека таа лага му предизвикува нервоза.

Во текот на својата кариера остварува и повеќе филмски улоги. Се сеќавате на него како Џек од „Fricky Firday“, со Линдзи Лохан и Џејми Ли Кртис? Тоа е првата негова успешна улога, особено ако се има предвид дека остварувањето заработи 160 милиони долари (а филмот е со буџет од 20 милиони). Овој Дизни римејк му донесе нова улога и тоа веќе следната година. Во 2004 беше во главната улога на филмот „A Cinderella Story“, заедно со Хилари Даф.

Ова остварување пак доби очајни критики, но тоа не ја намали популарноста кај публиката, за што сведочи и заработувачката од 70 милиони долари.

Подоцна, Хилари ќе открие дека за време на снимањето била заљубена во Чед.

-Имаше неколку сцени каде што требаше да се бакнеме. Бев многу нервозна во тие моменти. Совршени усни, сини очи, продорен поглед... Не знаев како ќе се справам. Но, тоа за среќа не траеше долго. Станавме пријатели и тој знаеше како да исчезне нервозата, па потоа сè беше во ред – изјави Даф.

После тоа следуваат филмовите „House of Wax“, „А Medea Christmas“, „Left Behind“, „To Write Love on Her Hands“, како и „Outlaws and Angels“ од 2016 година.

Кога се сериите во прашање, последниот актуелен ангажман му е како Џек Томпсон во серијата „Agent Carter“.

Чед Мајкл Мари беше дел и од спотот на Алиша Киз за песната „Unthinkable (I’m Ready).

Во медиумите вниманието го привлече и поради својот љубовен живот.

За време на снимањето на „One Tree Hill“ се вљуби во колешката Софија Буш (во серијата Брук), со која се земаа во април 2005 година, но тој брак траеше само до септември. Иако, продолжија да работат на истиот проект, тие не го одржаа контактот.

После Софија, Мари беше вљубен во Кензи Далтон, која во 2005 беше и Мис тинејџерка на Северна Каролина. Се свршија во април 2006 година, но после седум години, ја раскинаа свршувачката.

Следната љубов на актерот, која траеше само неколку месеци, беше кон актерката, моделка и негова колешка во „Left Behind“, Ники Вилан, за потоа во неговиот живот да се појави Сара Ромер.

Со неа глумат заедно во „Chosen“ и се забавуваат од 2014 година. Една година подоцна, стапуваат во брак, а истата година го добиваат и првиот син. Во ноември минатата година објавија дека го очекуваат и второто дете.

Чед Мајкл Мари е познат и по тоа што често го менуваше својот стил. Особено кога е косата во прашања. Го гледавме и со долга коса, и шатиран и со максимално кратка фризура, и со шишки и без нив. Како ги менуваше стиловите на фризури, така експериментираше и со брадата, па од сосема мазно лице, го видовме и со густа брада.

Иако во почетокот го доживувавме како тинејџер кој обожува да носи широки блузони и дресови, како во One Tree Hill, подоцна имаше фаза во која носеше маици и елечиња, за во последно време да го гледаме сè почесто во класични одела.

За себе сепак ќе каже дека најудобно се чувствува во лежерни варијанти – џинс и маици, а капите и очилата за сонце му се омилени модни додатоци.

Инаку, кога сме кај омилените парчиња, тој дизајнираше и линија на маици и дуксери за своите обожаватели, а средствата од продажбата ги пренасочи за Детската болница во родното Бафало.

Тој е еден од оние тинејџерски ѕвезди што можат да се пофалат дека со годините нивниот изглед е сè подобар.

Уверете се сами:

Објавено:
10 јануари 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
813 пати