Френк Синатра: Живот на негов начин

12 август 2015

Еден Оскар, 13 Греми награди, 58 снимени филмови и преку 250 милиони продадени плочи, четири жени, три признаени деца и едно непризнаено – вака некако би изгледал животот на Френк Синатра низ призма на бројки.

Од неговата смрт поминаа 17 години, но неговата музика инспирирана од љубов, стана безвременска.

Неговиот стил беше препознатлив, конвенционален и без експерименти –сè она што тој не беше во животот. Контроверзен и темпераментен, Синатра остана интересна тема и години подоцна.

Неговите љубовни афери, бракови, проблеми со алкохолот, професионалните подеми и падови, неговата поврзаност со мафијата детално се анализирани во сите еминентни светски медиуми.

-Никогаш не ми пречеше ништо што е за мене кажано или напишано, освен кога ми пречеше – изјави Синатра во една пригода.

Френсис Алберт Синатра е роден на 12 септември 1915 година, во Њу Џерси, во работничко семејство со италијанско потекло. Неговиот татко, Антон Мартин Синатра бил пожарникар, а мајката, Натали Гаравенти, висок функционер на Демократската партија, што подоцна ќе влијае и на политичката определба на нејзиниот син.

Синатра на 15 години го напушта средното училиште со желба да стане спортски новинар. Постои и приказна дека после 47 дена бил избркан поради лошо поведение. Како и да е, спортот отсекогаш го интересирал, особено бокс и тоа најбруталниот, уличниот. Љубовта кон овој спорт веројатно ја наследил од татко му, кој бил познат уличен боксер, со уметничко име Марто О’Брајан.

Новинарската кариера ја започнува како возач на камион за весници за New Jersey Observer, а после почнува да работи во истиот. Недостатокот на образование му прави голем проблем. Со тек на време сфаќа дека тоа му е животен хендикеп и запишува вечерно новинарско училиште. Трудот резултира со работа како новинар, но патот го носи на друга страна.

Со музика почнува да се занимава уште во раната младост, учествувајќи на разни натпревари, а наградите што ги добивал биле сет садови или десет долари. Не знаел ноти, немал музичко образование, но имал совршен слух, кој не го попречи ниту пукнатото ушно тапанче. Некои сметаат дека повредата настанала како резултат на улична тепачка, додека други сметаат дека тоа е му е последица уште од раѓање. Имено, Френк е роден како бебе од шест килограми, а неговата мајка била ситна жена, па при раѓањето, малиот Синатра за малку немало да преживее.

Со музичката кариера паралелно оди и по филмските студија, надевајќи се дека ќе добие некоја улога што ќе го прослави. Во тоа време е во брак со Ненси Барбато, љубовта од детството, која исто така била пејачка. Со неа го пее и легендарниот хит Something Stupid. Во текот на бракот добиваат три деца – Френк Џуниор, Ненси и Кристина.

Френк и Ненси

Првиот албум The Voice of Frank Sinatra го снима во 1946 година, велат со помош на мафијата. Албумот со 15 хит синглови го снима за куќата Columbia Records. Неговите плочи се продаваат во милионски тиражи, а многу бргу станува и миленик на медиумите. Со мирен баритон глас и лежерно префрлениот балонер преку рамото, Френк Синатра стана препознатлив речиси во целиот свет. Често на сцената се качува со пијалак во рака, со што ги полудувал обожавателките. За него велат дека е првата модерна суперѕвезда, а го носеше прекарот The Voice (глас). После него, тоа го доживеаја само Елвис Присли и Битлси.

Френк многу бргу се прилагоди на статусот на ѕвезда, бидејќи тоа подразбира многу жени, забави и пиење.

-Алкохолот е најлошиот непријател на човекот, а Бибилијата проповеда дека треба да ги сакаме своите непријатели – велеше Френк.

Стилот на Синатра беше подеднакво ценет како и неговото пеење. За разлика од другите ѕвезди од тоа време, Френк Синатра речиси никогаш не носи лежерна облека. Совршено скроените одела и смокинзи беа најчесто негов прв избор. Исто така, пејачот е познат и по својата љубов кон оделата, стилските детали, а тие што го познаваа велат дека никогаш не излегувал без добро да ги „светне“ чевлите. Неговата посветеност на стилот во комбинација со маркантниот изглед и сините очи, придонесуваа да биде вистински магнет за жените.

„Да поживеете до стота и последниот глас што ќе го слушнете да биде мој" е омилената здравица на Синатра.

Црните одела му биле меѓу омилените. При облекувањето, Френк се држел до правила до кои секој маж треба да ги почитува – ракавот на кошулата да е до два сантиметри подолг од ракавот на оделото. Работ на панталоните треба да ги допира чевлите, а севкупниот изглед секогаш до дополнувал со златни манжетни и перфектно стокмено марамче. И секако, уште еден од неговите препознатливи знаци, шапката! Но, да биде благо накривен.

Тоа беше добитната комбинација на Синатра.

