Благодарение на хитовите „Педесет нијанси на сиво“ и „Педесет нијанси потемно“, публиката ширум светот имаше можност да се запознае со актерот Џејми Дорнан, иако тој веќе долго е присутен на светската јавна сцена.

Повеќе од сигурни сме дека бројната женска публика оди да го гледа филмот токму поради згодниот Џејми, односно арогантниот и авторитативен Кристијан Греј.

Сепак, пред да го доживее овој успех, наскоро 35-годишниот, актер има мошне успешна кариера на модел, а исто така се занимавал и со музика (бил член на кантри група).

 

Ако истражите на Интернет, ќе видите дека младиот Дорнан бил дел од кампањите за долна облека на Келвин Клајн, бренд за кој ќе се појави и заедно со мега популарните Ева Медес и Кејт Мос.

Покрај ова, Џејми бил модел и за „Армани“, „Диор“ особено оние кампањи за парфеми, потоа „Долче и Габана“, „Десигуал“. Тој е едно од лицата и на „Зара Мен“, „Хуго Бос“, „Асос“. Тоа му овозможило соработка со славни фотографи меѓу кои и Марио Тестино и Тери Ричардсон.

 

Токму во времето кога се занимава пред сè како модел, негова девојка е прекрасната Кира Најтли. Нивната љубов трае од 2005 до 2005. Медиумите го поврзувале и со Миша Бартон, но таа информација никогаш не доби официјална потврда.

2004 со Кира Најтли

2007 со Миша Бартон

Поради кариерата, овој актер честопати го менувал својот стил, па сме имале можност да го гледаме и со коса во кадрици, но и сосема кратко потстрижан. Приватно, неговиот стил е лежерен, но на важните настани секогаш внимава на изборот на одела па во неговата колекција можат да се видат такви со потпис од „Александар Меквин", „Гучи", „Долче и Габана", „Армани" итн.

Неговата филмска кариера започнува со филмот „Марија Антоанета“, каде партнерка му е Кирстен Данст, а потоа се појавува и во серијата „Once Upon a Time“.

За вас што сакате трилер и драма, погледнете ја серијата „The Fall“, каде Џејми е серискиот убиец Пол Спектор, а во женската главната улога е Џилијан Андерсон или инспекторката Стела која се труди да го фати. Ќе добиете сосема нов впечаток за неверојатниот талент на Дорнан.

Во една пригода ќе каже, за потребите на улогата во оваа серија која има три сезони, следел жена во приватниот живот.

-Не сум горд многу на тоа, но морам да признам дека почувствував возбуда, веројатно поради тоа што никогаш во животот не сум направил такво нешто. Но, во исто време, тоа ми помогна и за одредени делови од улогата да ги разберам подобро – вели Дорнан.

Инаку, Џејмс Дорнан е роден на 1-ви мај 1982 година во Белфаст. Тој е најмладиот член на семејството Дорнан. Има две постари сестри – Лиса, која работи за „Дизни“ во Лондон и Џесика, моден дизајнер, која исто така работи во Англија. Неговиот татко Џим е гинеколог, кој исто така имал желба да стане актер. Инаку, е и далечен роднина  (братучед) на актерката Грир Гарсон. Мајката на Џејми, Лорна, пак починува кога тој има 16 години и тоа од рак на панкреас.

Од двете страни пак, дедовците на Џејми биле методистички локални свештеници. И тој ќе се запише на Methodist College Belfast, каде ќе игра рагби и ќе биде дел од драмската секција. Подоцна, се запишува на универзитетот Teesside, од кој ќе се откаже и ќе се пресели во Лондон за да се обучува за актер.

Неговиот најнов филм, покрај второто продолжение на „Педесет нијанси на сиво“ е и „Робин Худ“, кој во моментов се снима, а каде ја има улогата на Вил Скарлет.

Кога е во прашање неговиот приватен живот, овој Ирец ги почитува традиционалните вредности, па ќе каже дека ништо на светот не му е поважно од семејството. Во април 2013 година се жени со актерката и текстописец Амелиа Варнер. Во јуни истата година потврдија дека го очекуваат своето прво дете, девојче кое се роди во ноември и ѝ го дадоа името Дулси. Втората ќерка ја добиваат во февруари минатата година и нејзното име е Илва.

-Жената која ме прави подобар маж без конкуренција е мојата сопруга - вели во едно интервју Дорнан, со што ги отстрани гласините дека помеѓу него и Дакота Џонсон има нешто повеќе од колегијалност и пријателство.

Малкумина знаат дека имал само четири недели да го довете телото во совршенство поради улогата во „Педесет нијанси на сива“. Тоа пак, подоцна ќе му донесе не само популарност, туку и бројни насловни страни. „Elle“, „Variety“, „Interview“, „GQ“, „Equire“, „L”Uomo Vogue“, „Icon“, „Style“, се само дел од магазините каде тој има насловна.

Исто така, еден од помалку познатите податоци за него се дека едно време бил цимер со Еди Редмејн и тоа непосредно пред да ја запознае својата сопруга.

Најголемата несигурност му е начинот на чекорење. Дури одел и на часови по танц, само за да може да го смири начинот на чекорење и да се подготви за улогата што му ја донесе славата. Одел како на „федери“, но инструкторот му помогнал да го користи целото стапало кога чекори.

За провокативните сцени за време на снимањето, тремата ја надминувал со склекови и други вежби. Дакота пак, која призна дека имала многу повеќе трема од него, секогаш пиела виски за да се ослободи од тоа чувство.

Исто така, Џејми мисли дека не изгледа добро без брада.

Ние и би можеле да се согласиме. Што мислите вие?

 

Објавено:
4 април 2017
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
713 пати