Веројатно се сеќавате на ова момче кое во 2008 година стана планетарно популарно благодарение на филмот Slumdog Millionaire кој освои дури седум награди Оскар.

Денеска, по речиси цели 10 години, неверојатниот актер со индиско потекло Дев Пател е номиниран за Оскар за улогата во фантастичниот „Lion“ и многумина стискаат палци тој конечно да ја добие наградата.

Она што не може, а да не се забележи во изминативе неколку месеци е промената на стилот на 26 – годишниот Пател чии комбинации денеска се вистински празник за очи.

Последно, можевме да го видиме во совршено скроен костим од брендот Барбери во темно сина нијанса на вчерашното доделување на наградите BAFTA од каде си замина со статуетката за најдобар актер во споредна улога.

И ако пред многу години можевме да го видиме во смешни комбинации и чевли на црвениот килим, денеска тој дефинитивно важи за еден од најдобро облечените мажи на церемониите.

Новата и подобрена верзија од актерот се одликува со секогаш внимателно одбрани комбинации, најчесто составени од панталони и шик палто во комбинација со интересни кошули или блузички со принт.

Тој е совршена инспирација и за сите оние мажи кои се љубители на класиката, па така многу често можеме да го видиме и во навидум едноставни и елегантни, но сепак тренди машки костими совршени за многу пригоди.

Секако, не смеете да заборавите и дека ова момче има навистина супер фигура и изгледа одлично, па затоа речиси секогаш комбинациите му стојат толку добро.

Како свој омилен бренд тој ќе го издвои Барбери како резултат на британското потекло, а ќе каже и дека тие многу добро се грижат за него за секое појавување.

Во исчекување на Оскарите, да се потсетиме на некои од неговите најдобри комбинации изминатите години.

Објавено:
13 февруари 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
201 пати