Но, во својот живот, тој искуси и што значи кога славата поминува. Во доцните 1940-ти, кариерата му се распаѓа, како и бракот со Ненси Барбато и тоа поради врската со Ава Гарднер. Нивната врска станува јавна само недела дена по разводот со Ненси, но не трае долго. Во 1951 година, тој и Ава се венчаваат, а бурниот брак трае само две години, но Френк долго време ќе пати по Ава. За Ненси пак, Синатра остана единствена љубов.

Френк и Ава

Се шпекулираше дека Ава е заслужна за неговото повторно враќање, бидејќи му ја обезбеди споредната улога во филмот „Оттука до вечноста“, која му го донесе и Оскарот. Од друга страна се и гласините дека за таа улога е заслужна неговата врска со мафијата. Дури и во филмот „Кум“, Роберт Дувал разговара со филмскиот продуцент, кој следното утро се буди во крвав кревет, со пресечена коњска глава покрај себе, после што италијанскиот пејач ја добива улогата која му ја спасува кариерата.

Френк и Ава

После разводот со Ава, Френк се обидува да изврши самоубиство. Поради психичката криза во која запаѓа, еден период престанува да пее, но после закрепнувањето, звукот на неговиот глас добива друга димензија. Синатра заедно со Дин Мартин Семи Дејвис Џуниор, Питер Лофорд и Џои Бишоп е екипата која со ноќи лудува во Лас Вегас. Тие го снимија и филмот Ocean’s 11. Во тоа време, љубовници на Синатра се и Натали Вуд, Лорен Бекол и Викторија Пинципал.

Иако води бурен живот, Френк секогаш бил мошне врзан за своите деца, па во 1963 година доживува вистинска драма, кога го киднапираат неговиот прв син, Френк Џуниор. За среќа, по цена од 250.000 долари, тој го добива синот, а киднаперите се фатени многу бргу. 

Френк и Миа

Третиот брак со 30 години помладата Миа Фероу трае само 16 месеци. И покрај бурната разделба, тие остануваат во коректни односи. Наводно, Френк ѝ понудил на Миа да го претепа нејзиниот тогашен сопруг Вуди Ален, кој ја изневерува со нивната посвоена ќерка, Сун Џи.

„Урамнотежена девојка е онаа што има празна глава и пополнет џемпер"

Четврти пат се одлучува да стапи во брак со Барбара Маркс. Покрај неа успева да се смири и помина 22 години, сè до смртта. Таа поради него преминува во католичка вера, а единствениот скандал кој ја следеше нивната врска е аферата со актерката Ева Барток. На нивната венчавка Ева обелодени дека нејзината ќерка Дина, родена во бракот со друг актер, е всушност на Синатра, но тој никогаш не го призна татковството.

Френк и Барбара

Последниот негов концерт е одржан во февруари 1995 година во Калифорнија. За Синатра се верува и дека страдал од биполарно пореметување, со што се објаснуваат и честите промени во расположението. Последните години од животот ги поминува во помагање на млади таленти и донирање во хуманитарни цели.

Умира од срцев удар, а последните зборови што ги изговара се: „Се губам“. На неговиот гроб пак пишува: „Најдоброто допрва доаѓа“.  Ден после неговиот погреб, најголемите хотели и коцкарници во Њујорк ги изгасија светлата, а њујоршкиот Empire State Building светеше сино во негова чест. Тој е можеби единствениот поради кој градот што никогаш не спие, утрото го дочека во темница.

Барбара години подоцна, објави книга со мемоари насловена како Lady Blue Eyes: My Life With Frank. Таа таму открива тајни за неговиот живот и навики.

Френк се туширал 12 пати дневно и мирисал на лаванда.

-Вдишувањето на мирисот на лаванда, цигари Camel и Jack Daniel од него беше вистинско опивање. Некогаш ништо не правев, само го вдишував тој мирис, за да го сочувам. А имаше и невидена сексуална енергија. Дури ниту Елвис Присли кого еднаш го запознав во Лас Вегас, не можеше да се мери со него – вели Барбара.

Иако со него поминала добар дел од животот, таа признава дека во почетокот не била заинтересирана за Френк.

-Не знаев кој не, но препознав неколку луѓе кои беа со него во друштво. Му кажав дека не ме интересира, дека не сакам да си имам работа со пијаници. Но, кога го вклучи својот шарм, не можев веќе да се бранам – признава госпоѓа Синатра.

Токму поради неа пејачот престанува да пие, но само пред неа. Секогаш наоѓала џин во нивната куќа, а таа во книгата открива дека поради џинот знаел да биде и агресивен.

-Поради алкохолот знаеше да биде лошо расположен, иако му забранував да пие. Се заканував дека веќе нема бидам со него ако продолжи да пие. Кога ќе пронајдев џин во домот, се заклучував во соба и не сакав да разговарам со него – открива Барбара.

Но, тоа не е единственото нешто преку што преминувала кога е Френк во прашање. Никогаш за ништо не ѝ се извинил, а таа се правела глупава дека не знае дека има и други жени покрај неа. Но, својот брак со Синатра го опишува во само една реченица: „Бев најсреќната жена на светот“.

Нема сомнение, Френк Синатра живеел сосема на негов начин!

Објавено:
12 август 2015
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
856 пати