Леонардо ди Каприо: Машка модна икона со непогрешлив вкус

30 декември 2013

Жените лудо го засакаа во 1997 година кога го сними можеби најпознатиот филм во историјата „Титаник“, иако тој и претходно и беше повеќе или помалку познат на публиката.

Во 2002 тој се врати на големото платно и ни порача „Фати ме ако можеш“, а истата година покажа и неверoјатна глума во историскиот „Бандите на Њујорк“ на големиот Мартин Скорсезе.

Безвременскиот Леонардо ди Каприо кој како да не старее, беше дел и од многу други култни филмски остварувања во кои покрај одличната глума, покажа и вистинско чувство за мода и стил.

Иако сите знаеме дека на големите филмови работат голем број на стилисти кои се грижат за облеката на актерите, тој сепак беше единствен во нешто – секое парче облека што му беше доделено тој знаеше да го носи на единствен начин како што ниту еден друг маж не го умееше тоа.

Па кој може да ги заборави совршено скроените костими во романтичниот „Големиот Гетсби“ каде тој ја имаше можеби и најзабележителната улога во неговата кариера.

За филмот сите говореа буквално низ целата година и можеби не толку за суштината и приказната, за која мора да признаеме дека не беше од животно значење, туку за беспрекорните комбинации и лудата сценографија во филмот.

Кога ќе се потсетиме на филмот, најверојатно на многумина првото нешто што им текнува е како прекрасниот актер седи во совршениот бел костим окружен со безброј цвеќиња во пастелни бои во комбинација со преслатките „макарунс“ - сцена што буквално го одзема здивот.

Што се однесува до новото филмско остварување на Мартин Скорсезе под името “The Wolf of Wall Street“, во кое секако главната улога ја има големиот Леонардо, и повеќе од очигледно е дека Армани одлично си ја завршил својата работа. Совршениот крој на костими надополнет со одличното тело на Леонардо и неговиот бескраен шарм и харизматичност се полн погодок кога станува збор за добриот стил. Во комбинација со неверојатните свилени вратоврски, марамчињата, Ролекс часовниците и секогаш добро избраните чевли и во овој филм актерот уште еднаш покажа дека е модна икона за пример на многумина.

Настрана од филмовите, неговиот секојдневен стил е и повеќе од добар. Карираните кошули, поло маичките, очилата за сонце и капите се дефинитивно неговиот заштитен знак за време на лежерните денови. Иако не е голем љубител на прошетките и ретко може да се види како слободно се шета низ улиците, тој и во ретките случаи кога се појавува навистина ја разбранува женската публика.

Кога станува збор за црвениот килим, тој секогаш одбира беспрекорни костими. Без разлика за каков настан станува збор, тој е верен на машката елеганција олицетворена од темните костими во комбинација со елечиња, долги или пеперутка вратоврски.

На него можеме да му посветиме и уште неколку страници, бидејќи и ние сме од оние кои дефинитивно се опиени од неговиот шарм.

За крај, може да заклучиме дека без разлика дали се работи за улога во филм или пак едноставна прошетка и појавување на некој настан, Леонардо ди Каприо е актерот кој сите останати мажи на планетава треба да го земат за пример кога говориме за идиличен вкус за мода!

Објавено:
30 декември 2013
Категорија: 
Модна икона