Јосипа Лисац: Секогаш се трудев да останам своја!

20 април 2018

„Не и припаѓам на просечноста, од почетокот барав начин да се создадам себеси и да останам доследна на себе. На концертите се случува една неверојатна експлозија од емоции и колку ги примам истите, толку и ги давам на публиката. Тоа е она што ме прави среќна, прекрасно е што можам да го поделам она што го чувствувам“, вели единствената Јосипа Лисац во едно интервју за novilist.hr.

Фото: josipalisac.com

Во рамки на нејзината турнеја по повод 50 години кариера, музичката дива вечерва ќе одржи гала концерт во новата концертна сала на Македонската филхармонија.

Фото: Cafe del Montenegro

Таа секогаш плени и со комбинациите во кои се појавува и важи за една од најголемите модни икони на Балканот.

За нејзиниот стил, во истото интервју таа ќе каже:

Фото: Elle.rs

„Па тоа не е некаков моден стил, тоа нема врска со мода. Јас имам една посебна врска со сцената, со сценското изразување, со тоа како се покажувам себеси визуелно. Мислам дека луѓето се раѓаат со некакви ставови, со некоја сложеност во главата, пронаоѓаат нешто што им се допаѓа, нешто во што се чувствуваат добро. Некои луѓе ми велат дека сѐ ми стои добро, фризурите, фустаните што ги носам...Најважно во животот е да се осмелите... Да пробувате нови работи и да одберете нешто во што ќе се чувствувате добро. Кога ќе излезам на бина, можеби првите 10 минути ќе ме гледате, но потоа ќе ме слушате. Тоа е важно“, вели Лисац.

Фото: Lifemagguru

Медиумите за неа ќе кажат дека е модна икона која е пред своето време, но таа успешно ги демантира:

„Сакам да кажам дека не сум пред своето време, туку во точно време, но другите доцнеа. Мораш да знаеш да се стилизираш сама. Во модата единствено станува збор за вистинската комбинација, а сето тоа мора да го решиме сами. Нешто мора да биде минимално, додека друго силно нагласено и сето тоа добро да се спои на крајот“, вели таа за Cafe del Montenegro.

Фото: Gloria.hr

Покрај уникатните и секогаш шик комбинации, она по што оваа дама е позната е нејзиниот навистина уникатен и неповторлив глас во кој многумина ќе имаат можност да уживаат вечерва во Македонската филхармонија.

Фото: Novosti.rs

Нејзините песни ги пеат сите генерации. Не постои човек на Балканот кој ја нема запеано нејзината позната „Магла“ или било која од песните од бројните албуми што таа ги има издадено.

Она што мора да се спомене кога говориме за Јосипа Лисац е нејзиниот животен сопатник, Карло Метикош кој и помогнал да ги најде сите скриени таленти во себе. Тие заедно работеле на вкупно 13 албуми и голем број концерти и настапи.

Фото: josipalisac.com

Тој ќе почине неочекувано во 1991 година, а таа секоја година на годишнината од смртта одржува “Концерт на љубовта“.

За него ќе каже:

„Карло и јас живеевме една целосна љубов. Бевме еден на друг деца, пријатели, љубовници, мајка и татко. Сѐ. Кога луѓето во животот така ќе се најдат и ќе се надополнуваат, тогаш тие се сѐ еден на друг“, изјави во едно интервју музичката дива.

Фото: radioljubiski.ba

За сите оние кои досега немале можност да уживаат во нејзината појава и фантастични песни и глас, ќе имаат можност да го сторат истото вечерва на концертот во Македонската филхармонија.

Фото: Синиша Јовиќ

Објавено:
20 април 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
286 пати