Откако се појави како гостинка на кралската венчавка на Меган Маркл и принцот Хари, и со својата грациозност ги освои симпатиите на модната критика, Кити Спенсер, внука на принцезата Дијана, периодов има уште поамбициозна модна агенда.
Иако таа не е ново лице во модниот свет, напротив има богато портфолио како модел и манекенка, се чини дека токму сега ги ужива своите најславни моменти во модните кругови.
Во низата актуелни соработки, меѓу другото Кити Спенсер е и новото заштитно лице на луксузниот италијански бренд за накит Bvlgari со кој и претходно соработувала, но ова е нејзина прва официјална улога како амбасадор на брендот.
„За мене е голема чест да соработувам со најисконскиот брен за накит во светот. Возбудена сум што сум дел од семејството на Bvlgari и што можам да ја искусам нивната пасија и магија", Harper's Bazaar ја пренесува изјавата на Кити.
Инаку, во нејзината кариера како модел, Кити е најпрепознатлива по соработката со познатиот моден двоец Долче и Габана, чии дизајни обожува да ги носи и приватно, на неформални настани, а секако и на јавни појавувања.
Ако ги разгледате нејзините фотографии од јавни појавувања во различни пригоди, ќе забележите дека совршено ја познава својата фигура и знае да ги одбере оние парчиња што најсоодветно и прилегаат. Ќе воочите дека женствените миди фустани, со потенциран струк, се нејзиниот омилен избор.
Ве оставаме да уживате, а можеби и да се инспирирате, во галеријата со нејзини фотографии.